ФЕЉТОН (2): Рациновата потрага по естетика на акцијата

Меѓу двете светски војни, нема поистакнат македонски книжевен критичар и публицист од Рацин

Рацин.мк во неколку продолженија го објавува трудот на Иван Антоновски* – Ни треба ли нов „Огномет“ како Рациновиот?

По 2023 година, должни сме да не заборавиме дека во неа се случи уште еден јубилеј – во јануари 1933, пред 90 години, Рацин ја поведува и иницијативата за организирање литературна вечер во Велес на која би учествувале напредни луѓе од перото.

„Во студената јануарска вечер на 1933 година, уште еднаш дојде до израз револуционерната и културната традиција на градот. Просторијата на кафаната ‘Загреб‘, што се наоѓаше во строгиот центар на градот, не можеше да ја собере заинтересираната публика за оваа приредба. Поголемиот број од присутните беа млади. Ваквото интересирање ја загрижи полицијата, па затоа презеде мерки.“ – како што има запишано Коробар, во своите сеќавања за вечерта во која веднаш по громогласниот аплауз за „Огномет“ се случило полициското апсење.

Текст од Рацин за Хегел

Иако денес некој сака да го маргинализира и омаловажи, клучен дел од опусот на Рацин е неговата критичко-ееистичка и публицистичка дејност. Како ниту еден друг македонски интелектуалец, тој има успеано, и во отсуство на македонско гласило, неговото критичко и публицистичко перо да допре до напредната, тогашна југословенска периодика. И по 115 години од неговото раѓање, должни сме да нагласиме: меѓу двете светски војни, нема поистакнат македонски книжевен критичар и публицист од Рацин. Но, должни сме да нагласиме и дека во нашиот културен контекст, поради политички побуди, досега во фокусот е пред сè „Бели мугри“, но критичко-есеистичкото и публицистичко творештво на Рацин, и по својот квалитет, и по неговото значење е најмалку со исто значење колку неговите поетски објави.

Публицистичката и есеистичка актива на Рацин, во историскиот континиум претставува пресек на македонскиот книжевен интелектуализам. Рациновиот есеј, како што е нагласено од Мојсова-Чепишевска во едно од немногубројните претходни осврнувања кон овој сегмент од опусот на Рацина, „е вистински репрезент на научниот есеј“. И кон тоа би додале: Рацин, со текстовите за богомилите и богомилкото движење е и првиот современ македонски медиевалист, но со нив и со студијата за Хегел и првиот македонски современ филозоф. Оттука, нужно е да се извршат темелни разграничувања меѓу вистинската публицистика и вистинската книжевна критика и есеистика во Рациновиот опус, како што укажа и Миодраг Друговац, „зашто поголемиот дел од тие Рацинови написи ги имаат сите потребни атрибути на една во сѐ автентична книжевна критика, односно есеистика“ .

Навраќајќи се кон т.н. Рацинов период во македонската книжевна критика и анализирајќи ги особеностите на Рациновите критичко-есеистички текстови, од објавувањето на приказот на книгата „Новеле“ на Стеван Галогажа, во 1931 година па сѐ до последните објавени на почетокот на Народноослободителната борба се издвојуваат две фундаментални критичко-теориски категории – клучни постулати на неговата критичка реч: дејствувачка естетика и објективна вистина.

Својствено на неговата марксистичка ориентација, интересот за естетиката во книжевното дело, кај Рацина е потрага по дејствувачка естетика, односно по естетика на акцијата, којашто инсистира на суштествувањето на книжевното дело во контекстот и на некнижевната стварност. Но клучно, независно од таквото поимање, Рациновата критика и публицистика, сепак, првенствено го исчитува книжевниот текст со диоптрија којашто не инсистира таквата естетика да се перципира догматски, што дополнително придонесува Рациновите критички да се вреднуваат и надвор од вообичениот однос кон социјалистичката / левата книжевнокритичка реч и да се воспостави синтеза на потрагата по дејствувачката естетика во Рациновите критички судови и перцепции за книжевноста со позициите на Мирослав Крлежа во текот на судирот на книжевната левица во Југославија.

Впрочем, Рациновата критика сведочи и за зародишот на современото (понатаму етаблирано и како модернистичко) микрочитање на книжевното дело во нашата книжевна традиција, ама за изградена лична свест покрај потребата од вреднувачки дјалог со делото (а не дотолку со авторот надвод од делото) да се има предвид и севкупниот книжевен и културен контекст и визија за натамошниот книжевен развиток. 

Сцена од ТВ серијата „Црвениот поет“

Како илустративен пример би го посочиле критичкиот приказ за полемичката книга „Скидање маске“, објавена во Загреб, во 1931 година, во којшто Рацин потенцира: „Вистина, актуелност на денешнинава не е баш книжевноста, секако. Но значи ли тоа дека и покрај тоа, книжевноста е некоја ’terra incognita’ и дека писателите се така далеку надвор од таа актуелност? Ќе се земе ли предвид дека особено најмладите се тие коишто сакаат да заседнат на изворите на општествените противречности и дека овие, пак, се суштински за понатамошниот развиток на општеството, – тогаш ќе се увиди од каква револуционерна или реакционерна важност е нивната дејност и положба на едно правилно гледиште“. Зарем не е така и денес?!

Тој и полемизира со своите современици – автори и критичари, што може да се увиди и во неговите осврнувња кон критичките одглаи за делото на Анѓелко Крстиќ. Токму на недогматското третирање на дејствувачката естетка се темели Рациновото полемизирање со ставовите за конкретни дела искажани од негови современици, коешто сведочи и за поставувањето на темелите на современата книжевна полемика во нашата книжевна традиција, иако при исчитувањето на Рациновиот опус, не може да се говори за полемика како одделен жанр, туку за критичко-есеистичко остварување коешто е резултат на потребата да се искаже своето мислечко – книжевно и културолошко, но и филозофско, визионерско Јас за книжевноста.

Неслучајно, во овие текстови, Рацин го употребува и терминот објективна вистина како книжевна категорија. Зарем и ние денес потојано не трагаме по објективната вистина?

(продолжува)

Првичната верзија на текстот беше беседа на централната свеченост по повод 115 години од раѓањето на Коста Солев Рацин, одржана во Велес на 22 декември 2023 година.

*Авторот е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во графичкиот дизајн на текстот користени се ВИ портрети чиј автор е Небојша Гелевски-Бане.

Треба да знаете
Moже да ве интересира