Собранието денеска наликуваше на училишна приредба. На училишна приредба, децата лепат стикери за да покажат што научиле. Денеска, на симболичен банер во највисокиот законодавен дом, стикери со пораки против насилството врз жените лепеа пратениците. Прес-службата гордо соопшти дека со оваа акција Собранието ја потврдува својата посветеност на еднаквоста и на заштитата на човековите права. На првиот ден од „16 дена активизам“, луѓето на кои им го доверивме својот глас решија да испратат пораки.
Можеби вечерва до нив допре и одекот на „Нема да нè снема“. Неколку стотици граѓани тргнаа од паркот „Жена Борец“ кон МВР на маршот на „Ниту една повеќе“, со барања за навремена заштита и одговорност од институциите. Пред пет дена, на блокадата пред Владата, мајката на 21-годишната девојка од Битола праша кој ќе ја заштити нејзината ќерка по излегувањето на обвинетиот од притвор. Судот во Битола соопшти дека притворот е продолжен до 20 декември. Прашањето на мајката останува. Кој ќе го процени ризикот ако обвинетиот биде пуштен и кој ќе провери дали мерките за заштита се спроведуваат?
Пратениците имаат говорница за да ги постават тие прашања, механизми за надзор за да побараат одговори и интерпелација за да отворат прашање за политичка одговорност. Имаат и предлог за кој можат да расправаат и да гласаат. Измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство се поднесени на 26 август, по скратена постапка. Расправата сè уште не е почната.
На блокадата пред Владата, „Ниту една повеќе“ испорача шест барања. Меѓу нив се усвојување на измените до 10 декември и довршување на измените на уште осум закони, меѓу кои законите за полиција и за семејство. Рокот што го поставија за Собранието се совпаѓа со последниот ден од кампањата. Пратениците дотогаш можат да кажат кога ќе се расправа, што ќе се смени за жените што пријавуваат насилство и како ќе проверат дали институциите ја спроведуваат заштитата.
Пратениците имаат говорница од која можат да побараат одговори. Имаат механизми за надзор за да утврдат каде потфрлиле институциите и право на интерпелација за да побараат политичка одговорност. Имаат и глас со кој можат да донесат одлука. Тој глас им е доверен и затоа имаат должност лелекот од улицата да го претворат во одлуки што ќе ги заштитат жените. За „Ниту една повеќе“ да биде обврска и во Собранието.
Денешните пораки треба да бидат обврска за оние што имаат мандат да одлучуваат. Следното соопштение на прес-службата може да почне со датумот на расправата.

