Во пресрет на протестот во Белград, повторно дојави за бомби во возовите на „Србијавоз“

Компанијата „Србијавоз“ попладнево соопшти дека добиле анонимна дојава дека на сите возови и пруги се поставени експлозивни направи и дека целиот патнички сообраќај е засега суспендиран. Во соопштението на веб-страницата на компанијата пишува дека сообраќајот на сите патнички возови е суспендиран додека надлежните државни органи не ги извршат потребните проверки.

Меѓуградскиот железнички сообраќај во Србија беше суспендиран и кон средината на март кога се одржа голем протест во Белград – и тогаш „Србијавоз“ објави дека добиле дојава за бомби во возови.
Белградски медиуми јавија дека меѓуградскиот автобуски превоз исто така ќе претрпи откажувања на поаѓања кон и од Белград.

Нов граѓански протест е закажан за в сабота, 28 јуни, во Белград, на повик на студентите во блокада.

Студентите во блокада бараат распишување вонредни парламентарни избори и утврдување на одговорноста за падот на бетонската настрешница во Нови Сад во ноември лани кога загинаа 16 лица.
Во меѓувреме, неколку дена пред студентскиот протест во Белград, низ цела Србија има апсења, имено – седум лица беа уапсени во две одделни операции. Студент од Универзитетот во Белград е обвинет за повикување на „насилна промена на уставниот систем“, а шестмина се обвинети за планирање „насилна промена на власта“ во Србија. 
Во меѓувреме, попладнево и министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, предупреди дека секој обид за насилство ќе биде спречен и санкциониран, а во пресрет на најавениот студентски протест утре на Видовден, апелираше собирот да биде мирен.
„Припадници на МВР ќе бидат распоредени низ целиот град за време на утрешните протести во Белград“, изјави Дачиќ за РТС.

„Предупредувам да не се напаѓаат припадници на полицијата и институциите. Се надевам дека се ќе помине мирно. Секој што ќе стори кривично дело ќе биде санкциониран“, рече Дачиќ. 

Зачлени се на нашиот е-билтен