Бугарите имплицитно се веќе во преамбулата на Уставот

Ќе биде тешко сфатливо доколку опозициската ВМРО-ДПМНЕ биде против значителен број наши сограѓани да ги добијат истите права како и останатите кои досега се наведени во Преамбулата на Уставот

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Невидена ароганција покажува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски кон претставниците на меѓународната заедница и кон официјални функционери од пријателски земји кои се обидуваат да помогнат во процесот на пристапување на земјава кон ЕУ, особено во заплетканата пат позиција што ја наметна токму оваа партија со одбивањето Македонија да ги продолжи пристапните преговори. И сето тоа само поради, како што самиот го сфаќа,  бугарскиот диктат за уставни измени.

Вметнување на Бугарите во Преамбулата на Уставот е обврска што  Македонија ја презеде со Европската преговарачка рамка. Но имајќи предвид дека во земјата живеат и други малцински групи, Владата реши дека и дел од нив заслужуваат да бидат ставени во преамбулата на Уставот. Оваа интенција се пренебрегнува во сегашниот политички дискурс кој главно се занимава со отпорот што ВМРО-ДПМНЕ го има кон промената на Преамбулата, а заради Бугарите.

Општо прифатена оценка е дека тоа само го зголемува демократскиот капацитет на земјата во пресрет на членството во ЕУ. За пример најчесто се зема Хрватска која во 1990 година  признаваше само осум национални малцинства, за во 2010 пред приемот во ЕУ, таа листа да ја прошири на 22 малцински заедници кои ги стави во Преамбулата на Уставот. Меѓу нив Македонците, Бугарите но и Русите, Украинците и многу други.

Во сегашната Преамбула на Уставот опфатени се седум етнички заедници. Покрај Македонскиот народ во неа се споменуваат Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите и Бошњаците. Но не треба да се занемари дека во низата, веднш потоа се вели и другите етнички заедници.

Професорот по уставно право Светомир Шкариќ потсетува дека ОБСЕ уште во 2015 повела иницијатива за уставно правни претпоставки на малцинските заедници во Уставот кои не се наведени во Преамбулата. Иницијативата на ОБСЕ доаѓа на барање токму на овие заедници означени како други кои се почуствувале дека се запоставени во своите права. Според професорот Шкариќ станува збор за дваесетина малцински заедници кои се регистрирани во Централниот регистар.

„Ние треба да имаме принципиелен приод и еднаков однос кон сите независно за кого станува збор, без разлика на нивниот број“ вели Шкариќ.

На сличен став е и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој смета дека во преамбулата на Уставот се спомнуваат сите 7 етнички заедници и уште 10 други.

„Со одлука на Уставниот суд за анализирање на тоа кои се тие други ќе излезе дека во тие други спаѓаат и Бугарите, што значи дека имплицитно тие веќе се дел од Уставот. Ние сега само треба да формализираме нешто што постои, значи толкав е ефектот на овие уставни измени“, рече Османи обидувајќи се појасни дека Уставните измени не значат трагедија за државата, со надеж дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги остави настрана партиските интереси, и ќе стане дел од овие промени.

И навистина ќе биде тешко сфатливо доколку оваа опозициска партија биде против значителен број наши сограѓани да ги добијат истите права како и останатите кои досега се наведени во Преамбулата на Уставот.

Ако се прегледа последниот попис ќе се види дека таа бројка на малцински групи е дури четириесетина, а меѓу нив се секако и Бугарите, но во значителен број и Муслимани, Македонци Муслимани, Торбеши, сите заедно околу 6700. Потоа веднаш по нив се и Египјаните со 2400, Хрватите се до нив со 2145, Црногорци 1023. Но има тука и Руси, Грци,  Словенци, Горанци, Германци, Романци, Англичани и многу други.

Кои од нив ќе побараат да бидат внесени во Преамбулата останува да се види, како и начинот на кој Владата како предлагач ќе настапи, дали ќе има интервенции во преамбулата или ќе се оди со посебни амандмани.

Треба да знаете
Moже да ве интересира