Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Шекспир фестивал во Битола, концерт на Ѓуричко, изложба на јапонски дрворези, видео арт филмови, алтернативна фотографија, улично дефиле

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме изложби, видео арт филмови, театарски претстави, концерт, улично дефиле… Гледајте, читајте, слушајте…

Театар: 10. Шекспир фестивал во Битола

Со цитатот од драмата „Венецијанскиот трговец“ – „Месечината јасно свети во ноќите како оваа“ – како мото, вечерва (петок, 28 јуни) во 20 часот ќе биде отворено јубилејното 10. издание на Шекспир фестивалот во Битола со изведбата на претставата „Едвард Втори“ во режија на Андриј Жолдак, копродукција помеѓу Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес и Драмски театар од Пловдив, Бугарија.

В сабота (29 јуни) на програмата е претставата „Хамлет – денот на убиствата“ во режија на Марјан Неќак. Современото видување на приказната за Хамлет освои награда во Нови Сад минатиот месец. Вториот фестивалски ден го содржи и гостувањето на Катс Шахне театар од Истанбул со претставата „Цезар“ во режија на македонската режисерка Сибел Абдиу.

Во недела, 30 јуни, „Имперфект денсерс“ компани од Италија кои ќе се претстават со светската премиера на нивното видување на „Отело“. „Имперфект денсерс“ по трет пат гостува на Шекспир фест.

На 1 јули (понеделник) гостува театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп со претставата „Бура“. Фестивалот ќе биде затворен на 2 јули со „Ромео и Јулија“ на Театарот „Тоша Јовановиќ“ од Зрењанин, Србија.

Дизајнот на визуелното решение за 10. „Битола Шекспир фестивал“ е на Сашо Илковски и е графичка интервенција врз фотографија на Месечината фотографирана од авторот на ‎15 ‎јуни ‎годинава.

-Во 2010 година, како дел од програмата Lunar Reconnaissance Orbiter” (LRO) на NASA, дигитална копија од делата на Шекспир беше испратена на Месечината. Ова беше дел од проектот Moon Arts Ark, кој имаше за цел да ги зачува човечките уметнички дела и културното наследство. Според тој модел доколку дојде до апокалипса би можело да се реконструира целата цивилизација, онаква каква што денес ја знаеме, каква и да е, посочува директорот на Битолскиот Народен театар Иван Јерчиќ.

Изложба: „Јапонскиот лебдечки свет“

Амбасадата на Јапонија и Културно-информативниот центар – Скопје ја организираат изложбата на големите јапонски мајстори за дрворези кои го отсликуваат јапонскиот лебдечки свет УКИЈО-Е од XVII и XVIII век.

Изложбата ќе биде отворена вечерва (петок, 28 јуни) во 19 часот, со учество на јапонскиот амбасадор во земјава Оцука Казуја, директорот на Културно-информативниот центар – Скопје Антонио Димитров,  Маја Стефкова од „AOTS- Македонија“ и кураторот на изложбата Јасмина Намичева.

По повод 30 години од воспоставувањео на дипломатските односи меѓу двете земји изложбата патуваше со 30 УКИЈО-Е реплики во Велес, Прилеп, Ресен, Охрид, Македонски Брод, Свети Николе, Неготино, Гевгелија и Богданци за да се врати во Скопје со поддршката на Културно-информативниот центар – Скопје.

УКИЈО-Е репликите се донација од Друштвото на македонско-јапонско пријателство и соработка за Музеј на Град Скопје и патуваат благодарение на Горан Антевски, „Раде Кончар ТЕП“ и „AOTS- Македонија“ на инцијатива на Јасмина Намичева и Амбасадата на Јапонија. За време на изложбите во сите градови, „МузеумЛинк“ и „Архифакт“ организираа ликовни работилници за ученици. 

Изложбата во Скопје ќе биде отворена до 5 јули годинава. 

Проекција на кратки видео арт филмови на 6. издание на изложбата „Фемина 8“

Шестото издание на изложбата „Фемина 8“, со проекција на 13 кратки видео филмови од домашни и странски автори ќе се одржи денеска (петок, 28 јуни) во Скопје, во Кинотека на Северна Македонија.

Изложбата е кураторски проект на Јана Манева-Чупоска во рамки на програмските активности на Друштвото на ликовните уметници на Македонија – ДЛУМ, кој има за цел да обедини повеќе различни ликовни стилови, знаци и пораки.

На изложбата „Фемина 8“ досега учествувале над стотина македонски и странски ликовни уметници. Препознатлива е по карактерот и ликовниот израз кој во себе содржи повеќе ликовни медиуми, од класичното штафелајско сликарство сè до концептуални формати и нови медиуми.

Изложбата е проект во која се следи жената како субјект/објект и нејзината улога во повеќе сегменти: историски, социолошки, философски, религиски и други аспекти и гледишта. „Таа“, според основното етимолошко и граматичко значење се толкува како лична заменка за трето лице еднина од женски род.

-Оваа лична заменка се користи да се означи или посочи некоја именка од женски род, која и не мора да е присутна во моментот на зборување“. Во ликовен контекст, асоцијативно, од граматичката основа на самиот збор „Таа“, но во проширен уметнички контекст на истражување, сите овие асоцијации придонесуваат за дефинирање на насловот на видеата. Присвојните заменки се дополнителен истражувачки предизвик во концептот на надополнување на насловот на видеата „Таа“, во комуникација со присвојните заменки: таа, нејзин/нејзина/ нејзино/ нејзини, неа ја, нејзе ѝ, неа, се посочува во најавата за изложбата.

Проектот „Фемина“ е дел од Годишната програма на ДЛУМ и годинашната програма на Скопското културно лето.

Кураторката на проектот Јана Манева-Чупоска е редовен професор на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет и е актуелен претсеадтел на ДЛУМ. 

Mеѓународен фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“

Со меѓународна изложба на аналогна фотографија вечерва (петок, 28 јуни) во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ ќе биде отворен третиот Mеѓународен фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“.

Како што информираат од Фестивалот, делата, испратени на отворен повик се избрани од деветчлено меѓународно жири и претставуваат своевиден пресек на современите текови во светската фотографија. Ќе бидат претставени над 20 автори од цел свет.

На 10 јули годинава во галеријата на Факулетот за ликовни уметности – Скопје, во Сули ан, во 20 часот, ќе се отворат две авторски изложби: „Форма“ на Наталија Копкина од Хелсинки и избор на дела на Бабакк Хаџи од Техеран. Двајцата се современи алтернативни автори.

На 12 јули во Монтажната галерија, во Паркот на франкофонијата, во 20 часот, ќе биде отворена авторската изложба „Еден“ на Тијана Борбељ од Нови Сад.

Носечката активност на „Зрно“ и она што го прави единствен фестивал во светот – работилниците за алтернативни, благородни фотографски процеси, годинава ќе се одржуваат во село Смилево, во смилевскиот манастир „Св. Петар и Павле“. Гости ментори ќе бидат  Миша Кескеновиќ од Словенија, Михаел Лаубш од Австрија, Ивана Томановиќ од Србија, Стиг Марлон Вестон од Норвешка, Предраг Узелац од Србија, Дамиан Диаконеску од Романија, Емилија Сандиќ и Стефан Стефановски, студенти по фотографија на академијата во Нови Сад и дел од тимот на „Зрно“. 

Во Смилево ќе се одржат и две изложби – на Миша Кескеновиќ и на фото клубот Ирис од Темишвар. Изложбите ќе се одржат на отворено, а ќе има  и проекција на филм, во соработка со „МакеДокс“ и манифестацијата Смилевски конгрес – Смилево, Демир Хисар и други активности.

По завршувањето на работилниците за благородни фотографски процеси во Смилево, ќе биде поставена изложба на избрани дела настанати на работилниците.

Улично дефиле и претстава „Сонот на Ерберт“

Францускиот институт во Скопје и фестивалот „Скопско лето“ ве канат на спектакуларното затворање на прославата на 50-годишнината од постоењето на Францускиот институт во Скопје со улично дефиле и претстава, насловени „Сонот на Ерберт“.

Изведбата е на француската театарска трупа „Кидам“ (La Compagnie des Quidams), која има од 100 до 150 настапи годишно и тоа низ целиот свет.

Настанот ќе се одржи на 29 јуни (сабота), со почеток во 21:00 часот, а почетно место е Музејот на град Скопје, потоа низ улица „Македонија“, преку Камениот мост до плоштадот „Карпошово востание“, каде што ќе се одржи финалето на претставата.

Низ волшебна музика, пет обемни фигури, високи 4 метри, ќе изведат магичен ритуал преку кој ќе ѝ овозможат на една ѕвезда да се издигне на небото…

Претставата е наменета за сите возрасти.

На крајот на претставата, на фасадата на „Ибни Пајко“, ќе биде прикажан видео-мапинг на македонскиот визуелен уметник Емил Петро, насловен како „Франција во светлина“.

Kонцерт: Никола Ѓуричко и „Џони Миднајт Трио“ бенд

На 3 јули (среда) во 21.00 часот, на терасата на Јавна соба, концерт ќе одржат Никола Ѓуричко и неговиот бенд „Џони миднајт трио“ .

Овој неодамна формиран рок бенд е како да гледаме стaри ноти на песни на легендарни екс-ЈУ бендови, но со многу силен личен печат. Обработените песни, кои ги слават авторите кои ги почитуваат како Џони Штулиќ, ЕКВ, „Шарло акробата“ и други, се отсвирени многу поинаку. Нивната песна “Лептир” личи како да е створена во раната фаза на новиот бран, под големо влијание на британската сцена.

Никола Ѓуричко важи за еден од најдобрите балкански актери со холивудска кариера, успешен регионален стендап комичар, а глобално се прослави преку ликот на Јури во мега-популарната продукција на Нетфликс, „Stranger things.”

Во неговата филмска кариера оствари запаметени улоги во култните филмски остварувања како „До коска” (Do koske), „Молњи” (Munje), „Кога ќе пораснам ќе бидам Кенгур” (Kad porastem bicu Kengur), „Зона Замфирова”, како и во ТВ серијалите „Ќе се вратат штрковите“, „Монтевидео“… Меѓу другото, имаше и епизодна улога во хитот „Светска војна Зед“ (World War Z) и сцена со Бред Пит:

Билетите можат да се набават преку www.drugastrana.mk/event/djoni-midnajt/.

Треба да знаете
Moже да ве интересира