Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ФЕЉТОН (3): Конески порача: „Кој е против Рацин, тој е против Македонија“

Најомилениот рациновски глагол: „ќе победиме“. Со него Рацин го завршувал секој разговор за субината на заедничкото борбено дело

Рацин.мк во неколку продолженија го објавува трудот на Иван Антоновски* – Ни треба ли нов „Огномет“ како Рациновиот?

Во Рациновите критичко-есеистички текстови препознаваме и целосна поетичка, книжевна платформа, во којшто има визија за книжевната стварност и книжевниот развој, втемеелена на Рациновото поимање на дејствувачката естетика и објективната вистина. Но ако имаме предвид и други текстови од неговата публицистичка и есеистичка актива, како на пр. „За поправилно сфаќање на нашето минато“ и „Македонската народна песна“, од кој за жал е сочувана само одломка, препознаваме и зародиш на естетска платформа воопшто на културниот развој во национални рамки. Но, како би бил димензиониран повоениот развој на македонската книжевност, ако Рациновиот живот не завршеше во јуни 1943 година и ако Рациновата критичарска актива, а со тоа и рациновски сфатените дејствувачка естетика и објективна вистина беа конститутивен елемент на македонската книжевна стварност по ослободувањето?  

Рацин како партизан во сцена од ТВ серијата „Црвениот поет“

Ама каква ќе е и денес, ако го изоставаме овој сегмент од Рацновиот опус во нашите осврнувања кон книжевната историја? Оти неретко, одново се поставува прашањето: Кој го уби Рацин? Ама веќе се чини посоодветно е прашањето: кои го убиваа и кои го убиваат Рацина, и колку пати од 1943 година до денес? Иако не треба да заборавиме и на неговиот влог и со зборникот на македонски народни песни од 1943 година (со кој се пројавува и како фолклорист), во кој прва застапена е: „Изгреј зора на слободата“ – химната со која е отворено и првото заседание на АСНОМ, со „Изгреј зора на слободата / зора на верчната борба! И згреј в душите и срцата на сите робје по света!“А како народна песна е претставена и денешната химна „Денес над Македонија“. И иако како што кај него народната поезија се одрази на стилот и на поривот да се пишува на македонски, така и неговата поезија се одрази кај сите повоени македонски автори, да пишуваат и рациновски – на македонски!

„Фигурите на меморија се значајни личности наследени од подалечната или од поблиската историја со коишто се поврзуваат местата, предметите, традициите, културите, верувањата, идентитетите на народите и на човештвото.“, како што ќе истакне и Катица Ќулавкова. Нема друг народ што во својата историја има личности како Рацин во еден период и Конески и припадниците на неговата генерација во периодот по него, што биле подготвени да понесат толкав товар. Можеме ли ние да го понесеме товарот на нашето време? И може ли кусо да се говори или пишува за автор од таков формат, со опус што за жал сè уште е недоистражен?

Иако, како што има кажано и Шопов, според досегшните осврнувања, „..Рационовиот опус не се исцрпува со неговата поезија, она со што овој творец е навистина творец, но она со што Рацин е навистина Рацин, тоа се неговите поетски текстови, тоа се, поточно, неговите „Бели мугри“! Рациновиот опус ја доживеа трагиката на недовршено дело, но во тој опус неговите „Бели мугри“ стојат архитектонски монолитно, како од еден камен извајан уметнички паметник. Ние денес наслутуваме што би можело да се очекува од поетот Рацин да не ја споделеше судбата на своите претходници.“ Но, насетуваме и што ќе се случеше воопшто со македонскиот книжевен и културен развој…

Затоа, се надевам нема да ми биде забележано ако на крајот споделам и нешто од семејната фактографија. Затоа што од една страна горд сум што и во дедовиот куфер, дел од примероците на „Бели мугри“ од Хрватска пристигнале во Македонија, а од друга страна не треба да премолчуваме и дека Рацин бил под бојкот, од СВОИТЕ. И во периодот кога е во логорот во Меѓуречје, кај Ивањица, во келија заедно со Иван Антонов, подоцна Антоновски (а тогаш Антоновиќ) и со Илија Милчин.

Во разговорите со Цане Андреевски, Милчин се сеќава:

„И никогаш никој не ни префрли ни еден збор зошто се дружиме со Рацина. Освен еден член на прилепскиот комитет, случајно сосед на Ивана Антонов, кој дојде еден ден, рано изутрина и највулгарно нè опцу. „Вие двајца копилиња, ќе го спроведувате ли бојкотот спрема Рацина или чекате да ве бојкотираме и вас.“ Јас не го познавав многу. Го знаев по име и презиме од активностите во Прилеп, ама Иван беше и сосед со него и му го знаел табиетот, па му рече: „Имам тука под сламава – на која спиевме – една суровица. Кога ќе ти ја треснам по тиквата, ќе ти се види и бојкот и небојкот. Никогаш повеќе да не си згазил овде. Ние немаме никаква организациона обврска и ќе говориме со кого колку и сакаме. Говориме и ќе говориме со Кочо.” И на тоа се заврши. Не не ставија под бојкот поради Рацина.“

На ова сеќавање се навраќам во време кога доживувам и преживувам нешто што во оваа јубилејна, 115 година од Рациновото раѓање ме поттикнува на многу прашања и дилеми што ми предизвикуваат мачина. Меѓу нив и: Дали и денес, некој сака да е бојктотиран Рацин? Дали повторно бојкотот доаѓа од „своите“? Дали и внуците и правнуците на оние што со Рацина го делеа парчето заробенички леб треба со суровица да треснат по некои тикви? Затоа што во своето излагање при последното свое учество на Рациновите средби, Конески порача: „Кој е против Рацин, тој е против Македонија“.

Резимирајќи ги сеќавања на современиците за Рацина, Димитар Митрев запиша дека „речиси ни во еден спомен не останал неспоменат најомилениот рациновски глагол: „ќе победиме“. Со него Рацин го завршувал секој разговор за субината на заедничкото борбено дело. И ништо друго не значело изговарањето на овој глагол од смислата на неминовно довидување во денот на деновите.“ Затоа и денес, кога повторно, не еднаш „осамнува / во противречности“, со обврзување дека ништо нема да остане недоистражено и дека ќе му се оддолжиме на Рацина… И во нашево време „ЌЕ ПОБЕДИМЕ“! Со неминовно довидување во денот на деновите, кога инаква смисла ќе добијат стиховите: „Се к’ти ноќта црна! / Се рути карпа – мрак! / И петли в село пеат / и зората се зори – / над карпа в крв се мие / и темнината пие /  СИЛНО СВЕТНАЛ ДЕН!“   

Првичната верзија на текстот беше беседа на централната свеченост по повод 115 години од раѓањето на Коста Солев Рацин, одржана во Велес на 22 декември 2023 година.

*Авторот е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во графичкиот дизајн на текстот користени се ВИ портрети чиј автор е Небојша Гелевски-Бане.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново