Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дезинформациските трендови застапени во ЕУ се пресликуваат и кај нас

И кај земјите членки на ЕУ и кај нас се споделувале слични дезинформации изминатиов период. Најголем дел од проверките на факти во април и кај нас и во ЕУ се однесувале на дезинформации поврзани со ЕУ, со прошитувањето на ЕУ, како и на војната која Русија ја води во Украина. Кај нас, за разлика од ЕУ, на трето место се написи во кои се дебанкираат лажни реклами односно измами за наводни многу ефикасни лекови, а имаше и манипулации поврзани со изборите во Македонија

Симона АТАНАСОВА*

Европската мрежа за борба против дезинформации ЕДМО, во која се вклучени 36 организации, го објави новиот извештај за дезинформации споделени во земјите членки на ЕУ во месец април. Извештајот покажува дека од анализираните 1.716 написи за проверка на факти, 167 (10 отсто) биле за дезинформации фокусирани на Украина; 185 (11 отсто) за дезинформации поврзани со климатските промени; 188 (11 отсто) за дезинформации поврзани со ЕУ; 169 (10 отсто) за конфликтот меѓу Израел и Хамас; 100 (6 отсто) за дезинформации поврзани со ковид-19; 87 (5 отсто) за дезинформации поврзани со имиграцијата; и 37 (2 отсто) за дезинформации за ЛГБТК+ и родовите прашања.

ЕДМО анализира дека во април, дезинформациите поврзани со ЕУ достигнале највисоко ниво од почетокот на мониторингот во мај 2023. Во овој период, невистинитите објави за Украина малку се намалиле, но ЕДМО заклучува дека нивното влијание останува високо и дека нивната циркулација е голема. Дезинформациите за војната на Блискиот Исток се речиси тројно зголемени во споредба со март, поради размената на напади меѓу Израел и Иран, исто така се зголемија и дезинформациите за пандемијата.

Украина и ЕУ – теми на дезинформации и во државата

Слична е состојбата и со дезинформациите пласирани во социјалните мрежи и медиумите во Македонија. Најголем дел од написите на Вистиномер во април се однесувале на војната којашто Русија ја води во Украина, а потоа на дезинформации поврзани со ЕУ. На трето место се написи во кои се дебанкираат лажни реклами, односно измами за наводни многу ефикасни лекови, а имаше и манипулации поврзани со изборите во Македонија.

ЕДМО открива дека лажниот наратив за учество на ЕУ или нејзините земји-членки во копнените операции во Украина се проширил во април. Лажно се тврдело дека француските војници пристигнуваат во Украина, дека се повикуваат резервисти и граѓани на ЕУ да бидат испратени на бојното поле, дека воените офицери и борци на земјите-членки на ЕУ веќе се убиваат на територијата на нападнатата нација, дека земјите-членки на ЕУ ѝ испраќаат забрането оружје на украинската армија или поопшто, дека се подготвуваат за мобилизација.

Ваквите дезинформации беа застапени и во нашиот медиумски пејзаж. Рецензирана беше објава којашто невистинито тврдеше дека француски војници пристигнале во Украина, односно дека 100 борци на Француската легија на странци биле префрлени во Славјанск, во Доњецката Народна Република. Исто така, неточно се тврдеше дека донациите што ги направи македонската влада за Украина ја испразниле нашата армија.

Анализата на ЕДМО открива дека лажните приказни во април се фокусирале на нападите на Украинците на морално ниво, на пример, велејќи дека нивната влада тргува со деца и ги продава на педофили на Запад. Во С. Македонија, исто така беа застапени вакви објави кои го напаѓаат моралот на Украинците. Невистинито се тврдеше дека Русите ја уништиле украинската армија, сосе целото украинско вооружување, како и целото собрано оружје од Западот и други земји, потоа дека Зеленски ја вовлекол Украина во војна, а исто така се споделуваше невистина дека Украина мобилизира лица со Даунов синдром. Освен за војната, се споделуваа и други дезинформации насочени кон моралот на Украина, како дезинформацијата дека Украина си ја продала православната вера.

Лажната приказна за украинскиот претседател Зеленски дека купил замок на британското кралско семејство беше една од најраспространетите лажни содржини во ЕУ во април, открива извештајот на ЕДМО. Оваа дезинформација стигна и кај нас, а започна да се шири од исклучиво од про-Кремљ профили и сметки на социјалните мрежи. Украина, исто така беше обвинета и дека заедно со Велика Британија и САД стојат зад терористичкиот напад во Москва кој се случи на 22 март во концертната сала „Крокус“.

Дезинформации поврзани со проширувањето на ЕУ

Во однос на дезинформациите кои се ширеа кај нас и ја таргетираа ЕУ и нејзини земји-членки ја издвојуваме измислицата дека Германија не го признава македонскиот јазик, како и измислената изјава на шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дека нема да има проширување на ЕУ во наредните 15 години и дека наводно има нови барања за Северна Македонија. Слична ваква дезинформација за стопирање на проширување на ЕУ се сподели таргетирајќи ја и Франција. Споделени беа и информации дека францускиот парламент на 15 април 2024 година донел резолуција за стопирање на процесот на проширување на Европската Унија и дека францускиот претседател Емануел Макрон изјавил дека „на Северна Македонија треба да ѝ се каже дека нема проширување до 2040“. Двете информации се невистинити.

ЕДМО во извештајот забележале дека подемот на дезинформациите поврзани со климатските промени главно се должи на вообичаеното негирање и лажните објави кои ги прикажуваат решенијата за глобалното затоплување како неефикасни, глупави или опасни. И на ова поле кај нас во  С. Македонија ситуацијата е слична. Во април имаше објави кои тврдат дека постојат кемтрејлс и дека трагите од авиони се користат за борба против климатски промени.

Исто како и во ЕУ и кај нас не е забележан значителен развој за лажните наративи за пандемијата, ама сепак и во овој период продолжија да се шират објави за несакани ефекти од вакцините, а се споделуваше и дезинформацијата дека спортист починал бидејќи бил вакциниран.

Во месец април кај нас се забележаа и неколку невистини на социјалните мрежи коишто директно или индиректно се однесуваа на двата изборни циклуса што ги имавме. Во април се одржа првиот круг на претседателските избори, а  во овој период се одвиваше и дел од кампањата за парламентарните избори.

Кај нас, за разлика од ЕУ, во месец април се забележа и зголемен број на измами, односно лажни реклами коишто нудеа разни препарати, лажно претставувани како лекови за сериозни здравствени состојби.

*Преземено од Вистиномер.мк

Треба да знаете
Moже да ве интересира