За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме театарски претстави, документарни филмови и концерт. Гледајте, читајте, слушајте…
Театар: „Едвард II“ на Велешкиот театар и „Сергеј е многу глупав“ на Охридскиот театар на „Охридско лето“
Театарската претстава „Едвард II“ од Кристофер Марлоу е копродукциски проект на Театарот „Јордан Х.К. Џинот“ од Велес и Драмски Театар Н.О. Масалитинов, од Пловдив, Бугарија. Режијата е на Андриј Жолдак, а претставата ќе биде изведена во склоп на драмската програма на „Охридско лето“ на 6 август (недела) со почеток од 21 ч. на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“.
Режисерот Жолдак најавува претстава со неколку различни насоки. Главната насока е приказната за „Едвард II“ во драмата на Марлоу, проследена од „Ричард II“од Шекспир. За него се интересни темите како односот татко и син, во отсуство на мајката, мотивите на моќта и луксузот, прекумерното уживање, енергијата на младите луѓе и нивната дирекност. Исто така, бракот на Едвард и обидот за создавање семејство, а потоа и промената на сексуалната ориентација на Едвард и неговата страсна љубов кон мажите.
-Есенцијално е и лудилото на напуштената жена – сопругата и кралицата и планот да се убие сопругот. Исто така, темнината на човечката психа, психолошките и сексуалните односи помеѓу луѓето. Сепак, крајниот конфликт на 21 век е конфликтот за превласт, меѓу мажот и жената, и во текот на оваа претстава ќе видиме како тоа се одвива. Овие нишки се раскажуваат низ различни театарски форми, од психолошки вистинити ситуации до ритуален театар и од современиот физички театар до можниот театар на иднината. Во центарот на приказната се актерите кои се вистински личности и преку нив можеме да видиме и нешто за луѓето кои живеат денес, во 2023 година, вели Жолдак во експликацијата на неговиот „Едвард II“.
После постановките на „Електра“ и „Соларис“ во МНТ, „Едвард II“ е трета претстава со македонски актери на режисерот од Украина. „Ме фасцинира нивната отвореност кон театарот и нивната желба да живеат!“, вели Жолдак за актерите.
Андриј Жолдак (1962 г.во Киев), дипломирал режија на московскиот Институт за филм и театар, под менторство на прочуениот руски режисер Анатолиј Васиљев. Авторската поетика на Жолдак, како и неговиот режисерски ракопис, несомнено се резултанти на неговите перманентни интереси за филмот (Фелини, Бергман, Параџанов, Тарковски) и на истражувањата во областа на ликовните уметности. Повеќе години Жолдак го управувал Државниот академски драмски театар „Тарас Шевченко“ во Харков, на чија сцена режирал пет големи проекти кои, освен изведбите во Украина, биле изведени на престижни фестивали во повеќе од триесет европски земји. Жолдак е еден од водечките театарски режисери во Европа со повеќе од 40 поставки и со десетици награди и признанија.
Драматург на претставата е Сашо Димоски, сценографијата е на Андриј Жолдак и Даниел Жолдак, костимите на Симон Мачабели и Раде Василев, а музиката на Сашко Костов.
Во претставата играат Борис Крстев и Илин Јовановски (Едвард II), Јована Миладинова, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Бранко Михајлоски, Кире Ацевски, Никола Петковиќ, Сандра Танчева…
Театарска претстава „Сергеј е многу глупав“ од Димитри Данилов, во режија на Дејана Николовска, во продукција на Народниот театар Охрид, ја разигрува ситуација во која се кршат границите на реалноста во животот на еден актуелен современ лик – компјутерски програмер кога ненадејно и на „голема врата“ во неговиот живот влегува апсурдот. Од Сергеј се очекува брзо и вешто да научи да комуницира со него, нешто за кое тој однапред нема напишан„код“, вели авторката Николовска за нејзината поставка.
Во претставата, наједноставната животна ситуација одеднаш се претвора во егзистенцијална ситуација. Курири–доставувачи, неочекувано доаѓаат кај програмерот и уште од прагот соопштуваат дека имаат намера да поминат точно еден час со Сергеј, по што ќе му дадат пратка со непозната содржина.Од овој момент па натаму, започнува надреалнo шоу кое го вовлекува гледачот во динамична игра во која дијалозите и хероите ги рушат сите очекувани театарски стереотипи и во која крајот за гледачите е целосно непредвидлив. Страв од средбата со „непознатото“, обидот да се погледнат првичните работи од нов агол, сево ова го оттргнува ликот од вообичаената рутина и му го разнишува светот. Повеќе ништо нема логика. Обичниот живот му е претворен во апсурд. Со други зборови, сите ние можеби сме „Сергеј“ на нашето време.
Оваа сатира, која за прв пат се поставува во С. Македонија, ни открива автентична поетика на автор со длабоки познавања на руската литература и теорија: ова драмско дело можеме да го вброиме во наследниците на руската „авангарда“, најавува Николовска.
Дејана Николовска (Скопје 1981 г.) е само втората Македонка која има завршено театарска режија во Москва на ГИТИС, Руската академија за театарска уметност (после Иван Поповски), каде што студирала во класата на проф. Леонид Хеифец. Од 2005 – 2009 г. работи како асистент-педагог на катедрата за режија во класите на професорите Олег Кудрјашов и Леонид Хеифец. Моментално ги завршува магистерските студии и е слободен уметник, а освен театарот се занимава и со филм.
Претстава „Сергеј е многу глупав“ е домашниот креативен адут на Народниот театар Охрид на „Охридско лето“. Претставата ќе биде изведена на 10 август (четврток) од 21 ч. на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“.
Шведски документарни филмови
Деновите на шведските документарни филмови се на програмата на Кинотеката од 10 август (четврток) до 15 август (вторник).
Циклусот документарни филмови започнува со „Предрасуди и гордост – Шведски филмски квир“ (Fördom & stolthet – en queer filmhistoria) од 2022 г. (100 мин., колор, ДЦП) на авторката Ева Белинг (Eva Beling), со Хариет Андерсон, Лив Улман, Леван Акин, Грета Гарбо, Ингрид Бергман (Harriet Andersson, Liv Ullmann, Levan Akin, Greta Garbo, Ingrid Bergman) на 10 август (четврток) во 20 ч.
Документарецот на Белинг содржи импресивни архивски материјали, опфаќа период од повеќе од 100 години, и е фасцинантна хроника на квир и транс заедницата во шведската кинематографија.
На 11 август (петок) од 20 ч. на програмата е „Историја – Конци за Сами“ (Historjá – Stygn för Sápmi) од 2022 г. (97 мин., колор, ДЦП) по сценарио и во режија на Томас Џексон (Thomas Jackson), со учество на Брита Маракат- Лабаџон, Исак Лаба (Britta Marakatt-LabbaJohn, Isak Labba).
Документарецот ја следи Брита Маракат-Лаба, уметник која со децении ја прикажува митологијата на Сами народот, нивниот однос кон природата и нивната политичка борба за правата и земјата. Нејзиното најпознато дело „Historjá“ е вез од текстил, во кој се прикажани мотиви од историјата на Самите. Ова дело е почетна точка за документарниот филм на Томас Џексон, кој раскажува за културата на Самите, чија историја е обележана со борба против мнозинското население за правото на земјата и нивниот начин на живот.
На 12 август (сабота) во 20 ч. на програмата е „Децата на непријателот“ (Children of the Enemy) од 2021 г. (97 мин., колор, ДЦП), по сценарио и во режија на Горки Гласер – Милер (Gorki Glaser-Müller), со учество на Патрицио Галвез, Клив Стафорд Смит, Изабел Колес (Patricio Galvez, Clive Stafford Smith, Isabel Coles).
Ќерката на Патрисио Галвез се мажи за еден од најозлогласените шведски терористи на ИСИС. Во 2014 година таа со мажот заминува во Сирија и се приклучува на штотуку прогласениот калифат. И двајцата се убиени во 2019 година, но нивните седум мали деца преживуваат и се префрлени во злогласниот затворски логор Ал Хол како „Деца на непријателот“. Кога шведските власти не покажуваат интерес да ги ослободат, Патрисио започнува кампања да ги спаси нивните животи и да ги врати дома…
На 14 август (понеделник) во 20 ч. на програмата е „Хор – Една приказна за Госпел хорот Тенста“ (Kören – En film om Tensta Gospel Choir) од 2021 г. (97 мин., колор, ДЦП). Сценариото и режијата се на Аманда Пешикан (Amanda Pesikan), учествува Госпел хорот Тенста (Tensta Gospel Choir).
Документарецот за госпел хор во една од најсекуларните земји во светот – Шведска, го патувањето на хорот до Чикаго, родниот град на госпелот. Ова патување е духовен и емотивен предизвик: дилемите поврзани со верата, лидерството и духовноста ќе ги стават членовите на хорот на тест.
На 15 август (вторник) во 20 ч. на програмата е насловот „Сабаја“ (Sabaya) од 2021 г. (90 мин., колор, ДЦП) на авторот Хогир Хирори (Hogir Hirori).
Филмот ги следи Махмуд, Зијад и нивната група, кои ги ризикуваат своите животи обидувајќи се да ги спасат жените и девојките Јазиди, кои ИСИС ги држи како сексуални робинки во озлогласениот камп Ал Хол во Сирија. Вооружени се со ништо друго освен стар мобилен телефон и мал пиштол. Потписник на документарецот е познатиот шведски-курдски режисер Хогир Хирори.
Концерт: Пијано дуо Гелебешеви на „Охридско лето“
Во сферата на камерното музицирање, пијано – дуото „Гелебешеви“ од почетокот на своето делување во 2001 година се наметнува како ансамбл со исклучително високо профилиран квалитет во уметничката изведба, што гради успешна концертна кариера. Дуото го сочинуваат двајца истакнати македонски пијанисти, Катерина Костадиновска -Гелебешева и Глигор Гелебешев.
Тие поседуваат богати и разновидни уметнички сензибилитети, обединети во успешна хомогена целина , а со своите инспиративни интерпретации умеат да го задржат вниманието и на најпребирливата публика.
Репертоарот на дуото „Гелебешеви“ е селекција од колоритни дела со разновидна стилска и жанровска определба што најсликовито може да го претстави естетскиот афинитет на двајцата уметници. Започнувајќи од класиката и сонатите на Моцарт, концертните програми содржат оригинални дела за пијано – четири раце и дела за две пијана, со посебен нагласок на епохата на романтизмот: Шуберт, Шопен, Росини, Брамс, Дворжак, Шабрие, Лист, како и сите бои и звуци на дваесеттиот век – Дебиси, Равел, Рахмањинов, Хачатуријан, Барток, Барбер, но и низа композиции од современи композитори од дваесет и првиот век. Со цел промоција на македонската музичка култура надвор од границите на својата земја, дуото особено внимание посветува на изведба на пиеси од современи македонски композитори. А транскрипциите на познати оркестарски и камерни дела, подготвени од пијанистот Глигор Гелебешев, специјално за дуото, несомнено на нивните настапи им даваат дополнителна творечка и креативна димензија.
Дуото „Гелебешеви“ континуирано настапува во градовите низ земјата, а од 2005 година со настапот на Светскиот ден на музиката во Париз, ја започнува својата интернационална кариера со успешни концертни турнеи во Италија, Холандија, Романија, Полска, Србија, Бугарија, САД, Турција…
Настапот на дуото „Гелебешеви“ е на 7 август (понеделник) од 21 ч. во црквата „Света Софија“ во Охрид.