Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ФЕЉТОН 6 Празните места на книжевната мапа на Скопје кои допрва треба да се пополнуваат

„Книжевната визија на Скопје не е идентична со неговата географска мапа. Токму затоа, Моника Илкова се обидува да ја исцрта (испише) неговата книжевна мапа. И успева во тоа! Оваа книга е патување, трагање по феноменот Скопје како инспирација, како приказна, како лик. Правејќи суптилна споредба на концептот на градот и односот кон него кај автори од различни генерации, Илкова нè упатува кон размисла дека речиси кај сите автори постои доза носталгија за некое нивно Скопје. Ама со својот стил на пишување и истражување и со самата структура на книгата, и кај нас како читатели ја буди носталгијата за нашето Скопје.

Ова е книга која му е потребна и на Скопје, затоа што преку книжевната и културолошка анализа го прикажува во различни периоди на неговиот развој за кои различни генерации имаат носталгија“  – истакнува во својата рецензија за книгата „Книжевна мапа на Скопје“, универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, под чие менторство, првичната верзија на книгата беше магистрерски труд одбранет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Исцртувајќи, односно испишувајќи книжевна мапа на Скопје и движејќи се по неа во оваа книга, Илкова успева да го истражи феноменот на урбофилијата, чувствувањето на градот во македонската книжевност. Во книгата се истражува поетиката на градот како еден од клучните аспекти во творештвото на одредени автори и покажува како перцепцијата и односот кон градот се менуваат во книжевните остварувања на автори од различни книжевни генерации чии книжевни ликови  талкаат по улиците на Скопје.

Славко Јаневски, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Гане Тодоровски, Данило Коцевски, Томислав Османли, Александар Прокопиев, Јадранка Владова, Јовица Ивановски, Оливера Ќорвезироска, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Владимир Јанковски, Жарко Кујунџиски, Петар Андоновски, Иван Шопов… Ова се само дел од авторите што пишувајќи урбана проза и урбана поезија, стануваат картографи на книжевната мапа на Скопје на Моника Илкова.

Книгата е во издание на Центарот за култура и културолошки студии, а уредник е Иван Антоновски. Во овој фељтон претставуваме неколку извадоци од неа. Авторка на илустрациите за книжевните мапи е Моника Илкова.

Скопје, радост ти ќе бидеш

Градот убав пак ќе никне, среде песни в дружен фат, пак ко сонце цел ќе бликне, како топол нежен кат.

Градот е една од клучните поетики на поголемиот дел од автори за кои претходно се пишуваше. Тие на различен начин успеваат книжевно да го визуелизираат и претставувајќи ги сопствените доживувања и толкувања на просторот, да создадат една слика за книжевно Скопје, со сите негови улички, паркови, ќошиња, објекти, кафеани и безброј други места обележани на книжевната мапа на Скопје.

Хронолошки подредени, делата на овие автори овозможуваат да се разгледа и истражи дали и како перцепцијата и односот кон градот се менуваат во книжевните остварувања на автори од различни книжевни генерации. Оттаму може да заклучиме дека речиси кај сите автори постои доза носталгија за некое нивно Скопје. Едните тагуваат по предземјотресно, другите по возобновеното Скопје и неговото корзо, неговите плажи, Скопје од нивното детство. Другите тагуваат по Скопје од пред неговото последно менување на ликот, по улиците што веќе ги нема и градот што веќе не го чувствуваат како свој. Оттука, носталгичниот тон е заеднички за сите генерации автори урбофили, разликата е во тоа што сите тие тагуваат по различен период од постоењето на Скопје, што го сметаат како најубав. Според тоа, Скопје во секој период од своето постоење бил најубав, само тоа, скоро секогаш (барем во книжевноста), отпосле му е признато.

Почнувајќи од „Улица“ од Славко Јаневски, по која се движат првите фланери на Скопје, фланерот (flâneur) или уметничкиот, урбан талкач/шетач се олице(к)творува понатаму во длабоко животно-опредметената проза (романите и расказите) на Димитар Солев. Тие се движат по места избришани од географската карта од виорот на војната, земјотресот и времето но, и на места и улици во Скопје по кои и ден-денес се движиме.

Исцртувањето на книжевната мапа на Скопје продолжува по улиците по кои се движи пајтонот на Влада Урошевиќ во неговата проза, но и со поезијата со која добиваме еден албум со поетски слики од уличките на градот што е негова поетска опсесија. Неговата поетска визија за градот, надополнета со различните манифестации на градот во неговата проза како засебен, автономен лик, но и градот како нешто загадочно и возбудливо, дадоа огромен придонес во формирањето на оваа мапа. Освен тоа, Урошевиќ мајсторски успеа да ја пренесе атмосферата на градот од времето за кое пишува, доловувајќи ги и неговите бои, мириси, вкусови и тешката скопска омарнина, со што претставува вистински пример за „урбофил“ во македонската книжевност. Се покажа дека тој е авторот кој преку најголем број различни книжевни форми зборува за Скопје: романи, раскази, поезија, патопис, разговори, есеи итн.

Сликата за градот се надополнува со Скопјани“, книгата колаж за Скопје и скопјани, со која се додваат нови точки на книжевната мапа на Скопје.

Различни манифестации на фланерот, од страна на различни автори беа препознаени во антологијата на скопскиот расказ „Ден во Скопје“, а со фактографијата, документарноста и емоцијата од колумните на Данило Коцевски, се додадоа нови точки и улици на оваа мапа.

Како вистински претставник на фланеризмот во македонската книжевност, овој „осамен шетач“, заслужно е наречен најголем хроничар на градот Скопје од крајот на минатиот и почетокот на овој век.

Томислав Османли, вториот по ред автор, познавач на историјата на градот, со своето творештво придонесе за доловување на годишните времиња во Скопје, мирисот на липите и атмосферата во градот непосредно пред земјотресот.

Фланеристичката поетика понатаму ја следи авторот Владимир Јанковски чии романи пулсираат во ритамот на модерното градско живеење, следејќи ги промените на градот од последните триесетина години.

Оливера Ќорвезироска помогна при правењето на книжевниот регистар на имињата на улиците што веќе ги нема во стварноста, но ги впишавме на оваа книжевна мапа. Навидум преку носталгијата по „улиците што ги нема“, а со тоа и по градот каков што некогаш бил, овие раскази претставуваат и протест и бунт, а со тоа на нив може да се гледа како еден вид ангажирана литература.

Читајќи ги поновите книжевни остварувања, на помладите урбофили во македонската книжевност, забележавме малку поексплицитно упатување на општествено политичките случувања, во склоп на нивните дела. Во тој поглед особено се издвојуваат Владимир Јанковски, Јовица Ивановски и Михајловиќ-Костадиновска, Иван Шопов, а малку подискретно и Жарко Кујунџиски и Ана Голејшка.

Поновата генерација автори различно ја искажува својата љубов кон градот, иако сите тие се урбофили на свој начин. Дел од нив тоа го прават искажувајќи го бесот, дел од нив воздигнувајќи ги малите, навидум обични нешта од скопските улици. Сепак, зад нив се крие топлото чувствување на градот.

На оваа книжевна мапа на Скопје, постојат празни места кои допрва треба да се пополнуваат и истражуваат низ делата на старите и новите книжевните картографи. Верувам дека доаѓаат нови генерации на автори урбофили кои треба да придонесат со своите бои за обојување на оваа мапа која останува отворена за обележување на нови книжевни улици. Ќе има уште многу да се зборува (пишува) за Скопје.

(Крај)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново