Пред „Сарајот“ во Ресен вечер ќе биде отворен 23. Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“ кој ќе почне со ретроспектива на досегашни добитници на наградата за животно дело „Актер на Европа“. Оваа година тоа признание го добива познатиот актер и режисер Брајан Мајклс од Германија, за кого ќе биде прикажан уметнички портрет на сите негови театарски и сценски креации.
Во официјалната конкуренција на фестивалот оваа година ќе бидат претставите: „Lebensraum, експеримент во добрина“ на „Театро Парамитиас Теспротиас“ од Грција, „Артист на таванот“ од Косово, авторски проект на Агрон Гергури, „Нушиќ лично“ по текст и во режија на Миодраг Илиќ, во изведба на Народен театар на Тимочка Краина од Србија, и претставата „Јелена Савојска“ од Црна Гора во изведба на Јелена Ѓукиќ, која ќе биде изведена на завршната вечер на 11 јули кога ќе бидат доделени и наградите.
Македонски претставници на годинашното издание на фестивалот „Актерот на Европа“ ќе бидат претставите „Фетишист“ – авторски проект на Здравко Стојмиров, по текст на францускиот писател Мишел Турние, во продукција на Народен театар Битола, и „Сега му е мајката“ по текст на Горан Стефановски, во изведба на Алтернативен театар Пробатон.
На свеченото отворање на фестивалот се најавени обраќања на градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, претседателот на жирито, Гоце Ристовски, а беседа за лауреатот Брајан Мајклс ќе одржи претседателот на фестивалот, Јордан Плевнеш.
Признанието „Клучевите на Преспа“ ќе го добијат – Џемс Петифер од Велика Британија, почесен професор на Универзитетот Оксфорд, автор на светскиот историски бестселер „Езерата и империите во македонската историја“, и професорот од Медицинскиот факултет и поранешен ректор на Скопскиот универзитет, Никола Јанкуловски.
Традиционалната Голема повелба „Балканот – Срцето на Европа“ оваа година постхумно ќе му биде доделена на албанскиот писател со светско реноме Исмаил Кадаре, кој го поддржувал овој фестивал од неговиот почеток во 2003 година.
Како што соопшти Меѓународниот универзитет „Europa Prima“, ова признание ќе го понесат и грчкиот писател и театарски режисер Танасис Триаридис, композиторот од Србија Саша Драгиќ, и проф. Љубомир Кекеновски од Македонија, претседател на Научниот совет на Академија „Балканика Еуропеана“.
Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“ е основан во 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Преспанското Езеро за Меѓуграничен европски парк – меѓу Македонија, Грција и Албанија.
Фестивалот доделува награда за животно дело „Актер на Европа“. Прв добитник на ова признание беше Љуба Тадиќ од Белград, а меѓу лауреатите во изминатите над две децении беа и Јон Карамитру од Романија, Милена Зупанчич од Словенија, Ана Патресон од Шведска, Марсел Бозоне од Франција, Раде Шербеџија од Хрватска, Брус Мејерс од Велика Британија, Милан Кнашко од Словачка, Енико Есењи од Унгарија, Ива Јанжурова од Чешка…