ФЕЉТОН (3) Богомилството како еден дел од културното минато на народот

Рацин се обидува да ја репродуцира богомилската идеологија како дел од една култура. Појдовната точка во трите есеи е страдањето на народот, страдањето на обичниот човек

Рацин.мк во неколку продолженија го објавува трудот на Весна Мојсова-Чепишевска* – „Рациновите есеи – судбоносна фаза во националното созревање“.

Трите есеи за богомилите на Кочо Рацин се многу „поподатни за разбирање како културолошка медитација во три навраќања, отколку како кохерентен научен труд од областа на општествената историја или философија на историјата“ (2006: 119). Тие навистина повеќе кажуваат и покажуваат на/за сензибилитетот на самиот автор, на/за философските ориентации на времето во кое живее тој, отколку што се сериозен научен документ за појавата и развојот на овој феномен на средниот век.

Тргнувајќи од некои општи сфаќања кои го определуваат поимот култура, како што е сфаќањето дека секоја култура доаѓа од некаде, дека таа има некој свој простор во светот и дека со тој простор е одвоена од другите култури (2007: 160–161), некако сосема логично ни прозвучува идејата на Рацин на богомилството да гледа како на еден дел од својата култура, од минатото кое влијаело на културата на неговиот народ. Од друга страна, културите се развиваат и менуваат. Конкретната култура (во нашиот случај онаа која ја произвеле богомилите) мора да се репродуцира за секоја нова генерација. А општеството ги обезбедува интернационалните рамки за пренесување на културата со помош на образованието и социјализацијата, нагласува Милан Месиќ (2007: 167).

Архив на МАНУ

Рацин токму тоа се обидува да направи – да ја репродуцира богомилската идеологија како дел од една култура. Појдовната точка во трите есеи е страдањето на народот, страдањето на обичниот човек. Тој се насочува на културните простори на родното Повардарје што за самиот Рацин е еуфемизам за тогашна Вардарска Македонија (а од денешен аспект еуфемизам за Р. Македонија).

Овој ист простор, кој е и лулка на самото богомилство, сега може да стане лулка на новата книжевност и новата култура која ќе се накалеми на претходната – народната. Затоа Рацин го започнува својот есеј со охрабрување: „Во долгиот, мачен процес на формирање на свеста на народот од Повардарјето, современата народна книжевност е значајна културна појава и културна придобивка“[1].

Во „Драговитските богомили“ со префинет експресионистички сензибилитет во богомилската појава пронаоѓа архетип на левоориентираниот анархизам и открива маркантен белег на народната култура[2]. Дуалистичката традиција на богомилството му дава можност да го оживее експресионистичкиот идеал, можност во неа да исчита ангажман на еден револуционерен авангардизам како манифест на слободниот човек.

Архив на МАНУ

Затоа, слободно може да се каже дека овие три есеи му припаѓаат на оној дел од неговото творештво кое се поврзува со експресионизмот и на кое прв укажува Методиј Златанов што е уште еден показател дека „не се работи за интерпретација, туку за контекстуализација на традиционалната матрица“, од една страна, и за претходница „на постструктуралистичката геопоетичка проза“, од друга страна (2007: 120).

Во иднина треба да се направи сериозно хипертекстуално исчитување, од една страна, на трите есеи за богомилството со што ќе се покаже во колкава мера моментите кои кореспондираат со поетиката на експресионизмот се поопстојни од оние кои се во дијалог со поетиката на богомилскиот дуализам, а од друга на есејот „Развитокот и значењето на една нова наша книжевност“ со кој сигурно се удираат темелите на македонската современа книжевно-критичка мисла[3] и на уште неколкуте други, како веќе споменатиот „За поправилно сфаќање на нашето минато“, или на есите „Значењето на Илинден“, „Националното прашање во Македонија“, па и на преубавиот „Македонската народна песна“20 од кој, за жал, имаме зачувано само една одломка.

Впрочем, таквото исчитување уште еднаш ќе ја потврди тезата на Конески дека „во Рацина имаме најиздигнат македонски народен интелектуалец од неговото време, најкултурен наш човек“ (Конески, 1987: 99).

Користена литература:

Друговац, Миодраг. Историја на македонската книжевност XX век. Скопје: Мисла, 1990.

Епштејн, Mихаил. Есеј. Београд: Народна књига-Алфа,

1997.

Златанов, Методиј. Рацин и богомилите (исчитување на традициите). Скопје: Три, 2007.

Kalođera, Goran. „Racin s vremenske distance“. Prilozi istraživanju makedonske povjesti kniževnosti. Skopje: Sovremenost, 2009, 95–105.

Конески, Блаже. „Богомилите од Коста Рацин“. РАЦИН. Прилози I. Скопје: 1987, 95–99.

Kramarić, Zlatko. „Odnos Koče Racina spram makedonske književne tradicije“. Novi experimentum macedonikum. Osijek: Revija, 1988.

Mesić, Milan. „Pojam kulture u raspavama o multikulturalizmu“. Nova croatica. Zagreb: 2007, god. I, br.1.

Митрев, Димитар. „Рацин во развојот на македонската национална култура“. РАЦИН. Скопје: 1987, 110–117.

Мицић, Љубомир. Зенитизам. Ниш: ДОМ, 1991.

Мојсова-Чепишевска, Весна. Рацин и експресионизмот. Скопје: Менора, 2000.

Рацин, Кочо Солев. Поезија. РАЦИН. Скопје: 1987.

Рацин, Кочо Солев. Проза и публицистика. РАЦИН. Скопје: 1987.

Сталев, Георги. Историја на македонската книжевност: од 1800 – 1945. II дел. Првата половина на XX век. Скопје: Институт за македонска литература, 2003.


[1] Цитатот е преземен од Рацин. Проза и публицистика. РАЦИН. Скопје: 1987, 167.

[2] „Во рамките на повардарската културна историја, во одредени периоди егзистираат не две традиции, православната наспроти богомилската, туку три – православната, богомилската и паганската (праславјанска) традиција и тие продуцираат повеќе или помалку трајни културни артефакти како документи на своето постоење. Многу често тие се испреплетуваат, се контаминираат, но нивниот бит е примарно религиозен и имено оттаму просветителски. Од становиштето на Рацин, на некој парадоксален начин, просветителскиот дух на богомилите е антирелигиозен.“ (Златанов, 2007: 20)

[3] „Концепирајќи го својот манифест“, вели Друговац, „Рацин бездруго длабоко ја чувствувал хегемонијата на останатите, модерните и ултрамодерните манифести на својата литерарна епоха – зенитистичкиот (Љ. Мициќ), хипнистичкиот (Р. Драинац), надреалистичкиот (М. Ристиќ, К. Поповиќ), како и социјалниот или новореалистичкиот (Ј. Поповиќ, С. Галогажа, О. Кершовани, А. Цесарец). Па, сепак, припаѓајќи ѝ и на социјалната литература, Рацин се определил за една наполно своја и специфично македонска естетска програма“ (1990: 184).

*Весна Мојсова-Чепишевска е професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во графичкиот дизајн на фељтонот се користени ВИ портрети чиј автор е Небојша Гелевски-Бане.

Треба да знаете
Moже да ве интересира