Борјан Јовановски во поткастот Политиканти на Слободен печат посочи дека Мицкоски не криел дека е фасциниран од ликот и делото на Виктор Орбан и таа илиберална идеологија, која подразбира дека интересот на нацијата е пред интересот на индивидуата.
„Клучно прашање во тие идеологии, кои скршнуваат во авторитаризам, е кој е тој што го одредува националниот интерес. Кој е тој што кажува ова е националниот интерес, кој има супремација врз индивидуалните права ии интереси. Тука е таа точка на прекршување од демократија до авторитарни режими. И таму е неговиот дефект“, рече Јовановски.
Тој осврнувајќи се на Орбан истакна дека се работи за една навистина габаритна интелектуална фигура, оксфордски студент, протеже на СОРОС и оттука и фасцинацијата на Мицкоски.
„Орбан успева да фасцинира многу други луѓе. Таа негова идеологија меѓудругото го препознава Балканот како место на кое старата австро- унгарска империја има свои длабоки корени односно е доста влијателна. Орбан сака во неговите идеи и визии, да тоа влијание не на Виена, ама на Будимпешта, го воспостави на Балканот. Добро му иде со Вучич, а сега и со Македонија. Втората точка е да се факторизира на Балканот како фрагилна точка во Европа. Мислам дека од моментот кога Мицкоски ќе направи влада и Брисел и Вашингтон ќе треба да се обраќаат во Будимпешта, за да се решаваат кризите во Македонија“, рече Јовановски.
Тој посочи дека целта на Орбан е да направи ново силно идеолошко семејство во Европа. Како и дека не е исклучено ВМРО-ДПМНЕ да прејде во тоа семејство.