Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Филм „Зад стоговите сено“ и биопик за Џеј Рамадановски, наградена ТВ серија „Мечката“, изложба на Игимен за механиката на хаосот

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме ТВ серија, филмови, изложба. Гледајте, читајте, слушајте…

Филм: „Недела“

„Недела“ (Nedelja), новиот филмски хит во српска продукција, ќе ја има македонската премиера на 25 јануари (четврток) во 20 ч. во Синеплекс.

Работен според вистинската животна приказна на пејачот Џеј Рамадановски – сценариото е на Стефан Бошковиќ (Stefan Bošković) – во режија на Немања Ќераниќ и Милош Радуновиќ (Nemanja Ceranic, Milos Radunovic), со Хусеин Алиевиќ, Марко Јанкетиќ, Стефан Вукиќ, Алексеј Бјелогрлиќ, Ален Селими, Ана Пиндовиќ, Златан Видовиќ, Милиоца Јаневски (Husein Alijević, Marko Janketić, Stefan Vukić, Aleksej Bjelogrlić, Alen Selimi, Ana Pindović, Zlatan Vidović, Milica Janevski), „Недела“ го следи животот на еден од омилените пејачи во регионот, од неговата најрана младост мината на дното на општеството до големиот успех што го постигнал.

Иако Џеј немал лесно детство, кое главно го поминал на улица и во поправен дом, успеал да ја освои музичката сцена и преку песна да стане дел од животот на многумина. Ако затворите биле Универзитети за комунистите и револуционерите од стар ков, а кафеаните и казината за Тома Здравковиќ, тогаш „Сивиот дом“ (филмска парадигма за поправните домови во екс Југославија) е животната школа од која произлегол Џеј.

Но, мора да приметиме, токму во екот на своевремената популарност на ТВ серијата „Сивиот дом“ во средината на 80-те години, Џеј Рамадановски ги прави првите чекори на естрадата во атмосферата кога не само Белград, туку целата некогашна Југославија станува „сив дом“. Нема веќе скрупули, победува најсилниот. Или најснаодливиот…

Филм: „Зад стоговите сено“

„Зад стоговите сено“ (Behind the haystacks) е грчко-германско-македонска копродукција во режија на Асимина Предру (Asimina Proedrou), снимен според нејзиното сценарио, со Статис Стамулакатос, Елени Узундиу, Евегенија Лавда (Stathis Stamoulakatos, Eleni Ouzounidou, Evgenia Lavda) во главните улоги.

Сторијата го следи средовечниот рибар кој живее на северната граница на Грција и е заглавен во долгови. Започнува да шверцува мигранти преку езерото, во замена за висока провизија. Неговата сопруга, домаќинка и побожна жена, ја бара вистината во Божјата реч и добродетелството, додека нивната ќерка се обидува да го среди сопствениот живот во угнетувачката средина.

Животот им се движи по таа траса сè додека еден трагичен инцидент не го погоди семејството, туркајќи ги тројцата херои да се соочат со сопствените слабости, во моменти кога за првпат животот ги принудува да размислат за цената што треба да ја платат за своите постапки.

Асимина Проедру

„Зад стоговите сено“, иако дебитантско остварување на Асимина Проедру, е најуспешен наслов во грчката кинематографија минатата година: филмот доби десет награди на годишната церемонија на Грчката филмска академија, а претходно и 4 награди на Филмскиот фестивал во Солун. Копродуцент е македонската куќа „Сектор филм“.

Проекциите на филмот се во Кинотеката на 23 јануари (вторник) 18:00 ч., 24 јануари (среда) 18:00 ч., 25 јануари (четврток) 20:00 ч., а до крајот на месецот и во термините: 26 јануари (петок) 20:00 ч., 27 јануари (сабота) 20:00 ч., 29 јануари (понеделник) 20:00 ч., 30 јануари (петок) 20:00 ч. и 31 јануари (среда) 18:00 ч.

ТВ серија: „Мечката“

ТВ серијата „Мечката“ (The Bear) труимфираше на доделувањето на наградите „Еми“, освојувајќи десет награди од 13 номинации.

„Мечката“, чиј креатор е Кристофер Сторер (Christopher Storer) имаше премиера во јуни 2022 година и е избрана за најдобра комедија, а награден беше и главниот актер Џереми Ален Вајт (Jeremy Allen White), а Ебон Мос-Бакрак (Ebon Moss-Bachrach) и Ајо Едебири (Ayo Edebiri) за споредни улоги.

Младиот готвач Кармен „Карми“ Берзато го остава зад себе светот на престижни ресторани со наградувани со „Мишелин“ ѕвезди во Њујорк и се враќа дома во Чикаго за да ја води семејната италијанска седвичарница „The Beef“. Неговиот постар брат се самоубил и Карми мора да се справи со сопствената болка и семејната траума, но и со ненаплатените долгови на својот брат, излитената кујна и бунтовните работници.

Ентериерот на сендвичарницата во серијата е рекреиран според ресторанчето во кое Сторер бил чест гостин и пријател на синот на сопственик. Сторијата има френетично кинетичко темпо доловувајќи го начинот на животот во жешката кујна. Целата серија е снимена во крупни планови, па чувството на клаустрофобија е сјаен додека ги гледаме готвачите како се движат низ тесната мала кујна, тавчињата лупаат на шпоретот, топлината и темпераментот вивнуваатт, опремата се распаѓа, месото чврчи, блескаат сечилата на ножевите… Вистински хаос креиран од „џејмиоливеровци на стероиди“!

Изложба: „Кризата Игра” на Игор Станоески

Во понеделник, 22 јануари во 20 часот во Галеријата МКЦ ќе биде отворена изложбата „Кризата Игра” на Игор Станоески.

Изложбата претставува внатрешно патување низ дефектите на сегашноста. Кризата како персонификација на механиката на хаосот, наспроти хармонична светлина. Струја за програмирање на колективот и истовремено алатка за кршење на индувидуализмот. Патот низ кризата е синтетизирано трансформиран во игра за оние кои успеваат да ја преживеат.

Игор Станоески a.k.a ИГИ МАН е мултимедијален автор, музичар, композитор-аранжер, текстописец, академски скулптор и продуцент. Роден е во Скопје (1986), завршил средно училиште за применета уметност отсек применето вајарство Лазар Личеноски – Скопје во 2004, а дипломирал на Факултетот за Ликовни Уметности – Скопје, на отсекот вајарство во класата на Жарко Башески во 2013 година. По дипломирањето работи паралелно на уметнички истражувања во насока на спојување на класичните медиуми во мултимедијална целина која опфаќа звук (музика), форма (скулптура), цртеж и боја.

Првите интернационални референци ги добива во сферата на музиката и аудио-визуелните проекти , меѓутоа подоцна акцентот на неговото творештво се доближува кон традиционалните ликовни медиуми како сликарството и вајарството низ повеќе самостојни и групни изложби во земјава и надвор. Во 2017 година го официјализира своето творештво отворајќи ја „Креативна работилница ИГИМЕН“ со дејности, создавање и издавање на аудио записи и креирање на уметничко творештво.

Станоески досега има изложувано во повеќето галериски простори низ Македонија, како и надвор од државата.

Треба да знаете
Moже да ве интересира