ФЕЉТОН (2): Рациновата безрезервна верба во богомилството

Она, што му е посебно блиско или посебно драго на Рацин, е богомилската љубов кон слободата на човекот која наликува на егзистенцијален крик. Богомилската социјална борба сфатена како рушење на владејачкиот систем, без разлика дали под овој израз го подразбираме феудализмот или црквата, е со цел преобразба или воспоставување идеален поредок

Рацин.мк во неколку продолженија го објавува трудот на Весна Мојсова-Чепишевска* – „Рациновите есеи – судбоносна фаза во националното созревање“

Читајќи ги овие есеи од денешна перспектива ние сме склони во неговите намерни или дури и ненамерни „фалсификати“ да препознаеме и една интертекстуалност зашто тие есеи како нови текстови остваруваат еден сериозен континуитет на книжевната традиција. Псевдонаучниот тон овозможува бришење на границата меѓу фактографското и имагинарното, а употреба на учениот јазик т.е. пишувањето во ерудициски стил оди во прилог на тезата во сето ова да го препознаеме дури и Борхесовиот метод на „очудување“ на книжевната стварност. Така што, овие есеи на Рацин може да се читаат и како интермедијални дела т.е. хибриди во кои наместо описот како традиционална категорија на прозата, се развива коментарот, па дури и дијалогот со читателот.

Според Михаил Епштејн, токму специфичната манифестација на субјективноста е она што есејот како жанр го разликува од автобиографијата, дневникот и исповедта; таа е неговата differentia specifca. Ако автобиографско-мемоарската проза го разоткрива јас во минатото, дневникот – фрагментизираното јас на сегашноста, насреде неговото бивствување како процесуалност, а исповедта – посакуваното, потенцијалното „јас – јас во есејот толку се разликува од самото себе што секогаш може да се појави како не-јас, како сè на светот…“ (М. Епштејн, 1997: 14).

Затоа како клучно прашање се поставува Рациновата реконтекстуализација на богомилството поточно дилемата дали со таа негова реконтекстуализација се случува ремитологизација или идеолошка травестија на самото богомилство? Она што најсилно го привлекло Рацин кон богомилскиот религиозно-философски концепт е токму дуализмот, како заеднички именител и на двете идеологии и онаа на богомилската и онаа на маркисистичката. Развиената модерна, онаа во доцните триесетти години на минатиот век се трансформира во револуционерен модернизам.

Во тој процес демитологизацијата во чии рамки митот се сведува на бласфемија ја прифаќа идеолошката травестија. Впрочем целокупната култура, сфатена и глобално, но и одделно, органски се развива од претходната/ите култура/и и како таква секогаш останува како една незавршена приказна. „Зашто денес е веќе надмината придобивката од националниот романтизам на 19-от век за културите како скаменети монолити. Наспроти тоа, тие сè повеќе се разбираат како динамични и рецептивни начини на конструирани значења.“[1].

Па така и Рацин во името на таа своја култура безрезервно верува во богомилството, честопати и со несоодветни аргументи, но само во оние домени кои го оправдуваат или го поткрепуваат неговиот марксистички поглед. Тој во овие свои есеи се обидува да направи една паралела на маченичкиот етос на Исус Христос со оној на богомилските проповедници и особено со оној на поп Богомил со што добива можност да конструира еден идеален лик на револуционер и маченик, идеален лик на вистински борец за правдата како оној „гол човек варваро-гениј“ од „Манифестот на зенитизмот“[2] или како оној од неговата песна „Огномет“:

            „Врз пепелта на горливите противречности
            Стои патоказ –
            И џиновски Човек

            Со мускули, железо и молнија
            го гради –
            Н о в и о т С в е т!“[3]

Имено, секој религиозен дуализам прави обид да одговори на прашањето: што е причината за постоењето на злото? Богомилскиот дуализам содржи еден внатрешен парадокс. Тоа заговара и на етичко и на социјално ниво еднаквост меѓу сите луѓе што како идеја е компатибилна со Рациновиот политички поглед на светот, но притоа конципира една дуалистичка антропологија според која битието на човекот се разделува на два спротивставени квалитети – на духовниот и материјалниот, поточно на доброто и злото.

Од друга страна, богомилството промовира и еден антрополошки пасивизам од кој неминовно се раѓа песимистичкиот поглед на светот и на човекот во тој свет. Но, „Рациновите богомили“ како промотори на социјалниот активизам им пркосат на богомилите кои на животот гледаат како на агонија и како на страдање без смисла. Зашто во Рациновата песна „Кон челичната машина“ тие пеат:

            „Извалкани, измастени, гадни
            Диви во одот
            Слепи во омразата –
            Ќе му дадеме насока
            На хаосот, поизвалкан од нас!“[4]

Она, што му е посебно блиско или посебно драго на Рацин, тоа е богомилската љубов кон слободата на човекот која наликува на егзистенцијален крик. Богомилската социјална борба сфатена како рушење на владејачкиот систем, без разлика дали под овој израз го подразбираме феудализмот или црквата е со цел преобразба или воспоставување идеален поредок. Токму тоа го привлекува Рацин, зашто и тој копнее по идеален поредок.

Кај богомилите таа преобразба е всушност внатрешна преобразба во самиот човек, а не нихилистички, религиозно-философски или социјален преврат. И Рацин, сообразно со тековите на модернизмот, го прифаќа идеалот за конечното ослободување на човекот како своја егзитенцијална и општествена определба.

„Две суштини: националната и интернационалната се преплетуваат во Рациновиот идеен свет и го јакнат неговото единство“ (Митрев, 1987: 114).


[1] Milan Mesić. „Pojam kulture u raspavama o multikulturalizmu“. Nova croatica. Zagreb: 2007, god. I, br.1, 167 (преводот е мој).

[2] Објавен на 12 јуни 1921 година во Загреб од авторите Љубомир Мициќ, Иван Гол и Бошко Токин. Овој чист човек, овој човекварварин и гениј во исто време, кој слегува од планинските врвови на светот, треба повторно да ја оплоди декадентната Европа. Според самите зенитисти, модернизмот е нова варварска наезда врз европската култура. Види Љубомир Мицић. Зенитизам. Ниш: ДОМ, 1991.

[3] Цитатот е преземен од Рацин. Поезија. РАЦИН. Скопје: 1987, 111.

[4] Цитатот е преземен од Рацин. Поезија. РАЦИН. Скопје: 1987, 107.

(продолжува)

*Весна Мојсова-Чепишевска е професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во графичкиот дизајн на фељтонот се користени ВИ портрети чиј автор е Небојша Гелевски-Бане.

Треба да знаете
Moже да ве интересира