Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Филмови на Мартин Скорсезе и Јан Кадар, концерти на Зарина Првасевда, Летечки пекинезери и Марчело

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филмови, концерти и книга. Гледајте, читајте, слушајте…

Концерти: Зарина Првасевда, Летечки пекинезери и Марчело

„Летечки пекинезери” во „Лабораториум”

PMG Jazz Klub продолжува со серијата концерти во „Лабораториум”. В петок, 23 февруари, од 21 часот, ќе може да се ужива во музиката и да се биде дел од амбиентот кои ги создаваат „Летечки пекинезери, еден од водечките современи македонски џез бендови.

Свинг-џез квинтет формиран во Скопје, во 2004 година, „Летечки пекинезери” е бенд со огромен репертоар оригинални теми, a за создавање на репертоарот, најмногу се ангажирале основачите на бендот, Бојан Петков-Шамба (гитара) и Иво Солдатовиќ-Сол (кларинет). Останати членови на бендот се: Петар Христов, тенор-саксофон, Кирил Туфекчиевски, двоен бас, и Славчо Коцев, тапани.

Летечки пекинезери деновиве пробиваат нови музички правци, па се чини ова е извонредна можност да се запознаеме со актуелните интереси на бендот.

Зарина Првасевда во „Јавна соба“

Во Јавна соба и оваа сабота (24 февруари) продолжуваат концертните сесии „Светско, а наше – Саботи на светска музика“. Најголемото освежување на македонската и светска традиционална музика Зарина Првасевда, заедно со својот ансамбл, ќе се претстави со целовечерен концерт на интимна сцена.

Зарина кон крајот на минатата година беше победник на “UpBeat – Best New Talent Award 2023” на интернационалната UPBeat платформа, а нејзиниот деби албум “ЕХО”, отпеан на 4 јазици, е издаден за една од најголемата издавачка куќа на Балканот – “Croatia Records”. Зарина експресно го распродаде концерт во Македонската филхармонија и имаше бројни претставувања на сцените низ Европа.

Ансамблот на Зарина Првасевда се состои од исклучителни музичари, со високи достигнувања и сериозен придонес кон музичкото творештво, музичко – сценската дејност, издаваштвото во Македонија, во различни правци и насоки од областа. Двајца членови на ансамблот се прогласени за најдобри џез музичари: Андреа Мирческа 2020, а во 2023 година добитник на престижната награда е Драган Теодосиев. Повеќето од нив се бават со педагошка работа и музичка едукација на млади, а имаат и вложено сериозен и долгогодишен труд во градењето и создавањето на голем дел од актуелната сцена во Македонија, а се разбира голем дел од таа музика била изведувано и надвор од границите на Македонија.

Во портфолиото на Зарина има бројни соработки и вокални аранжмани со голем број на домашни и странски музичари, современ танц, како и филмски проекти, а својата музика концертно ја има претставено на реномирани фестивали во Франција, Унгарија, Хрватска, Бугарија и секако Македонија. Албумот „Ехо“ во 2022 година беше дел од топ 10 најслушани албуми на Балканската светска музичка листа.

Од неодамна таа е дел и од претставата УПМ (Уметност, Политика и Мудрост) во соработка со XSquared танцов колектив, каде што таа се појавува како пејачка, инструменталистка и учесничка во танцовата кореографија.

Билетите за концертот на 24 февруари во Јавна Соба можат да се обезбедат онлајн преку веб платформата drugastrana.mk.

Српскиот рапер Марчело во МКЦ

На 24 февруари (сабота) во 21 часот во Младинскиот културен центар ќе се одржи самостојниот концерт на познатиот српски музички артист, писател и поет, Марко Шелиќ познат под псевдонимот Марчело. На концертот ќе настапи со својот 10-член бенд, со кој успеа да наполни публика на два распродадени концерти во белградската Арена.

Марчело е познат по своите ангажирани текстови и екстатичен сценски настап. Како музичар, настапува повеќе од дваесет години, стекнувајќи репутација на еден од најпознатите регионални хип хоп артисти. Кариерата ја започнал како дел од „Rhyme Animal” во 1999 година со кои бележат успешни настапи по градовите низ Србија. Во 2003 година излегува неговиот деби албум „De Facto” за издавачката куќа Bassivity Music, кој станува најбрзо продадениот албум на годината. Истовремено, тој е и првиот албум по војната во Србија, кој вклучува соработка меѓу новите генерации на музичките артисти од бившите простори како Едо Мајка, Елементал, Шкабо, Шорти, Дисциплинска комисија, Биг Бос и други. Албумот изобилува со критики насочени кон распаѓањето на општеството, но и лични теми раскажани на неверојатно искрен начин, и му носи титула „Гласот на генерацијата“.

Марчело во 2006 година ја добива наградата „Даворин “за најдобар рок/поп/хип хоп албум од Србије за албумот “Puzzle Shock!”. Во јуни 2009 година ја добива регионалната награда „Indexi” во категоријата најдобар хип хоп албум на годината („Трећа страна медаље”).

На концертот Марчело ќе го промовира својот последен албум „Нојева варка” со кој буквално ги освои регионалните топ листи. Марчело во МКЦ се враќа по 15 години од неговиот последен концерт во популарната Денсинг сала.

БОНУС: Публиката пред неговиот настап ќе може одблизу да се запознае со артистот и да добие потпишана книга од неговиот последен роман, во издание на македонската издавачка куќа „Антолог”, со наслов “Малтерего: Рубиков стол”. Книгата ќе може да се набави и дента, на специјализираниот штанд за продажба од издавачката куќа.

Билетите за концертот може да е набават на билетарницата на МКЦ или на онлајн на www.bileti.mkc.mk.

Филмови: Ретроспектива на Јан Кадар

Кинотеката за крајот на февруарската програма ја подготви ретроспективата на филмовите на Јан Кадар (Ján Kadár), филмски режисер од некогашна Чехословачка, предвесник и ментор на „Чешкиот нов бран“.

Кадар не е значаен само како филмски автор, туку многу повеќе како филмски педагог, професор на ФАМУ во Прага, каде им предавал на повеќето режисери, зачетници на чехословачкиот нов бран во 1960-тите години (Милош Форман, Јиржи Менцл…).

Јан Кадар (десно) и Елмар Клос со Оскарот

Кариера ја започнал по Втората светска војна со неколку документарни кратки филмови, а по дебитантскиот „Катка“ (1950) следува извонредно плодната соработка со Елмар Клос, со кого ги прави неговите најдобри филмови. Кадар емигрирал во САД по прашката револуција во 1968 година, и предавал филмска режија на Американскиот филмски институт во Беверли Хилс.

Ретроспективата на Кадар во Кинотеката започнува на 24 февруари (сабота) и се состои од пет филма кои опфаќаат различни фази од творештво на режисерот.

Јан Кадар и Грегори Пек

„Продавница на главната улица“ (Obchod na korze), во корежија со Елмар Клос (Elmar Klos) е добитник за Оскар за најдобар странски филм во 1965 година. Филмот ја третира контроверзната тема на аријанизацијата за време на Втората светска војна во фашистичка Словачка, кога нацистите ги национализираат сите бизниси во сопственост на Евреи. Интересен податок е дека следната, 1966 година, Оскар за најдобар странски филм доби неговиот ученик и актер Менцл со „Строго контролирани возови“.

Проекција на 24 февруари (сабота), 20:00 ч.

„Смртта се вика Енгелхен“ (Smrt sa volá Engelchen), повторно во коавторство со Елмар Клос, е психолошка драма во која се прикажани активностите на словачките партизани за време на Втората светска војна, без идеaлизирање, на еден десакралистичен начин со поставување на сложени морални прашања.

Проекција на 26 февруари (понеделник), 20:00 ч.

„Обвинет“ (Obžalovaný) – со Клос како корежисер и Менцл како главен актер – е судска драма која речиси целосно се одвива во судница и ја открива злоупотребата на правото и врската меѓу владејачката партија и судството на повеќе нивоа со алузија на политичките судења од 1950-тите, поради што филмот бил забранет за прикажување.

Проекција на 27 февруари (понеделник), 20:00 ч.

„Желбата наречена Анада“ (Adrift / Touha zvaná Anada) е последниот заеднички филм на Јан Кадар и Елмар Клос. Филмот претставува бајковита романса сместена во 1920-тите на словачко-унгарската граница на брегот на Дунав. Во филмот главните улоги ги играат великаните на југословенското глумиште Раде Марковиќ и Милена Дравиќ.

Проекција на 28 февруари (среда), 18:00 ч.

„Лаги кои ми ги кажа татко ми“ (Lies My Father Told Me / Ahogy én láttam) од 1975 година е еден од неговите најуспешни филмови снимени во неговата емигрантска фаза. Во него тој се осврнува на неговото еврејско наследство, осаменоста и воопшто на тешкотиите на емигрантскиот живот. Филмот ја освои наградата „Златен глобус“. за најдобар странски филм во 1975 година.

Проекција на 29 февруари (четврток), 20:00 ч.

Филмови на Мартин Скорсезе

Американскиот филмски режисер Мартин Скорсезе ја доби „Златната мечка“ за животно дело на Интернационалниот филмски фестивал Берлинале, чие 74-то издание завршува в недела (25 февруари). Тоа е повеќе од добар повод во нашите препораки да ви предложиме три негови безвременски наслови.

„Таксист“ (Taxi Driver, 1976) е амблематски филм, не само во творештвото на Скорсезе, туку и на главните актери, Роберт ДеНиро, Џоди Фостер, Сибил Шепард и Харви Кајтел, како и на сценаристот Пол Шредер (Paul Schrader).

Приказната за повратникот од Виетнамската војна Тревис Бикл, таксист кој не е социјализиран и има потешкотии во односите со луѓето, е често цитирана тема не само во кинематографијата, туку и во социолошко-културолошките осврти. Насилството во филмот и ден денес е дискутабилна и контроверзна тема. Следниве редови се повеќе од анегдота. Кога Де Ниро и неговата колешка Дајан Абот, тогаш бремена сопруга, гостувале на белградскиот ФЕСТ, добиле на подарок англиска верзија од романот „Мостот на Дрина“ од нобеловецот Иво Андриќ. На Дајан толку и се допаднала книгата што новородената ќерка ја крстила – Дрина (Drena De Niro).

„Последното искушение на Христос“ (The Last Temptation of Christ, 1988) е уште еден конгтроверзен наслов на Скорсезе. Снимен според истоимениот роман на Никос Казанѕакис, со сценаристички потпис на Пол Шредер, и не можело да се добие поинаков резултат.

Со ѕвездена актерска екипа составена од Вилијам Дефо (како Исус), Харви Кајтел (како Јуда), Барбара Херши, Дејвид Боуви, Хери Дин Стентон… филмот на Скорсезе ја раскажува алтернативната историја на животот и искушенијата на Исус, што разбирливо предизвика огорчени реакции на Црквата.

„Добри момци“ (Goodfellas, 1990) е еден од насловите на Скорсезе во кои мафијата е нешто повеќе од драматуршка мостра со многу убиства и пукање.

Со Роберт Де Ниро, Реј Лиота, Џо Пеши, Лорејн Брако и Пол Сорвино во главните улоги, „Добри момци“ е хроника на мафијата како етички код, колку и да звучи тоа како оксиморон. Во секој случај, „Добри момци“ е филмски меѓник во крими-жанрот.

Треба да знаете
Moже да ве интересира