ВМРО-ДПМНЕ лагите за македонскиот јазик ги направи дел од агендата за кампањата

Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ тврди дека македонскиот јазик не се споменувал во Преговарачката рамка. Фактите се спротивни
Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ тврди дека македонскиот јазик не се споменувал во Преговарачката рамка. Фактите се спротивни

Во Преговарачката рамка дословно стои дека „преводот на acquis на македонски јазик“ е неопходен услов за Македонија, а Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ тврди дека тој не се споменувал

Ситуациите изгледаа смешни, но во суштина беа лажни вести за да се доведе во заблуда јавноста.

Во првиот случај, секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, во дебатата со секретарот за меѓународна соработка на СДСМ и вицепремиер, Бојан Маричиќ на „Топ тема“ на Телма во понеделникот тврдеше прилично неуспешно, па дури и пропагандно наивно, дека македонскиот јазик не бил споменат во Преговарачката рамка со ЕУ.

Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ тврди дека македонскиот јазик не се споменувал во Преговарачката рамка. Фактите се спротивни.

Маричиќ ги креваше рацете во неверување за лажните факти што ги споменува Андоновски, велејќи му дека е сигурен оти претставникот на ВМРО-ДПМНЕ знае дека тоа што го зборува е невистина.

Водителот, Боби Христов, не можеше да ја запре насмевката за партиската „наивност“ и да каже дека македонскиот јазик изрично се споменува во Преговарачката рамка. А оние што ја следеа емисијата се прашуваа што му треба на секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ да кажува работи кои се невистини за самиот да го поткопа впечатокот за себе. Потоа Стефан Андоновски за момент замолче и се повлече.

Го има или не македонскиот јазик во Преговарачката рамка?

На крајот од третата точка од изјавата на ЕУ за отворање на пристапните преговори со Македонија е напишано ова:

„Во однос на преводите на acquis на македонски јазик, ЕУ ги забележа соодветните еднострани декларации на Бугарија и Северна Македонија“.

Веднаш потоа, во точката 4, стои ова:

„Регионалната соработка и добрососедските односи остануваат суштински елементи на процесот на проширување. Северна Македонија треба да продолжи конструктивно да се вклучува во инклузивна регионална соработка и зајакнување на односите со соседните земји.

Денес се потсетуваме на важноста од постигнување опипливи резултати и имплементација со добра верба на билатералните договори, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедските односи со Бугарија“.

Подолу, во Преговарачката рамка, во делот „Суштина на преговорите“, на крајот од точка 22, е напишано ова:

„Северна Македонија ќе треба да направи преводи на acquis на македонски јазик добро време пред пристапувањето, и ќе треба да обучи доволен број преведувачи и толкувачи потребни за правилно функционирање на институциите на ЕУ при нејзиното пристапување“.

Не само што се споменува македонскиот јазик, туку „преводот на acquis на македонски јазик“ е еден од неопходните услови.

Во исто време на друга телевизија, во Канал 5, поранешниот амбасадор и член на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ѓорчев, во емисијата „Само вистина“ ги убедуваше познатиот новинар Александар Чомовски и водителот Александар Видиновски, дека во Собранието не била усвоена Преговарачката рамка и дека таа е, всушност, непостојна за Македонија.

Какви се фактите?

На 16 јули 2022 по тридиневна дебата во Собранието, во напрегната атмосфера исполнета со звуци на вувузели и извикувања од страна на опозицијата, пратениците ги усвоија заклучоците за францускиот предлог. За нив гласаа 68 пратеници, а опозицијата пред гласањето ја напушти салата. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на партијата, Александар Николоски, во расправата изјави за францускиот предлог: „Вакво понижување не сум видел, ова е злосторство врз еден народ“.

Истиот ден заклучоците беа испратени до Владата, која е институционално надлежна за преговорите со ЕУ. Врз основа на заклучоците на Собранието Владата го одобри францускиот предлог и преговорите со ЕУ и официјално можеа да започнат.

Реториката, особено во кампањата за изборите може да се менува, да се искривуваат настаните, да толкуваат поинаку, но фактите и документите не можат да се поништат. Тоа може да се прави со вербална еквилибристика во телевизиски студија, но содржината на документите кои се чуваат и во Брисел не може да се искривува, па дури и фалсификува. (Независен)

Треба да знаете
Moже да ве интересира