Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Не е затворен финансискиот извештај за „Мајки“, Милчо Манчевски не доставил документи

Милчо Манчевски

Претседателката на Антикорупциската комисија за ЦИВИЛ Медиа изјави дека се чека извештај од Државниот завод за ревизија во врска со исплати од Филмскиот фонд, за филмови врзани со режисерот Милчо Манчевски и други режисери, но директорот на фондот Бојан Лазаревски вели дека откако тој е на позицијата директор на оваа институција никој не побарал документи за истрага.

-Откако јас сум именуван како директор на Агенцијата за филм, до институцијата нема доставено било какво барање за податоци или спроведени постапки во однос на доделување на поддршката и трошењето на средствата поврзани со горенаведените проекти или во врска со наведениот автор, вели Лазаревски.

Ова се малку контрадикторни информации по објавата на ЦИВИЛ Медиа на текстот „Банана продукција, Милкман Продакшн и Милчо Манчевски – гаранција за успех на филм или тезга за големи пари?, каде врз основа на документи се посочени нејасни исплати во врска со филмовите „Мајки“ и „Врба“, за што беше прашана и ДКСК од каде рекоа дека ќе одговрат на прашањата.

Со оглед на документите кои ги поседува редакцијата на ЦИВИЛ Медиа спорно е што финансискиот извештај за „Мајки“ не е затворен, а тогашната Влада на Никола Груевски „изразила поддршка за филмскиот проект“ со дополнителни средства, пред воопшто и да се донесе официјална одлука за финансирање на филмскиот проект од страна на Филмскиот фонд.

Владата на 88 седница одржана на 28.07.2009 година донесува заклучок со кој се задолжува Министерството за култура средствата во износ од 24.800.000 денари / 403.252 евра да ги предвиди во буџетскиот циркулар за 2010 година, а Одлуката за финансирање по Конкурс е донесена на 11.08.2009 година, додека, пак, Договорот за финансирање е склучен на 31.07.2009 година со Филмскиот фонд, што значи пред донесување на Одлуката на УО на Филмскиот фонд.

„Мајки“ од Филмскиот фонд добива 55.800.000 денари/ 907.317 евра.

Исто така, и средствата се исплатени пред донесување на Одлуката (не е запазена соодветно законската процедура, а произлегува од притисоците кои вообичаено ги врши продуцентот).

  • 9.000.000 денари уплатени на 05.08.2009 година
  • 9.000.000 денари на 08.08.2009 година и
  • 5.000.000 денари на 11.08.2009 година на денот кога е донесена Одлуката

Согласно извештајот на Филмскиот фонд изготвен на 16.04.2013 година, во својот наративен извештај продуцентот истакнува дека за промоција на филмот воопшто не добил средства и дека самиот ги обезбедил, што не кореспондира со фактичката состојба и документите.

Агенцијата за филм ги потврдува документите

Од Агенцијата за филм потврдуваат дека  за проектот „Мајки“ од страна на продуцентот Милчо Манчевски евидентно според документацијата во досието за реализацијата на проекот, бил доставен финансиски извештај за кој е извршен увид во доставената документација и според извршениот увид од страна на службениците во Агенцијата за филм (тогаш Филмски фонд) до продуцентот доставено е барање за достава на документација која во првичниот извештај недостасувала, со цел да се направи релевантна финанисиска анализа.

-По доставеното барање до продуцентот, видно од досието за проектот „Мајки“, склучен е и договор со ревизорска куќа Делоит (бр.02-291/3 од 20.03.2014г.), но после договорот не постои трага за извршен увид во финансискиот извештај за проектот. Од документацијата во досието не може да се утврди дали од страна на Делоит е извршен увид во финансиски извештај за проектот „Мајки“ и доколку е направен дали истиот е позитивен или негативен, велат тие во својот одговор.

И Агенцијата за филм не знае што точно развивал Манчевски во Њујорк за филмот „Врба“

Според документите кои ги поседува ЦИВИЛ Медиа, „Милман продакшн“  е основана на 20.12.1996 година, а согласно договорот кој е склучен со „Банана филм“ ДООЕЛ, треба да го менаџира проектот за филмот „Врба“.

За овој филм конкретно, од Буџетот на проектот за режисерот (Милчо Манчевски) се издвоени 10.080.174 денари / 163.905 евра, а неговиот личен асистент и консултантот по историја чинат вкупно 516.850 денари / 8.404 евра.

За развој на сценариото Манчевски е платен 3.843.750 / околу 62.000 евра, а вкупниот развој на филмот чини 13.501.434 денари / 219.535 евра.

Сепак и покрај овие суми планирани во буџетот за филмот „Врба“, преку компанијата „Банана филм“ ДООЕЛ, на два пати се исплатени суми од 48,272,30 и 41,308 долари, или околу 80.000 евра, што според заедничкиот договор се префрлени за развој на филмот кој својата премиера ја доживеа во октомври 2019 година, а сумите се исплаќани на 24.09.2018 година и 17.05.2019 година, од каде не се гледа што точно развивал Манчевски.

И од „Банана продукција“ не добивме одговор во оваа фаза што точно режисерот развивал во Њујорк.

-За проекот „Врба“, пак на секоја фаза на исплата се изготвувани извештаи за контрола во трошоењето на средства меѓу кои е и извештајот за извршен увид бр.08-166/42 од 23.12.2019г. во кој од страна на службениците во Агенцијата се констаирани исплати кон Милкмен Продукција Њујорк со нејасно и недетално специфицирани трошоци. И двата проекти погоренаведени се целосно исплатени од страна на тогашната НУ Филмски Фонд претходник на Агенција за филм., се вели во одговорот на Агенцијата

Покрај ова од Агенцијата за филм потврдуваат дека според извештајот за извршен увид бр.08-166/42 од 23.12.2019г. констатирани се исплати кон Милкмен Њујорк во износ од 4.920.000 денари/ околу 80.000 евра, но дека не располагаа со информација во чија сопственост е именуваната компанија согласно договорот за соработка за развој на пректот.

Колку пари смеел да добие Манчевски за „Мајки“

-Според податоците кои се достапни во Агенцијата за филм, согласно Законот за филмски фонд, максимален износ кој можело да се додели на филмски проект бил 30.000.000 денари, а за проектот според податоците во досието се доделени 55.800.000 денари кои се додлени на Конкурс и согласно извесно Известување бр.14-975/4 од 31.07.2009г. од Министерството за култура и Извадок од нацрт записник од осумдесет и осма седница на Влада на РМ бр.19-3890/1 од 28.07.2009г. кои се наведени во Договорот за склучување на проектот бр. 03-533/1 од 31.07.2009г, велат од Агенцијата за филм.

Тие додаваат дека одлуката за прифаќање на истиот проект е согласно отворениот конкурс е на 11.08.2009 Год. Првичните исплати се направени на 05.08.2009 год и 10.08.2009 год. Наведните дописи од Министерство за култура и Владата не се физички во архивата на Агенцијата за филм, бидејќи според Записник бр.03-144/9 од 03.06.2019г. истите се дадени на чување во Државниот архива на РСМ.

Финансиските средства за филмски проекти се доделуваат по пат на отворен Конкурс, со постапка детално опишана во Законот за филмската дејност и Правилник за поблиските критериуми и мерила за оцена на критериумите за финансирање на филмски проекти од национален интерес во филмската дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 97/14).

Соња Танеска (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново