ФЕЉТОН Сентиментална нота за талкачите низ градот кој веќе го нема

„Книжевната визија на Скопје не е идентична со неговата географска мапа. Токму затоа, Моника Илкова се обидува да ја исцрта (испише) неговата книжевна мапа. И успева во тоа! Оваа книга е патување, трагање по феноменот Скопје како инспирација, како приказна, како лик. Правејќи суптилна споредба на концептот на градот и односот кон него кај автори од различни генерации, Илкова нè упатува кон размисла дека речиси кај сите автори постои доза носталгија за некое нивно Скопје. Ама со својот стил на пишување и истражување и со самата структура на книгата, и кај нас како читатели ја буди носталгијата за нашето Скопје.

Ова е книга која му е потребна и на Скопје, затоа што преку книжевната и културолошка анализа го прикажува во различни периоди на неговиот развој за кои различни генерации имаат носталгија“  – истакнува во својата рецензија за книгата „Книжевна мапа на Скопје“, универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, под чие менторство, првичната верзија на книгата беше магистрерски труд одбранет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Исцртувајќи, односно испишувајќи книжевна мапа на Скопје и движејќи се по неа во оваа книга, Илкова успева да го истражи феноменот на урбофилијата, чувствувањето на градот во македонската книжевност. Во книгата се истражува поетиката на градот како еден од клучните аспекти во творештвото на одредени автори и покажува како перцепцијата и односот кон градот се менуваат во книжевните остварувања на автори од различни книжевни генерации чии книжевни ликови  талкаат по улиците на Скопје.

Славко Јаневски, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Гане Тодоровски, Данило Коцевски, Томислав Османли, Александар Прокопиев, Јадранка Владова, Јовица Ивановски, Оливера Ќорвезироска, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Владимир Јанковски, Жарко Кујунџиски, Петар Андоновски, Иван Шопов… Ова се само дел од авторите што пишувајќи урбана проза и урбана поезија, стануваат картографи на книжевната мапа на Скопје на Моника Илкова.

Книгата е во издание на Центарот за култура и културолошки студии, а уредник е Иван Антоновски. Во овој фељтон претставуваме неколку извадоци од неа. Авторка на илустрациите за книжевните мапи е Моника Илкова.

За книжевните картографи: просторот и неговото доживување во/преку книжевноста

„Напоредно со градот живее неговиот двојник во зборот, неговата книжевна сенка.“ – Влада Урошевиќ

Мотивот за чувствувањето на просторот уште многу одамна наоѓа свое место во литературата. Концептот на патувањето и менувањето на просторот е двигател на книжевното дејствие уште во првите пишани текстови во историјата на цивилизацијата па наваму. Но, во модернизмот, движењето низ улиците и лавиринтите на модерниот град наоѓа значајно место во литературата, почнувајќи со поетиката на Шарл Бодлер (особено неговиот постхумно објавен „Проект Аркади“ составен од текстови за градскиот живот во Париз) со која се воведува концептот на фланеризмот во литературата како парадигма на „шетање низ градот“.

Чувствувањето на градот, неговото визуелизирање, толкување и доживување на просторот продолжува да се протега во литературата. Урбаниот простор станува централен мотив на многу книжевни остварување од различни жанрови. Несомнено, градот како една од опсесиите во литературата од XX век продолжува и во XXI.

Главната цел на овие редови е да се исцрта, односно да испише една книжевна мапа на Скопје и движејќи се по неа да го истражи феноменот на урбофилијата, чувствувањето на градот во македонската книжевност. Целта е да се истражи поетиката на градот како еден од клучните аспекти во творештвото на одредени автори и да покаже дали и како перцепцијата и односот кон градот се менуваат во книжевните остварувања на автори од различни книжевни генерации, но и да се покаже дека просторот не претставува само декор, туку во голема мера ги одредува случувањата и го придвижува дејството и дека и просторот, градот, е скриен, независен лик.

Оваа студија претставува обид да се истражи односот кон градот на различни автори, кои пишуваат за (по)воено Скопје, Скопје пред и Скопје по земјотресот, односно, за старото и новото Скопје, но истражувањето ќе продолжи и ќе биде насочено кон остварувањата од најновата книжевна сцена во кои постои еден друг рез помеѓу старото и новото. Во најновите книжевни остварувања повторно, но во една поинаква форма, се појавува онаа носталгично-сентиментална нота за градот кој веќе го нема, но овој пат „изгубен“ од стихија поразлична од онаа природната во 1963. Така тие се јавуваат како критика, како бунт и протест кон она што е градот денес и на тој начин зборуваат за „улиците што ги нема“, „градот што веќе не е мој“, „Скопје и сè е можно“, „украдениот град“, па оттаму оваа литература со носталгичен тон, речиси се претвора во ангажирана.

За да се постигне поставената цел, секако, потребно беше да се истражат автори од различни книжевни генерации, да се користи апликативна литература од повеќе различни книжевни форми и да се почувствува, прочита и прошета книжевната мапа на Скопје преку романи, раскази, поезија, колумни, патописи итн.

Феноменот простор е едно од најзначајните видови човечки искуства. Од првите сензорни информации што ги обработува мозокот на новороденчето до заокруженото разбирање на светот кај зрелиот човек, просторот и просторноста претставуваат фундаментални категории.

Брзиот развој на европските градови во втората половина на 19 век во книжевноста резултирал со голем број нови теми и мотиви. Рано истржување за брзиот развој на урбаниот простор се појавува во Бодлеровиот есеј „Сликар на модерниот живот“ (1863). Овде Бодлер го објаснува концептот „the man of the crowd“ и ја воведува фигурата на уметникот шетач. Овој концепт понатаму, во дваесеттиот век , е развиен и наречен фланер (flâneur) или урбан талкач/шетач од германскиот литературен критичар, Валтер Бенјамин, во недовршените текстови (пишувани помеѓу 1927 и 1940 година), во кои зборува за градскиот живот во Париз. Текстовите биле постхумно објавени под името „Проект Аркади“ (The Arcades project (1927-1940)). Поимот фланер станува клучен во понатамошните истражувања кои се занимаваат со просторот и урбаноста, а означува. Фланеризмот претставува талкање низ лавиринтите на модерниот град.

Flâneur – урбан талкач (Илустрација)

Условени од модернизацијата на градскиот простор, во книжевноста се појавуваат различни ликови, односно различни манифестации на фланерот. Опсесијата со градот на романсиерите во XX век, несомнено продолжува во XXI век.

Покрај останатите пристапи на просторот во книжевноста, обработката на градот, има сè позначајно место, затоа што тој простор, разгледуван како функционална наратолошка категорија, може да влијае на формирањето на ликовите или на развојот на приказната. Сместувањето, откривањето на просторот во центарот или на маргините на книжевното дело ја инспирира книжевната теорија и критика и резултира со интересни истражувања и студии.  

Книжевното обликување на градот Скопје е присутно во делата на голем број македонски автори. Градот е една неисцрпна тема и претставува книжевна окупација на значајни автори од нашата книжевна сцена. Чувствувањето на градот (Скопје), доловувањето на градската, скопска атмосфера во различни книжевни дискурси, напишани во различни периоди, ја испишува (и исцртува) книжевната мапа на градот. Славко Јаневски, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Данило Коцевски, Томислав Османли, Александар Прокопиев, Јадранка Владова, Владимир Јанковски, Јовица Ивановски, Жарко Кујунџиски… се само дел од авторите што пишувајќи урбана проза и урбана поезија, стануваат картографи на книжевната карта на Скопје.

Во македонската литература, прво дело кое во одредена мера ја третира темата за градскиот живот, е повеста „Улица“ од Славко Јаневски (во јавноста сè уште постојат дилеми за нејзино редефинирање како роман). Објавена е за првпат во 1950 година, пред првите македонски романи: две години пред објавувањето на „Село зад седумте јасени“ од Славко Јаневски и три години пред објавувањето на „Крпен живот“ од Стале Попов.

„Улица“ е приказна за растењето, менувањето, односно созревањето на едно дете во Скопје, пред Втората светска војна, приказна за една улица, нејзините жители и минувачи и нивните доживувања. Повеста „нема намера“ да биде урбофилна литература и не би можеле по дефиниција да ја сметаме како таква, но во секој случај, прикажува една слика на предвоено Скопје.

Една од намерите на останатите делови од овој фељтон ќе биде да направи хронолошки преглед на книжевни остварувања што ја исцртуваат книжевната мапа на градот, ќе бидат опфатени повеќе автори со слични книжевни преокупации, чие целокупно творештво или дел од него е врзано за урбаниот сензибилитет и преку кое се градат книжевни споменици на градот за различни периоди од неговото постоење. За таа цел направив свој и не толку тесен избор на автори и нивни, според мене, најрепрезентативни дела, што претставуваат апликативна литература на оваа студија. И покрај тоа, останаа автори на кои можеби ќе им се посветам во некој поширок контекст.

(Продолжува)

Треба да знаете
Moже да ве интересира