Јета Џара: Да се обединиме во борба против дезинформациите

Како што луѓето се здружуваат за да шират дезинформации, така и ние мора да се обединиме во борба против дезинформациите, вели познатата истражувачка новинарка и главна уредничка на БИРН – Косово, Јета Џара во разговор за Институтот за медиуми и аналитика ИМА, за време на конференцијата на Балканската мрежа за борба против дезинформациите што се одржа во Скопје.

Зборувајќи за целите на конференцијата, Џара рече дека организациите од регионот се обединиле во коалиција за борба против дезинформациите. Според неа, идејата е борбата против дезинформациите да се води проширувајќи го кругот и правејќи коалиции со многу пријатели за истата борба што се води во нашите земји.

„До сега, секој од нас се боревме со нив во нашите домови, во нашите земји. Но, гледаме дека тие што инвестираат во дезинформации одат преку границите и прават прекугранични договори, бидејќи интересите се прекугранични, интересите на бизнисите што инвестираат во дезинформации или одредени групи на интерес се такви што ги надминуваат границите на секоја држава“, оцени Џара.

Џара, преку резултатите од практично истражување, зборува за тоа колку е големо влијанието на дезинформациите во Косово и како општеството се справува со оваа појава.

„Интересно е, направивме експеримент за да тестираме колку се чувствителни, не само граѓаните, туку и некои професионалци кои имаат најголем авторитет во Косово: наставник, лекар, судија, обвинител, социјален работник. Ги тестиравме, по 20 од овие професионалци, им дадовме невистинит напис и ги прашавме: дали би го споделиле овој напис? Написот беше, на пример, со одредени факти во областа на таа личност, кои се гледа од авион дека не се такви.

На пример, на лекарот му дадовме напис во кој пишува: Министерството за здравство го укина антибиотикот, и го дадовме и на 20 лекари. 50 отсто од нив рекоа дека го би го споделиле текстот, рекоа дека би му верувале, иако написот немаше автор, а имаше и индиции дека нешто не е вистинито. Со ова, видовме дека не е само влијанието однадвор што може да ни продаде лага. Лага може да ни продадат и луѓето на кои најмногу им веруваме“, вели Џара.

Затоа, според неа, многу е застрашувачки ако новинарите како луѓе на вистината решат да седат со скрстени раце и да не преземаат ништо. „И токму на овој ден, меѓународен ден на вистината, кој се случува еден ден по денот на лагата, решивме да разговараме за оваа работа заедно со колегите од регионот“, рече Џара во разговорот за ИМА за време на конференцијата, со која се одбележа 2 април, Меѓународниот ден на проверка на фактите.

П.С (СМК)

Треба да знаете
Moже да ве интересира