Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Tутуноберачите

Фoтосторија на Europe House Skopje

Бербата на тутунот го напојува генерациското градење на идентитетот, додека нивната посветеност и напорна работа ја испишува приказната што заслужува да биде раскажана. Во августовските ноќи некаде кон полноќ, стотици ламби ги осветлуваат полињата со тутун во Пелагонија, а вредните раце на работниците го берат тутунот сѐ до раните утрински часови, кога тутунот е највлажен. Сторијата за тутуноберачите во Прилеп е објавена на веб страната на Europe House Skopje. Фотографиите се на Томислав Георгиев.

Во нашата земја, жетвата на тутунот или уште наречена бербата на тутунот е земјоделска активност и вековна традиција длабоко проткаена во културното и економското уредување на земјата. Одгледувањето и бербата на тутунот се трудоинтензивна дејност и мошне деликатна задача што бара максимална посветеност од страна на аргатите во периодот на жетвата. Тутунот е стратешка култура од чие производство живеат околу 40.000 семејства. Нашата земја е на 30 место по количество на производен тутун во светот (27.000 тони), а на 15 место по вредноста на остварениот извоз на тутун во светски рамки. Најголеми увозници на тутунот од земјата се САД и Германија, односно мултинационалните компании што имаат пристап преку фабричко производство на тутунот на македонското поднебје.

„На кантар студен со туч го мерат
а можат ли да го измерат,
нашиов тутун — нашава мака
нашава солена пот!“

Кочо Рацин, Тутуноберачите

Една од најпознатите песни на поетот Кочо Рацин од стихозбирката „Бели мугри“ е тематски посветена на тутуноберачите и социјалните аспекти од нивниот живот. Преку реалистичен и симболичен израз, Рацин ги прикажува тежината на нивната работа, борбата за егзистенција и поврзаноста со природата, што претставува суштински дел од македонската културна и книжевна традиција во деветнаесеттиот и дваесеттиот век. Преку аргатски мотиви, Рацин ја овековечува вечната македонска борба на бескрајното тутунско поле. Тутунот е персонифициран како непријател на работниците, а сепак описите за работата на тутуноберачите на полето се најпоетскиот дел од песната:

„Од темни зори на утрини летни
до никоја доба на вечери зимни
тој гладно пие тагата наша
и потта и крвта и снагата ни.“

Кочо Рацин, Тутуноберачите

Збор-два за тутуноберачите

Бербата е првенствено спроведена од вредни семејства кои ги усовршувале своите вештини и своето знаење за жетвата го пренесувале векови наназад. За време на сезоната на жетва, која обично почнува кон крајот на летото и можела да се прошири сѐ до есента, учествуваат цели семејства. Мажите, жените, а понекогаш дури и децата, придонесуваат во бербата на листовите тутун, добивајќи ја титулата на тутуноберачи. Работниците стануваат рано наутро пред мугри, за да ја избегнат големата пладневна жештина. Жетвата почнува со кубење на долните созреани листови и постепено се движи нагоре како што одминува сезоната. Листовите мораат да се берат внимателно за да не се оштетат, бидејќи цената што ќе ја добијат на пазарот зависи од тоа колку се квалитетни листовите. Овој макотрпен процес бара огромно трпение и прецизност, а потребно е и теоретско знаење за растението и неговите процеси.

„Жолт — жолти прави лицата бледни
и жолта гостинка у градите носи.
По утрини росни, по мугрите пресни,
наведени ничкум по полињата родни
Зачмаени ние го береме.
          Кочо Рацин, Тутуноберачите

Тутунот и македонските села

Одгледувањето тутун е првенствено концентрирано во регионите на Прилеп, Битола и Ресен, односно во пелагонискиот регион, каде што климатските и почвените услови се најидеални за плодотворна жетва. На овие простори тутунот е многу повеќе од земјоделска култура и го обликува целиот егзистенцијален пат на селаните. За многу од овие семејства тутунот е примарен (или единствен) извор на финансиски примања. Периодот на жетва носи уникатен ритам во селскиот живот, каде што целите заедници се вклучени во процесот на берба и обработка. Воздухот е исполнет со слаткиот, земјен мирис на сувиот тутун, а полињата оживуваат со звуците на жетвата – смеата и разговорите на работниците измешани со хармоничните шумолење на лисјата. На територијата на нашата земја, тутунот е засаден на површина од над 13 илјади хектари, од кои 6.730 хектари се само во прилепскиот регион.

„Лист по лист кини,
лист по лист нижи,
лист по лист превртуј, притискај,
лист по лист милно, таговно реди
и на долга низа од капки пот
и надеж со клетва и зелена јад,
со коров поглед на очите матни
по кревките лисја жолтозлатни
прикаска горка на живот клет
нанижи безгласна а така јасна.“
  Кочо Рацин, Тутуноберачите

Работата на тутуноберачите е навистина исцрпувачка. Традицијата се среќава со промените од последните години, каде што тутунската индустрија во земјата се соочила со значителни предизвици, вклучувајќи ги варијабилните пазарни цени, конкуренцијата од поголемите производители и менувањето на земјоделските политики. Промената на климата влијае локално ниво и можеме да ги забележиме климатските промени во производството на тутунот, каде што родот е намален од 30 до 40 отсто. Годишната реколта страда од дождовите во време на садење на тутунот, листовите се нападнати од различни болести, а згора на тоа, во најважниот период на раст на родот сушата ја напаѓа бербата поради зголемените температури во земјата. Она што останува од родот е мошне мало количество во споредба со минатите години. Сепак, и покрај тешкотиите, традицијата на одгледување тутун опстојува, а меѓу тутуноберачите има силно чувство на гордост. Бербата на тутунот го напојува генерациското градење на идентитетот, додека нивната посветеност и напорна работа ја испишува приказната што заслужува да биде раскажана. Во августовските ноќи некаде кон полноќ, стотици ламби ги осветлуваат полињата со тутун во Пелагонија, а вредните раце на работниците го берат тутунот сѐ до раните утрински часови, кога тутунот е највлажен.

„Денот ли дојде тој да се мери —
мерка му нема, а в градите длаби
без да се запре, без дно да најде
не тага а клетва, и в очите матни
и не сакајќи сама се дига
фурија“
  Кочо Рацин, Тутуноберачите

Тутунарите бараат покачување на цените на тутунот, а се соочуваат и со голем дефицит на работна рака, зашто младите сѐ помалку се интересираат да работат аргатска работа, особено што не може секој да биде тутуноберач, туку потребно е искуство и знаење од оваа област. Имајќи го ова предвид, тие веруваат дека ако производството на тутун станува сѐ поскапо, тогаш идните години ќе се произведува значително сѐ помалку тутун. Точниот број аргати потребни за оваа работа во нашата земја не е утврден, бидејќи обемот на работа се менува од ден на ден. Тие што можат, ја завршуваат бербата со помош на блиските, додека преостанатите ангажираат сезонски работници. Работниците на оваа макотрпна работа се на возраст од 40 до 70 години со долгогодишно теоретско и практично искуство што се пренесувало од генерација на генерација. Тие често работат во тешки услови, под отворено небо, изложени на силното сонце или на остриот дожд, но нивната пожртвуваност и посветеност се од суштинско значење за успешното собирање на реколтата. Со годините, оваа работа станува сè потешка, но за многумина од нив, таа е единствениот начин за егзистенција.

„Кантарот носи лисјето златно
а в гради луто далгите беснат
на жолтата мака — на жолтиот тутун
на жолтата пот на рацете ни!“

Кочо Рацин, Тутуноберачите

Така и песната на Рацин совршено ја опева приказната за листот на тутунот и неговото производствено патешествие, за работниците и за нивната работа од утро до мрак и последиците од оваа макотрпна дејност. Во неговите стихови се чувствува и гордоста и тагата на оние што го посветуваат својот живот на оваа работа и преку впечатливата симболика на тутунскиот лист, Рацин не само што ги прикажува физичките предизвици на работниците туку ја пофалува и ја нагласува нивната духовна сила и упорност.

Автор Доротеа Огненовска

Фото Томислав Георгиев

Сторијата е објавена на веб страна на Euope House Skopje

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново