Сребрен медал за учениците од „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка на меѓународниот кулинарски фестивал „Морски бисер“ во Хрватска

Младите кулинарски таленти од ова паланечко училиште, предводени од нивниот ментор, професорот Дане Петровски, се закитија со втората награда во категоријата за подготовка на традиционални јадења со модерен пристап – дисциплина која бара вешто комбинирање на локални вкусови и иновации.

Учениците од угостителската струка во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка се вратија дома со сребрен медал од еден од најреномираните кулинарски настани во регионот – меѓународниот фестивал на храна и вино „Морски бисер“, што се одржа од 1 до 5 април во Супетар, на хрватскиот остров Брач.

Младите кулинарски таленти од ова паланечко училиште, предводени од нивниот ментор, професорот Дане Петровски, се закитија со втората награда во категоријата за подготовка на традиционални јадења со модерен пристап – дисциплина која бара вешто комбинирање на локални вкусови и иновации.

„Да се биде дел од македонската делегација и да се претставува нашата земја на еден ваков престижен фестивал е огромна чест и одговорност. Но да се вратиш дома со сребрен медал, во конкуренција од над 500 учесници од повеќе од 30 држави – тоа е вистинска гордост“, изјави професорот Петровски по пристигнувањето во Македонија.

Тимот подготвил целосно мени: топло предјадење со модерна интерпретација на топено сирење, главно јадење – пилешко месо во сос од кикиритки со свеж зеленчук, и десерт – неизбежното трилече, кое ја освои публиката и жирито со својата префинетост.

„Овој успех е јасен показател за тоа колку се квалитетни нашите ученици, колку вложуваме во нивната практична обука и каков потенцијал постои во нашите школи. Научија не само рецепти, туку и вредности – посветеност, дисциплина и љубов кон занаетот“, додаде Петровски.

Фестивалот „Морски бисер“ важи за едно од најзначајните гастрономски случувања на Медитеранот, каде што се собираат професионалци од угостителството, меѓу кои шефови, слаткари, ментори и ученици. Организиран од Здружението на готвачи од медитеранските и европските региони „Шкмер“, настанот има за цел да промовира креативност, интеркултурна размена и градење на професионални вештини кај младите генерации.

За учениците од „Ѓорче Петров“, ова не е само награда, туку поттик за понатамошен развој и доказ дека трудот, знаењето и страста секогаш се препознаваат – дури и на меѓународна сцена.

Зачлени се на нашиот е-билтен