Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: „Буре Барут“ на Паскаљевиќ, филмови со Мерил Стрип, книга од Сузана Милевска, изложба на студентите на ФЛУ

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филмови, книга, ликовна изложба… Гледајте, читајте, слушајте…

Филм: „Буре барут“ на Горан Паскаљевиќ

„Буре барут“ (Bure Barutа) на Горан Паскаљевиќ (Goran Paskaljević) е игран во продукција на Србија, Македонија, Франција (1998, 102 мин, 35мм), по сценарио на режисерот и Дејан Дуковски (Dejan Dukovski), со Мики Манојловиќ, Лазар Ристовски, Драган Николиќ, Мирјана Карановиќ, Небојша Глоговац (Miki Manojlovic, Lazar Ristovski, Dragan Nikolic, Mirjana Karanovic, Nebojsa Glogovac) и дузина врвни актери.

Сторијата снимена според популарната драма на Дуковски, „Буре барут“ е сместена во Белград, во средина на „оловните и очајни“ деведесетти години од минатиот век. Животот на дваесетина луѓе се вкрстува на неочекувани и непријатни начини во текот на само една вечер. Фрагментарната драматургија на Дуковски го создава мозаикот од разни ликови и нивните судбини: момче го краде автомобилот од татко му, па по бенигната сообраќајка следува одмазда; Мане, по враќањето од странство, открива дека неговата сакана Наталија има нов љубовник; пензионираниот полицаец, „чика“ Димитрие, дознава кој и зошто му ги скршил коските; насилството и агресијата, наизглед со ништо предизвикани, еруптираат со трагични последици…

Драмскиот текст на Дејан Дуковски имаше мошне успешни поставки во Македонскиот народен театар (режија Сашо Миленковски), белградското Југословенско драмско позориште (Слободан Унковски) и низа други театарски сцени. Во филмот настапуваат и македонските актери Никола Ристановски и Тони Михајловски.

„Буре барут“ (чиј наслов за светската дистрибуција беше „Cabaret Balkan“) освои десетина награди и признанија, меѓу кои наградите на критичарите ФИПРЕСЦИ на Венецискиот филмски фестивал и Европските филмски награди, Бронзената Камера 300 за кинематограферот Милан Спасиќ на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, наградите за најдобар филм на фестивалите во Гент (Белгија), Хаифа (Израел), Санта Барбара (САД), Ваљадолид (Шпанија)…

Проекцијата на „Буре барут“ на 35 мм лента е на 9 мај (четврток) од 20 часот во Кинотеката.

Книга: „Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ од Сузана Милевска

На 7 мај (вторник) од 19:30 часот во КСП Центар – Јадро ќе се одржи промоција на книгата „Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ од Сузана Милевска, во издание на „Контрапункт“.

Промоцијата на македонското издание на новата книга на Милевска – една од нашите најзначајни теоретичарки на визуелната уметност култура и кураторка – се одвива во рамките на деветтото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, платформа која „Контрапункт“ ја покрена во 2016 година.

Промоцијата ќе се одвива во дијалошки формат помеѓу Сузана Милевска и Артан Садику, политички филозоф. Воведни зборови ќе има Искра Гешоска, теоретичарка на културата и културна работничка, а свои интревенции ќе има Тијана Ана Спасовска, историчарка на уметноста. Промоцијата е замислена како отворен дискурзивен и партиципациски настан што ќе вклучи и сесија со прашања и одговори од присутните.

„Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ е избор од петнаесет есеи за париципациската уметност со фокус на уметноста во Југоисточна и Централна Европа. Милевска ги напишала и објавувала овие текстови на англиски во текот на повеќе од петнаесет години. За првпат, овие есеи се објавуваат заедно во оваа збирка, почнувајќи со првиот есеј напишан на оваа тема во 2006 година. Сите есеи се преведени на македонски јазик и уредени од Ана Димишковска, деканка на Институтот за филозофија и професорка по логика и филозофија, при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“, Скопје.

Сузана Милевска ги артикулира и интерпретира плуралните, отворени, променливи форми во уметноста кои, сепак, претставуваат кохерентно единство, структура која потенцира и репрезентира одреден свет на релации помеѓу поединечните општествени и човечки и интимни наративи, помеѓу политичкото и уметничкотот. Зошто е од исклучително значење книгата со теориски артикулации и размислувања на Сузана Милевска – заради нејзината важна интервенција во етичко-политичката организација на промислувањето на партиципациската уметност, и заради нејзиното храбро и предизвикувачко отворање/поставување прашања преку чии можни одговори може одново да се освои изгубениот политички и уметнички простор, разбиен со безмилосните напади на глобалниот неолиберализам. Милевска освен што во една повеќегодишна епистемолошка перспектива нуди огромен спектар на предностите и замките кои со себе ги носи партиципациската уметност, таа едновремено, нѐ воведува во една поинаква перспектива низ која ги согледуваме и институционалните лавиринти, и постколонијалните спирали, а сето тоа, се разбира, со исклучително внимателно инсистирање на контекстите во кои се одвиваат ваквите динамики.

Книгата на Милевска „Контрапункт“ ја објави и на англиски јазик, а промоцијата на англиското издание беше во март 2024 година, во Њујорк.

Од промоцијата во Њујорк

Сузана Милевска е кураторка и теоретичарка на визуелните уметности и култура Нејзините теориски и кураторски интереси се свртени кон постколонијалната критика на хегемонските режими на моќта во претставувањето, родовите разлики во визуелната култура, и феминистичките, партиципациските и колаборативните уметнички практики. Милевска била Главен истражувач на проектот на Хоризонт во 2020 насловен како ТРАГИ на Политехничкиот Универзитет Милано, а во 2019 година таа ја курирала завршната изложба Спорни објекти/Засрамени субјекти. Во 2013 година, таа била назначена за прв поддржан професор за историја на уметностите од Централна и Југоисточна Европа на Уметничката Акдемија во Виена (2013 – 2015). Милевска докторирала визуелна култура на Голдсмит Колеџ, при Лондонскиот Универзитет. Во 2004 година била Фулбрајтов стипендист како виш истражувач во Конгресната библиотека во Вашингтон. Таа има курирано бројни меѓународни изложби, го има иницирано проектот Повикај го сведокото – Рома павилјон на Венециското биенале (2010-2011). Нејзините текстови се преведени на бугарски, хрватски, англиски, француски, унгарски, германски, италијански, јапонски, руски, српски, словенечки, шпански, шведски, турски, итн. Таа е автор и уредник на многу книги, меѓу кои Gender Difference in the Balkans, 2010, The Renaming Machine: The Book, 2010, и On Productive Shame, Reconciliation, и Agency, SternbergPress, 2016 година. In 2012 ја добива наградата Игор Забел за култура и теорија.

Оваа книга е објавена како дел од проектот Peripheral Visions – towards a trans(l)national publishing culture, кој си поставува за цел да развие меѓународна размена меѓу малите културни и лингвистички контексти на полуперифериите на Европа со меѓусебна поддршка преку ко-продукции, ко-креации, трансфер на знаења и споделување на ресурси. Преку мултилингвално издаваштво, трансдисциплинирана културна продукција, алтернативна дистрибуција, размена на знаење, дигитални содржини, отворени дигитални технологии, и нови формати на игри, проектот создава меѓународен простор за создавање и експериментирање во издавачкиот процес. Peripheral Visions е заеднички проект на Културтрегер, Маска од Љубљана, eipcp – European Institute for Progressive Cultural Policies, kuda.org, Контрапункт и Мултимедијалниот Институт со здружените партнери Kulturföreningen Glänta и EUROZINE.

Изданието е финансиски поддржано од Министерството за култура на Република Северна Македонија и програмата Креативна Европа на Европската Комисија, финансирана од Европската Унија. Но, гледиштата и мислењата што се изразени во неа се сепак само на авторот(ите) и не нужно ги одразуваат оние на Европската Унија или на Европската агенција за образование и (EACEA). Ниту Европската Унија ниту доделувачот на грантот не можат да се сметаат за одговорни за нив.

Филм: Избор од најдобрите улоги на Мерил Стрип

Мерил Стрип (Mary Louise “Meryl” Streep, 1949) ќе ја добие почесна Златна палма на годинешниот Филмски фестивал во Кан на 14 мај. Неповторливата актерка досега забележа рекордни 21 номинација за престижниот Оскар, а само еднаш била на Канскиот фестивал, пред 35 години, со филмот „Плач во темнината“ (Evil Angels / A Cry in the Dark), со кој ја освои „Златната палма“ за најдобра женска улога.

Стрип во нејзиното портфолио има три Оскари, за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година. Канското признание е само уште една прилика да се потсетиме на нејзините остварувања. Еве го нашиот мал избор:

„Изборот на Софи“ (Sophie’s Choice, 1982), во режија на Ален Пакула (Alan J. Pakula) често е истакнуван заради брилијантната улога на Стрип. Таа го толкува ликот на Зофија Софи Завистовска, емигрантка од Полска по Втората светска војна, која создава љубовен триаголник со нејзиното момче Нејтан (Кевин Клајн) и младиот писател Стинго (Питер МекНикол). Стрип супериорно владее со лингвистичките нијанси на англискиот, германскиот и полскиот јазик (што и ја донесе неформалната титула „кралица на акцентите“), емоционалните амплитуди на жена која ги изгубила децата во концентрациониот логор Аушвиц, и по емигрирањето САД се обидела да создаде нов живот… „Изборот на Софи“ е ремек-дело и во начинот на флешбек нарацијата, како и во психолошкото нијансирање на ликовите до најситните детали.


„Мостовите во областа Медисон“ (The Bridges of Madison County, 1995) во режија на нејзиниот главен партнер од филмот, Клинт Иствуд (Clint Eastwood) на публиката и покажа дека Стрип може да креира улога-студија како и во дузина нејзини претходни филмови, и притоа да биде заводлива „селанка“ од американскиот Југ со тежок италијански акцен

Стрип ја игра Франческа, домаќинка на фарма, која ќе посака да ја почувствува емоционалната слобода, макар и на четири дена, со дојденецот во нејзиниот крај, фотографот Роберт, додека нејзиниот маж и деца се на некој земјоделско-сточарски саем. „Мостовите во областа Медисон“ можете да го гледате и како своевиден опозит на „Вљубување“ (Falling in Love, 1984, со Роберт ДеНиро како партнер), но со сличен емоционален интензитет во толкување на улогата.

„Мама миа!“ (Mamma Mia!, 2008), мјузикл во режија на Филида Лојд (Phyllida Lloyd), снимен на грчкиот остров Скопелос според безвремените хитови на шведската група АББА, ни ја претстави Стрип како актерка која знае да толкува и ведри улоги, полни со пеење и танцување.

Таа ја игра мајката на невестата (Аманда Зејфилд), на чија венчавка кани тројца мажи (Пирс Броснан, Колин Фирт, Стелан Скарсгард), од кои еден е таткото на девојката…

Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“ – групна изложба на студентите на ФЛУ

Студентите од осмиот семестар на Факултетот за ликовни уметности – Скопје (ФЛУ), отсек Сликарство организираат групна изложба – „Четирите мајстори на модернизмот“.

Изложбата ќе биде отворена во петок (10 мај) во Културно-информативниот центар во Скопје со почеток во 20 часот, и е посветена на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство – професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.

Учесници се Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти во класата на проф. Слободанка Стевческа.

Изложбата ќе биде отворена до 20 мај годинава.

Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар со отворањето на изложбата започнуваат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста ,,Европски месец на креативноста“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира