Вучиќевиќ ги нарекуваше демонстрантите „терористи“, син му тврди дека е прогонет

Вукашин Вучиќевиќ, пратеник во српското собрание, на 25 ноември пред полициската станица во белградската општина Вождовац изјави дека апсењето на неговиот татко, Драган Ј. Вучиќевиќ, го смета за „чист политички прогон“. Полицијата го задржа сопственикот и главен уредник на „Информер“ по налог на Второто основно јавно обвинителство во Белград, поради сомнение за предизвикување паника и нереди и за попречување на правдата.

По посетата на татко му, Вукашин рече дека, според адвокатот, делата за кои обвинителството го сомничи не го оправдуваат полициското задржување до 48 часа. Според неговото сведочење, Драган Ј. Вучиќевиќ одбил да ја потпише изјавата во полиција и напишал дека постапката ја смета за политички прогон. Синот им рече на новинарите дека татко му е во добра здравствена состојба.

Вукашин го поврза апсењето со новинарската работа на татко му. Во јавните настапи за време на протестите во Нови Пазар, уредникот на „Информер“ ги нарекуваше демонстрантите „муџахедини“ и „терористи“, а неговиот медиум објавуваше насловни страници со слични пораки, објави српскиот весник „Данас“.

Во соопштението за задржувањето обвинителството ги наведе двете кривични дела, без да посочи конкретна изјава или објава на која се однесуваат сомнежите. Сослушувањето на Драган Ј. Вучиќевиќ пред јавен обвинител е закажано за 26 ноември.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?