Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дали Македонија ризикува да ги влоши односите со Србија?

Предлогот на Османи за излегување од Отворен Балкан и коспонзорството на резолуцијата за Сребреница ги доведува во деликатност односите меѓу двата соседи

Пишува: Љупчо ПОПОВСКИ

Откако министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вчера изјави дека Македонија е коспонзор на резолуцијата за масакрот во Сребреница и дека на седницата на владата на која ќе се расправа за Отворен Балкан тој ќе предложи излегување на државата од оваа иницијатива има едно едноставно прашање – кој ја води сега надворешната политика. Дали таа му е оставена целосно во рацете на Бујар Османи, кој е и претседателски кандидат, или своја улога има и техничката влада под раководство на Талат Џафери? А и сѐ уште актуелниот претседател Стево Пендаровски. 

Геноцидот во Сребреница од 1995 од страна на српските сили на босански мажи и момчиња е осуден од бројни македонски политичари, дипломати и други функционери сите овие години наназад. За таква работа историјата не може да заборава и мора да се потсетува на злоделата што може да ги направи човекот.

Нацртот на резолуцијата ќе биде претставен во среда, 17 април, на затворен состанок во Обединетите нации. Во нацрт-резолуцијата, меѓу другото, се бара без резерва да се осуди секое негирање на геноцидот во Сребреница, како и дејствијата што ги величат осудените за воени злосторства, вклучително и одговорните за геноцидот во Сребреница.

Резолуцијата ја нагласува важноста од завршување на процесот на потрага и идентификување на преостанатите жртви на геноцидот во Сребреница и овозможување нивно достоинствено погребување. Се повикува и на продолжување на гонењето на извршителите на геноцидот.

Тука нема ништо што не е во согласност со македонската политика околу овој трагичен настан. Но начинот на којшто Османи го претстави коспонзорството на резолуцијата, како да е Македонија еден од главните нејзини покренувачи, може да донесе неволји во идните односи со Србија. Османи рече дека резолуцијата е на предлог на Босна и Херцеговина, а коспонзорирана иницијално од САД и Германија. Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, изјави дека резолуцијата е коспонзорско дело на Германија и Руанда (која има страшно трагично искуство со геноцид во 1994 година). Најголемите западни земји, како САД, Италија и Франција се меѓу 17-те држави коспонзори на резолуцијата. Вучиќ вели дека западните држави официјално го известиле Белград дека ќе лобираат за резолуцијата за која треба да се гласа на 2 мај.

Дали Македонија го известила Белград дека ќе биде коспонзор на резолуцијата и ќе лобира за нејзино усвојување, тргнувајќи од фактот дека последниве 8-9 години односите меѓу двете земји се навистина пријателски и со меѓусебно уважување? Бујар Османи на тоа не даде одговор на вчерашната прес-конференција.

Во никоја од земјите коспонзори не се држеа специјални прес-конференции за да се апострофира нивната активност во резолуцијата за Сребреница, но Османи најде дека тоа е многу неопходно во овој момент за настаните во Македонија.

Секако, во прашање се и претседателските и парламентарните избори. „Европскиот фронт“, кој го поддржа него за претседателски кандидат, го води ДУИ, но е составен од повеќе партии, меѓу кои и една бошњачка. Дали со оваа силна атрибуција за коспонзорството на резолуцијата се бара привлекување на дополнителни гласови, како што беше и објавата на Османи на истата прес-конференција дека ќе ѝ предложи на владата Македонија да излезе од Отворен Балкан, затоа што тој по настаните во Бањска на северот од Косово лани во септември го замрзнал неговото учество во сите настани во рамките на оваа иницијатива. Упадот на српската парамилитарна група, според Османи, ја поништил целата идеја на Отворен Балкан и Македонија немало веќе што да бара во него. Тоа се истите ставови како и на неговиот главен ривал од албанската опозиција, Арбен Таравари.

Според кои параметри се водел Бујар Османи во еден ден јавно да објави две работи кои може да ги влошат односите меѓу Македонија и Србија. Дали според повеќето успеси на Отврен Балкан за отворањето на единствен пазар на труд, за меѓусебното признавање на дипломите, за побрзо поминување на граничните премини на превозниците, за заеднички настап на винариите на трите земји на европски саеми за вино?

Дали се водел од параметарот дека Србија беше таа која и заради свои пропагандни интереси прва ѝ помогна на Македонија во драматичните денови на пандемијата со корона, испорачувајќи ѝ одредено количество вакцини за ковид, кога ние не можевме да стигнеме до нив? Дали се водел од параметарот дека Српската православна црква конечно ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА? Дали се водел од параметарот дека српскиот претседател Александар Вучиќ го пречека македонскиот шеф на државата во манастироот „Св. Прохор Пчињски“ за да ја увелича прославата на годишнината на АСНОМ по толку години? Дали се водел од параметарот дека двете земји најавија оти ќе градат заеднички брза пруга од Белград до Солун? Или се водел само од инцидентот во Бањска, кој ја крена тензијата во регионот, но која веќе е спуштена, а се бара од Белград и Приштина да го исполнат договорот од Охрид.

Српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ веднаш ја оцени како „дрскост“ изјавата на Бујар Османи и го праша дали сака да поднесе резолуција за геноцидот на Србите во Јасеновац, заедно со Србија.

„Тоа е цинизмот што постои на нашите простори, дека е важно да се води антисрпска политика и уште на сето тоа нѐ повикуваат да учествуваме во тоа. Дали треба да бидеме на страната на нацистите за да бидеме почитувани“, рече Дачиќ на ТВ Б92.

Според него, оние кои го извршиле „злосторството во Сребреница“ треба да одговараат за тоа, но дека за Србија е „неприфатливо муслиманите да се единствените жртви на војната“. 

Српскиот претседател реагираше дипломатски и политички поумешно. Тој вчера отиде во Мостар, БиХ, да ја промовира новата авионска линија на „Ер Србија“ од Белград до Мостар три пати неделно и да учествува на традиционалниот Мостарски стопански саем, на кој, меѓу другите регионални политичари, беше и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Претходно изјави дека Белград ќе се бори со сите сили против резолуцијата.

Пред полетувањето од Белград за Мостар Вучиќ изјави: „Одиме во партнерска земја“, настојувајќи да го маргинализира прашањето на резолуцијата за Сребреница и да ги насочи разговорите за иднината, особено за авионската врска Белград – Мостар. Во говорот денеска на саемот рече дека разговарале со Пленковиќ и дека искресноста во односите е најважна меѓу соседите.

Се проценува дека за само неколку дена во јули 1995 година, силите на Армијата на Република Српска убиле повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња во и околу градот Сребреница. Повеќе од 40.000 луѓе беа протерани, од кои многу никогаш не се вратија во своите предвоени домови.

До денес, повеќе од 6.650 жртви се погребани во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари, а повеќе од 230 на други локации.

Големиот влог во годинашниве избори доведе до парадоксални ситуции. Особено кога еден од претседателските кандидати е шеф на дипломатијата. Па, така, поради еден прилично лош инцидент на северот на Косово да се обиде да го фрли во вода целиот проект Отворен Балкан што се гради со години, ако тоа може да донесе дополнителни гласови на 24 април. Османи му ја припиша на Еди Рама заслугата за Отворен Балкан, нагласувајќи дека тоа била негова идеја како обид за помирување, „една егзит стратегија за Србија да може да воспостави односи со Косово, па и меѓусебно признавање“. А самиот Рама на крајот од декември 2023, демантирајќи ги наводите дека го прогласил Отворен Балкан за затворен, рече дека „Отворен Балкан не е отворен и не е заклучен со клуч од една личност или една страна“. Уште помалку дека тоа бил негов план за „егзит стратегија за Србија“.

И најпосле – има ли техничката влада (чија примарна задача е да организира фер и демократски избор) мандат да носи, па дури и да расправа за одлуки како таа што ќе ја предложи Бујар Османи за Отворен Балкан и да биде напуштен проектот во кој беа вложени многу труд, енергија и политички желби. Таква расправа во владата може и да не се случи, но Бујар Османи помисли дека е добро да се даде бомбастична најава која би можела да одѕвонува до гласањето на првиот круг на претседателските избори на 24 април. (Независен)

Зачлени се на нашиот е-билтен