АНАЛИЗА Како новинарот Фуркан Салиу стана мета на дезинформации и пропаганда во медиумите?

Овој случај и оценките на релевантните медиумски организации говорат за итна потреба од коренити реформи во оваа сфера, бидејќи земја без слободни медиуми не може и нема начин како да стане членка на Европската Унија, што во суштина е наш голем стремеж и крајна цел

Пишува: Агрон ВРАНГАЛА

Медиумското известување во објективна и избалансирана форма е conditio sine qua non (лат. безусловен или неопходен услов) за професионалното новинарство. Сепак, во овие 30 години транзиција, медиумите во Северна Македонија сè уште не успеваат да ги практикуваат основните професионални принципи што се учат во прва година од студиите по новинарство. Со или без намера, условени или по слободна волја.

Еклатантен пример кој говори за оваа општа оценка е медиумското известување за приведувањето на новинарот и основачот на PortalXФуркан Салиу од страна на специјалните единици на МВР. Приведувањето се случи на 7 април 2024 година во селото Горно Коњаре, за време на фудбалски натпревар, додека новинарот ја извршуваше својата должност со неговата екипа.

Поради големото влијание што го има новинарот, јавноста се крена на нозе со бројни реакции кои бараа негово итно ослободување. И, така и се случи. Но, случајот не заврши тука. Новинарот Салиу сега се соочува со обвинување од МВР дека спречувал службено лице во вршењето на должност.

Суштината на оваа анализа е поврзана со река од дезинформации, полувистини и манипулации што беа објавени од повеќе медиуми, кои станаа пренесувачи на нападите врз новинарот Салиу, главно на оние што извираа од партијата ВМРО-ДПМНЕ, кои ја оцрнуваа неговата личност и се обидоа безусловно да му дадат за право на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Како пример за ова, во оваа анализа се анализираат вестите на неколку портали, кои се чини дека се проблематични од професионална гледна точка.

„Вечер“ без извори тврди дека новинарот нападнал полицаец и дезинформира дека кај него било пронајдено оружје без дозвола

Насловот на веста на порталот „Вечер“ вели: „Уапсен Фуркан Салиу, НАПАДНАЛ ПОЛИЦАЕЦ, А ВО КОЛАТА ИМАЛО ПИШТОЛ“. Доколку воопшто не го отвориме текстот и го видиме само насловот, доволно е за да забележиме дека тој е тенденциозен.

Најпрвин, првиот дел од насловот „Уапсен Фуркан Салиу “ е напишан со мали букви, а другиот дел „НАПАДНАЛ ПОЛИЦАЕЦ, А ВО КОЛАТА ИМАЛ ПИШТОЛ“ е со големи букви. Од семиотичка гледна точка, тоа значи дека делот за апсење не е ништо флагрантно, додека делот со големи букви симболизира аларм, паника или медиумска „бомба“. Ставањето акцент на овој дел од насловот е пристрасно, а самиот наслов прејудицира или манипулира. Во него се констатира дека новинарот нападнал полицаец а во колата имал пиштол, правејќи спој меѓу овие два моменти, што всушност не е така.

Се поставува прашањето, врз кој основ „Вечер“ констатира дека имало напад врз полицаец? Самиот текст на веста не дава конкретен извор или факти за напишаното во насловот, и дословно вели: „ Неофицијално, до апсењето дошло откако нападнал службено лице…“. Тоа значи дека веста не се базира на официјални извори и не е проверена. Да потсетиме, веста е избалансирана кога има најмалку два извора независни еден од друг, а воопшто не е вест ако нема ниеден извор. Оваа вест нема никаков извор, освен кога се повикува на порталот 4NEWS.mk од каде е позајмена веста, што укажува на можен обид за манипулирање со јавното мислење.

Но, авторот на веста не застанал тука и отишол чекор понатаму, велејќи дека во автомобилот на новинарот „е најден и пиштол за кој нема дозвола за носење“. Ова тврдење е дезинформација. Ниту еден од релевантните извори, вклучително и МВР, не констатирал такво нешто, напротив, се докажа дека пронајденото оружје е со дозвола.

Фото: Вечер, 07.04.2024: “Уапсен Фуркан Салиу, НАПАДНАЛ ПОЛИЦАЕЦ, А ВО КОЛАТА ИМАЛО ПИШТОЛ“

Фото: Вечер, 07.04.2024: “Уапсен Фуркан Салиу, НАПАДНАЛ ПОЛИЦАЕЦ, А ВО КОЛАТА ИМАЛО ПИШТОЛ“

ВМРО-ДПМНЕ обвинува со невистини и манипулации, медиумите пренесуваат без проверка и без став на другата страна

И текстот со наслов: „Фуркан Салиу сам призна дека носел пиштол и дека придонел за ескалација на настаните, зошто сега СДС не мисли дека напад врз полицаец не е напад врз државата“, прашува ВМРО-ДПМНЕ“ објавен од порталот Макфакс пренесува ставови на ВМРО-ДПМНЕ за случајот кои се спинови или медиумски манипулации, како и невистинити тврдења.

Фото 2, makfax.mk, 08.04.2024: “Фуркан Салиу сам призна дека носел пиштол и дека придонел за ескалација на настаните, зошто сега СДС не мисли дека напад врз полицаец не е напад врз државата“, прашува ВМРО-ДПМНЕ“

Фото 2, makfax.mk, 08.04.2024: “Фуркан Салиу сам призна дека носел пиштол и дека придонел за ескалација на настаните, зошто сега СДС не мисли дека напад врз полицаец не е напад врз државата“, прашува ВМРО-ДПМНЕ“

Невистина во овој случај е кога се вели дека: „Фуркан Салиу сам призна дека носел пиштол и дека придонел за ескалација на настаните…“. Навистина, новинарот призна дека оружјето пронајдено во автомобилот е негово, но не и дека „носел пиштол“, како што се наведува во насловот.

Исто така, во ниту еден момент немаше „признание“ од Салиу дека тој самиот „придонел за ескалација на настаните“. Всушност, соопштението на ВМРО-ДПМНЕ пренесено од медиумите манипулира со ставот објавен на ФБ страницата на ПорталX, каде што се пренесува изјавата „ Жал ми е што со моето однесување можеби влијаев ситуацијата да ескалира за да завршам со лисици“, што никако не е „признание“ на новинарот дека тој „придонел за ескалација на настаните“.

Слична со оваа е и веста на веб-страницата на ТВ Канал 5. Насловот на веста „ВМРО-ДПМНЕ: Фуркан Салиу сам си призна дека носел пиштол и дека придонел за ескалација“ е едноставно пренесување на една невистина и манипулација што ВМРО-ДПМНЕ ја пласира во јавноста, а медиумите ја преземаат како да е неспорна, и второ, без да добијат изјава од обвинетата страна.

Фото 3, Канал 5, 08.04.2024: “ВМРО-ДПМНЕ: Фуркан Салиу сам си призна дека носел пиштол и дека придонел за ескалација“

Фото 3, Канал 5, 08.04.2024: “ВМРО-ДПМНЕ: Фуркан Салиу сам си призна дека носел пиштол и дека придонел за ескалација“

Знаејќи дека партиите може да шират невистини или лажни вести, медиумите не треба да прифаќаат какво било обвинување кое доаѓа од некоја партија или институција без да ги проверат фактите. За да се избегнат дилемите, редакцијата на овој портал би требало да побара изјава од обвинетата страна, што тие не го направиле.

Како обвинувањето за „напад на полициски службеници“ се претвори во „спречување службено лице во вршење службено дејствие“?

Што се однесува до веста што ја објави порталот Курир.мк со наслов „ Тошковски по апсењето на Фуркан Салиу: МВР мора да постапува еднакво кон секој кој ќе нападне полициски службеник“, ситуацијата е малку посложена. Целиот текст потекнува од Фејсбук статусот на министерот за внатрешни работи. Иако е еднострана, веста е напишана коректно, без користење на квалификации или деградирање на обвинетата страна.

Меѓутоа, овде имаме друг проблем. Тоа е самата изјава на министерот, со која во врска со приведувањето на лицето Ф. С. од Скопје, ја информира јавноста дека истото е „последица на извршен напад на полициски службеници “ што е казниво според член 383 од Кривичниот законик. За ова министерот потоа посочи дека има снимка која била доставена до него. Ова тврдење на министерот, непоткрепено со конкретни докази, некритички го пренесе не само Курир, туку и многу други медиуми.

Фото 4, kurir.mk, 07.04.2024: “Тошковски по апсењето на Фуркан Салиу: МВР мора да постапува еднакво кон секој кој ќе нападне полициски службеник“

Фото 4, kurir.mk, 07.04.2024: “Тошковски по апсењето на Фуркан Салиу: МВР мора да постапува еднакво кон секој кој ќе нападне полициски службеник“

Но, како што информираа медиумите неколку дена подоцна, МВР против Салиу поднело кривична пријава, но не за напад врз полициски службеник, туку за „спречување службено лице во вршење службено дејствие по член 382 од Кривичниот законик“, што не е иста работа.

Освен ова, еден ден по апсењето на новинарот, министерот за време на посетата на полициската станица во Шуто Оризаре зборуваше опширно за случајот пред медиумите, додека на средбата со новинарите беше присутен и Фуркан Салиу. Новинарот на својот Фејсбук профил објави видео од оваа средба, на кое се гледа како бара од министерот да се извини доколку не е точно дека нападнал полицаец. Во овој случај министерот вели дека доколку тоа не е вистина, тој лично ќе му се извини на новинарот.

Сега, доаѓаме до деликатен момент. Министерот изјавува со сигурност дека новинарот нападнал полицаец и вели дека за ова има видео доказ. Сепак, ова тврдење покренува некои логични и легитимни прашања:

Зошто министерот тврдеше дека новинарот нападнал полициски службеници, а кривичната пријава од МВР до Обвинителството не е за напад, туку за спречување во вршење на должноста?

Зошто министерот не го објави видеото како што направи новинарот на пример, објавувајќи ги видеата што ги има за случајот?

Зошто министерот, во ваква нејасна ситуација, не одлучи да ја смири љубопитноста на јавноста, покажувајќи нѝ докази дека новинарот навистина нападнал полицаец или дека го спречил полицаецот да ја врши својата должност?

Сведоци сме дека полицијата знаела да објавува видео сведоштва при разни полициски акции. Се зборува за јавен настан што се случил на јавен простор. Ова е полициска акција која нема зошто да не се објавува. Можеби министерот го задржува овој доказ (ако навистина го има) за да го објави на суд. Но, да земеме здраво за готово дека има докази за физички напад врз полицаец. Зарем не би било подобро министерот да не излегува со вакви констатации, без да обезбеди конкретни докази? А медиумите, да не трчаат да објавуваат вакви констатации без да имаат факти за тоа?

Причината поради која се поставуваат овие прашања е фактот што МВР не е правосуден орган и не може да дава констатации дали имало или не физички напад врз некого. Овие констатации ги носи судот. Во таа смисла, не се коректни вестите што ги објавиле овие констатации, без оглед на целосната убеденост на министерот Тошковски во она што го тврди.

Што вели етичкиот Кодекс на новинарите за ваквите содржини во медиумите?

Овие посочени примери се во спротивност со неколку одредби од Етичкиот кодекс на новинарите:

“Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно. “

“Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.“

“Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“

Гутереш реагираше на неоснованите обвинувања и континуирани напади за оцрнување на новинарот Салиу

За случајот со апсењето на новинарот Салиу имаше бројни реакции од домашни и меѓународни здруженија и организации на медиуми и новинари. „Ова веќе не се толерира! Исклучително сум загрижен поради континуираните напади врз независниот новинар и основач на Порталикс, Фуркан Салиу, во Северна Македонија“, се вели во реакцијата на генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутереш објавена на социјалната мрежа Фејсбук.

Гутереш посочува дека новинарот Салиу бил арбитрарно уапсен пред неколку дена откако се обидел да документира полициско насилство при фудбалски натпревар, и дека за време на неговото задржување, „пропагандистички медиуми и профили на социјалните мрежи брзо се обидоа, но не успеаја, да создадат лажни наративи за причините за неговото приведување, вклучително и неосновани обвинувања дека тој нападнал полицајци. Дополнително, некои владини министри, исто така, се обидоа да го оцрнат угледот на Салиу“, пишува Гутереш.

Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници реагираа веднаш по апсењето барајќи негово итно ослободување, а по кривичната пријава од МВР, побараа Обвинителството да го отфрли неоснованото обвинение. И Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) побара од Народниот правобранител самоиницијативно да поведе постапка за законитоста на полициската постапка против новинарот Фуркан Салиу.

Остри реакции имаше и од Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите (ЕЦПМФ). Случајот е евидентиран како предизборен инцидент за притисок врз слободата на печатот и во мисијата на ОБСЕ-ОДИХР во Скопје.

Инаку, познати меѓународни организации како Фридом хаус, Европската федерација на новинари и Репортери без граници континуирано ја мерат слободата на медиумите во различни земји во светот и откриваат дека новинарите кај нас се цел на вербални напади, но и на разни притисоци кои доаѓаат и од државните институции. Во овогодинешниот извештај „Нациите во транзиција“ на Фридом Хаус, во делот за Северна Македонија, се нагласува дека „Новинарите, особено оние кои известуваат за корупција и злоупотреба на власта, продолжуваат да се соочуваат со малтретирање и други предизвици“.

И Репортери без граници во последниот Индекс за слобода на медиумите посочија дека широкото ширење на дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Освен тоа, владините функционери имаат тенденција да имаат лош и понижувачки однос кон новинарите. „Новинарите се редовно мета на вербални напади. Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие можат да бидат изложени на правен притисок и злоупотребено кривично гонење“, пишува во извештајот на Репортери без граници за Северна Македонија.

Овој случај и оценките на релевантните медиумски организации говорат за итна потреба од коренити реформи во оваа сфера, бидејќи земја без слободни медиуми не може и нема начин како да стане членка на Европската Унија, што во суштина е наш голем стремеж и крајна цел.

Авторот Агрон Врангала е асистент/професор на Катедрата за медиуми и интеркултурна комуникација на Универзитетот „Мајка Тереза“ и докторант на Факултетот за јазици, култури и комуникација на „Универзитетот на Југоисточна Европа“

(СМК)

Треба да знаете
Moже да ве интересира