Универзитетскиот професор Ванчо Узунов, познат по своите директни ставови, во интервју за „Независен“ ги анализираше економските политики на Владата, посветувајќи посебно внимание на унгарскиот кредит од 500 милиони евра, рекордниот предлог-буџет за 2025 година и неопходните реформи за економски напредок.
Според Узунов, унгарскиот кредит е земен без анализа и реална потреба. Тој смета дека Владата преку ова ги централизира ингеренциите на општините наместо да ја поттикне нивната финансиска независност. „Општините немаат капацитет да потрошат толку пари за една година. Тротоарчиња и бехатон не развиваат држава,“ вели Узунов.
За делот од кредитот наменет за компании, тој е категоричен дека банките во Македонија се ликвидни и веќе даваат кредити со пониски каматни стапки од оние што ги нуди унгарскиот заем. „Владата не треба да им дава пари на компаниите, туку да креира систем во кој банките ќе преземаат поголем ризик,“ додава тој.
Узунов го опишува односот на Владата со банките како феудален, наместо како модерен и пазарен. Тој предлага воведување прогресивен данок на добивка како начин да се соберат средства за општествени потреби, без директен притисок врз приватниот сектор.
„Владата треба да направи систем кој ќе функционира самостојно. Ова што го прави сега е молење на банките во име на некаква солидарност, што е непазарно и застарено,“ објаснува професорот.
Узунов смета дека многу од економските мерки на Владата, како кредитите за општините и еднократното зголемување на пензиите, се исклучиво предизборни потези. „Партискиот интерес им е поважен од националниот, што е опасна дијагноза,“ вели тој, додавајќи дека ваквите политики ја загрозуваат довербата во институциите.
Професорот апелира за системски реформи и модерни економски политики, кои ќе обезбедат одржлив развој и подобар стандард за граѓаните.