Владата без синдикатите ќе одлучува за минималната плата – работниците ќе добијат само усогласување од 2.200 денари

Минималната плата за март оваа година, која ќе се исплати во април, ќе биде зголемена за 2.200 денари и ќе изнесува околу 24.400 денари, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој ова го соопшти по поставување на камен темелник на мега-паркот со плоштад во населба Радишани, одговарајќи на новинарски прашања.

Со ова зголемување, барањето на Сојузот на синдикатите за минимална плата од 500 евра се поништува, но останува нејасно како ќе се донесе конечната одлука за минималната плата според законот, кој бара мислење на Економско-социјалниот совет, кој во моментов е парализиран, поради неутврдената репрезентативност на синдикатите.

Премиерот Мицкоски одговори на новинарско прашање за закажувањето на седницата на Економско-социјалниот совет, објаснувајќи дека денеска ќе се одржи владина седница на која ќе се разгледува ова прашање.

„Јас разговарав со министерот за економија и труд и денеска ќе се разгледа информацијата согласно со законот. Според тоа, минималната плата ќе се зголеми на 24.400 денари, така како што пропишува законот. Во моментов, немаме репрезентативен синдикат во Економско-социјалниот совет, но се формира комисија која ќе ја утврди репрезентативноста. Се надевам дека тие кои ќе бидат избрани како репрезентативни претставници на работниците, заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние ќе го почитуваме тој консензус“, рече Мицкоски, нагласувајќи дека зголемувањето кое ќе биде исплатено со мартовската плата ќе биде околу 2.200 денари повеќе.

Запрашан што ќе се случи ако работниците и работодавачите постигнат договор за поголем износ на минималната плата во април или мај, премиерот одговори: „Нема проблем, ние ќе го промениме законот и ќе го извршиме дополнителното нивелирање“.

Според актуелниот Закон за минимална плата, висината на минималната плата во бруто износ се усогласува секоја година во март, на база на 50% од порастот на просечно исплатената нето-плата и 50% од порастот на индексот на трошоците на живот за претходната година, согласно со податоците на Државниот завод за статистика.

Дополнително, во законот се наведува дека минималната плата не може да биде пониска од 57% од просечно исплатената нето-плата за претходната година. Но, исто така, Министерот за труд и социјална политика треба да ја објави висината на минималната плата по претходно мислење од Економско-социјалниот совет, што во овој случај не се случило, бидејќи не е утврдена репрезентативноста на синдикатите.

Зачлени се на нашиот е-билтен