Живеј здраво, движи се паметно, грижи се за природата – три видеа што ќе ве инспирираат да направите мала, но важна промена

Што ако ви кажеме дека здравиот живот и чистата животна средина се реална можност која зависи од нас самите? Што ако ви покажеме дека секојдневните одлуки – како да се рекреирате, како да се движите низ градот или како да му помогнете на дивиот свет – се малите чекори што водат кон големи промени?

Со три кратки и инспиративни видеа, го следиме Војо – зоонегувателот и љубител на природата – кој ни покажува како секој од нас може да биде дел од решението.



Уживањето во природа е посебно искуство. За вистински да го искусите – подгответе се правилно!
Првото видео нè води на Водно, каде што Војо, подготвен со ранец и планинарски дух, ни демонстрира што значи вистинска рекреација во природа. Од облека, преку храната и водата, до првата помош и заштита од инсекти – ќе дознаете сè што ви треба за безбеден, пријатен и одговорен престој во шумата.


Правилен начин за патување кон зелена иднина

Во второто видео се префрламе во урбана средина, каде што Војо – овојпат со велосипед и електричен тротинет – ни покажува како алтернативниот транспорт може да ја промени секојдневната рутина. Помалку сообраќаен метеж, помалку загадување, повеќе движење и расположение! Можеби токму ова ќе биде мотивација да го оставите автомобилот дома… барем понекогаш.


Да ги чуваме птиците – тие имаат клучна улога во зачувувањето на балансот во природата

Во третото видео се враќаме во природата, овојпат во срцето на Градски парк, каде што Војо нè потсетува дека грижата за животната средина не значи само што земаме од неа, туку и што ѝ даваме назад. Ќе научите зошто птиците се важни за екосистемот и – најубаво од сè – ќе видите како можете сами да направите хранилка за птици со само неколку предмети што сигурно веќе ги имате дома.


Живееме во време кога секоја мала акција значи многу. Без разлика дали се рекреирате во природа, одбирате велосипед наместо автомобил или храните птици во зима – сите тие гестови се дел од истата приказна: здрав живот за нас, здрава животна средина за сите. Придружете му се на Војо и инспирирајте се да бидете дел од промената.

Природата ве повикува – одговорете ѝ со движење!

Зачлени се на нашиот е-билтен