Пратеникот Фатмир Битиќи ќе се врати на потпретседателската функција во СДСМ, најави лидерот на партијата Венко Филипче во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
„Ќе имаме потпретседател, Фатмир Битиќи, кој е Албанец“, рече Филипче во разговор за застапеноста на етничките заедници во партијата. Тој посочи дека во Извршниот одбор на СДСМ има член од албанската заедница, а меѓу пратениците на партијата има претставник од влашката заедница.
Битиќи веќе беше потпретседател на СДСМ и се повлече од функцијата по поразот на партијата на парламентарните избори во 2024 година. Во октомври тој потврди дека добил понуда од Филипче повторно да влезе во партиското раководство и дека за тоа се водат разговори.
Филипче во гостувањето рече дека СДСМ останува на концептот „Едно општество за сите“ и дека граѓаните треба да имаат можност да напредуваат според своето образование, знаење и професионални способности. Тој оцени дека заедничкиот живот на Македонците и Албанците во земјава може да биде пример и надвор од нејзините граници.
На прашањето за балансерот, Бадентеровото мнозинство и употребата на албанскиот јазик, Филипче рече дека во политичката дебата повторно се отвораат прашања што, според него, веќе биле затворени. Тој изрази сомнеж дека со тоа се пренасочува вниманието од други проблеми.

