Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ФЕЉТОН Рацин и богомилите – од авангардистички космополитизам кон револуционерен национализам

Рацин низ приказната за богомилите опсервира низа податоци од исклучителна важност за опстојноста на Македонците

Рацин.мк во неколку продолженија го објавува трудот на Весна Мојсова-Чепишевска* – „Рациновите есеи – судбоносна фаза во националното созревање“.

„На идните испитувачи веројатно им остануваат малку можности да откријат нешто суштествено ново за неговата трагично прекината повест и за неговиот лик на творец којшто претставува почетно поглавје во развитокот на современата македонска национална култура. Но тоа не значи дека темата Рацин не може да биде предмет на нови преокупации.“ (Митрев, 1987: 110, означеното е мое)[1], што се потврдува и преку овие мое размисли. Рацин е вечна провокација зашто тој се прима како „симптом и симбол на најсудбоносната фаза во еволуцијата на нашето национално созревање“ (Митрев, 1987: 110).

Рациновата публицистичка и есеистичка продукција е создавана во еден дух во кој „провладува одговорноста и долгот кон народот“ (Митрев, 1987: 111). Според моето убедување таа е вистински репрезент на научниот есеј кој уште во неговото време, а во нашето посебно, се покажува како „рамноправен партнер на строгиот научен труд“ (Сталев, 2003: 125). А есејот како размисла, како став, како развивање на теза и аргументација е својствен за секое мислечко битие и можеби за тоа му е толку драг и на Рацин.

Доказ за тоа е и бројката од нешто повеќе од дваесетина текста расфрлани по тогашната југословенска периодика и во негова оставнина, во ракопис. Сепак, во оваа пригода мојот интерес е насочен само кон трите есеи за богомилите, напишани и објавени во периодот од 1939 до 1940 година по различни поводи[2], како и кон неговите статии „За поправилно сфаќање на нашето минато“[3] и „Развитокот и значењето на една нова наша книжевност“[4] која е со „естетички и книжевноисториски атрибути на литературен манифест“ (Друговац, 1990: 183[5]). Тоа се текстови кои покажуваат како неговото дијалектичко чувство постојано го потсетува, но и опоменува дека „националната самосвест се витализира со одушевувањето од големите дела од сопственото минато“ (Митрев, 1987: 112). Токму затоа Рацин своето дело го гради врз идејата „за продолжување на незавршеното дело на нашите преродбеници“ (Митрев, 1987: 110), па така: „Делото што го започнаа Пејчиновиќ, Миладиновци и Жинзифов, скршнато еднаш од историските неминовности по друг пат, ќе ѝ се врати сега на својата матица и ќе најде свои достојни следбеници“[6], особено кога веќе напредната младина на Повардарјето, како што вели самиот, „најпосле се снајде и оди по свој пат, па треба будно да се варди на скршнувањата во кои би можела таа да западне“[7].

„Се чини дека есеј добиваме секогаш кога јас-истражувачот и јас-истражениот предмет се доведуваат во рамнотежа. Формулата е едноставна: меѓу спознавачот и спознанието постои знак на равенство. Но, кога конечно равенството ќе се постигне, спознанието не застанува таму; тоа ги преминува границите во циклично движење кое повторно се влева во свеста на она јас што спознава“, нагласува Татјана Б. Ефтимоска[8]. Читателот на есејот присуствува на еден мошне интересен чин на самоспознавање на авторот, на неговото автореференцијално истражување на неоткриените простори во неговото сопствено јас. Тоа е чин кој, повторно парадоксално, ни малку не е солипсистички или самодоволен, и затоа е феномен за читателот.

Но, кои се тие простори на она Рациново јас? Тоа се просторите кои се оформуваат во времето кога нашата напредна интелегенција, особено напреднатото студентство почнува сè поотворено да си го поставува „прашањето за изградба на националната македонска култура, за зтврднувањето на македонската свест во народот“ (Конески, 1987: 95)[9].

Текстовите за богомилите ја потврдуваат и дополнуваат кај самиот Рацин философската преориентација која се движи од авангардистички космополитизам кон револуционерен национализам изразен преку силен експресионистички ентузијазам. Овој ентузијазам доаѓа до израз преку неговата силна афирмација на богомилското движење, кое добива сериозни димензии на култ во овие три есеи. Рацин нема намера за својата одбрана тема да пишува систематично. Тој ѝ дозволува на својата мисла да се развива преку дигресии и противречности[10] како составен дел на експресионистичкиот сензибилет. Исто така, доволно лежерно го изостава користењето на изворната литература во есеите. Тој и кога се повикува на конкретни научни дела и мислења на некои свои современици повеќе тоа го прави со цел да го поткрепи естетско-философскиот ефект, отколку на тие свои текстови да им даде научна интонација. Затоа научната полемика преминува во лирски егзалтирана проповед[11].

Овие намерни или дури и ненамерни „фалсификати“ најверојатно произлегуваат од богословската (библиската) неупатеност на авторот. Сепак, многу повеќе сме склони да веруваме дека тие се еден вид потреба кај Рацин дуалистичкото богомилско учење да го прилагоди на матрицата на дијалектичкиот материјализам на марксистичката идеологија. Така во третиот есеј, објавен дури и под псевдоним, се забележува поизразена употреба на општи места од политичката економија на марксизмот инсталирана во општествените и културните процеси на средниот век.

Во него Рацин самиот го „реконтекстуализира исчитувањето на богомилството во правец на антинационалните, федералистички општествени констелации на југословенската плуралистичка концепција“ (2006: 100). Од друга страна, есеите за богомилите содржат низа елементи исклучително важни за македонската историографија[12], зашто, како што нагласува Горан Калоѓера, „Рацин низ приказната за богомилите опсервира низа податоци од исклучителна важност за опстојноста на Македонците на ова тло уште од времето на нивното доаѓање на Балканот“ (2009: 103).


[1] Овој текст на Димитар Митрев („Рацин во развојот на македонската национална култура“ во шестомникот РАЦИН. – Скопје: 1987) е, всушност, беседа искажана на свечениот собир во МАНУ на 13 јуни 1968 година.

[2] Драговитските богомили, есеј напишан околу 1938–1940 кој сè до 1948 година стои во ракопис кога е објавен во редакција на Блаже Конески. Македонскиот текст Богомилите умножен на шапирограф и растурен по појавата на Бели мугри, во последниот месец од 1939 и почетокот на 1940 година, е есеј кој го соопштува Ѓеорѓи Шоптрајанов во списанието Македонски јазик (год. I, бр. 8,.9, год. II, бр. 1, 2, 3). Третиот, Селското движење на богомилите во средниот век, за првпат е објавен во Народна читанка из науке и књижевности (Сељачки покрет Богомила у средњем веку. – Београд: 1939, бр. 7, 20–24), а потоа и во весникот Наша реч (Скопје: 1940, год. II, бр. 16-17) (види Кочо Солев Рацин. Проза и публицистика во шестомникот РАЦИН. – Скопје: 1987.

[3] Статијата „За правилније схаватање наше прошлости“ излегува под иницији кои насочуваат на неговиот псевдоним Н(евен) П(ејко) во списанието Kultura (Zagreb: 15 novembar 1937, god. II, br. 7, 1).

[4] Оваа Рацинова статија „Развитак и значај једне нове наше књижевности“ за првпат е објавена во списанието Radnički tjednik (list za socijalna i ekonomska pitanja) (Zagreb: 25 listopad 1940, god. I, br. 23, 5-6). Таа има ракописна верзија која на македонски ја преведе и приопшти Ѓорѓи Милошев во списанието Иднина (Скопје: 1950, год. II, бр.4).

[5] Миодраг Друговац. Историја на македонската книжевност XX век. Скопје: Мисла, 1990.

[6] Цитатот е преземен од Рацин. Проза и публицистика. РАЦИН. Скопје: 1987, 169.

[7] Цитатот е преземен од Рацин. Проза и публицистика. РАЦИН. Скопје: 1987, 102.

[8] Да се види магистерската теза на Татјана Б. Ефтимоска под наслов Есејот како книжевен жанр (македонско искуство), одбранета во април 2009 година, која излезе и како книга Есејот (македонско искуство) (Скопје: Македонска реч, 2011).

[9] Блаже Конески. „Богомилите од Коста Рацин“. РАЦИН. Прилози I. Скопје: 1987, 95–99.

[10] За овие дигресии и особено за противреностите врз кои се развиваат трите есеи говори магистерскиот труд на Методи Златанов под насов Рацин и богомилите (исчитување на традициите) одбранет на Филолошкиот факултет Блаже Конески на 10.03.2006 година кој излезе и како книга под истиот наслов наредната година (Скопје:Три, 2007).

[11] Види Весна Мојсова-Чепишевска. Рацин и експресионизмот. Скопје: Менора, 2000.

[12] Во овој контекст, хрватскиот проучувач на македонскиот XIX и XX книжевно-историски век, Горан Калоѓера го поврзува Рацин со хрватската историографија поточно со нејзиниот втемелувач Фрањо Рачки. Види Goran Kalođera. „Racin s vremenske distance“. Prilozi istraživanju makedonske povjesti kniževnosti. Skopje: Sovremenost, 2009, 95–105.

(продолжува)

*Весна Мојсова-Чепишевска е професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во графичкиот дизајн на фељтонот се користени ВИ портрети чиј автор е Небојша Гелевски-Бане.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново