Во име на групата и здружението „35 години Вардарци“ ги демантираме сите лаги кои ги изрече лицето Миленко Неделковски. Во своите обиди да го разниша единството кое владее помеѓу Вардаровата јавност и со цел поткопување на заедничкиот став против Управата на клубот, дотичното лице повторно се служи со лажни обвинувања без притоа да приложи било каков аргумент, реагираат во Фејсбук објава од здружението.
-Целта на овие напади е јасна: дефокус и избегнување на личната одговорност за досегашното лошо менаџирање на клубот и создавање лажна слика дека некој друг, а не самиот тој, е виновен за атмосферата на релација навивачи – Управа. Неделковски со своите обвинувања се обидува да ги внесе навивачите во политички конфликт, обидувајќи се да ги прикаже како алатка на некоја агенда која не постои, пишуваат тие.
Тие велат дека нивниот став е јасен, Борјан Ефтимов, лицето кое во своите објави Миленко Неделковски го поврзува со нивната група и здружение, ниту е член на здружението, ниту е дел од основачкото Собрание.
-Со самото тоа, паѓа во вода обвинувањето дека здружението во било кој момент било злоупотребено за цели кои не се поврзани со основните начела на здружението, а тоа се афирмација на ФК Вардар и борба за клубот. Како што сме биле, така и остануваме – до крај верни на клубот и групата!, велат од здружението „35 години Вардарци“.
Тие додаваат дека Неделковски во своите објави оди дотаму што го нарекува Ефтимов „отпадок“ и „терорист“, обвинувајќи го дека се инфилтрирал во здружението со цел да го злоупотреби за партиски интереси.
-Во една од своите објави, тој прашува: „Дали останатите членови на здружението се истомисленици со анти-ВМРО настроениот Бојан, или овој отпадок им се има инфилтрирано за да ги искористи и злоупотреби во партиски цели?“ Вакви квалификации се недолични и неприфатливи, бидејќи се засноваат на лични предрасуди и немаат никаква врска со вистината. Сметаме дека ваквите квалификации се крајно навредливи и штетни за навивачката заедница, бидејќи внесуваат раздор и непотребна тензија. Наместо да се фокусира на суштинските проблеми со управувањето на клубот, Миленко Неделковски се обидува да го пренасочи вниманието кон индивидуи, создавајќи лажни конфликти и раздор меѓу вистинските навивачи на Вардар. Ние остануваме посветени на нашата мисија: поддршка на ФК Вардар и борба за неговото добро, без разлика на политичките и личните интереси на поединци кои сакаат да профитираат од вештачки создадени конфликти, велат тие.

Ефтимов е активист и организатор на протестите „Кој е следен“ а изминатиот период е под постојан напад на Извршниот директор на фудбалскиот клуб Вардар, Миленко Неделковски, кој се обидува да покаже дека овие протести се со политичка позадина.