Опасно замаглување на руското влијание во Македонија

Анализите покажуваат дека Путин и Кремљ имаат идентификувано 4 столбови, на кои се потпира и на кои функционира македонското општество. Тоа се: меѓуетничките односи; соседските односи; врските со ЕУ и НАТО и критичните политички процеси поврзани со иднината и равојот на земјата – по правило изборните процеси. И токму тие се на мета за удар на нивните центри за влијание.  

Зоран БОЈАРОВСКИ

Институтот за комуникациски студии во својот најнов извештај „Мерење на политички штетни наративи (ШТЕТ-НА)“ за периодот јануари и февруари оваа година, во делот „Странски влијанија“ го изведува следниот заклучок:

Политичките актери сè почесто меѓусебно непоткрепено се обвинуваат дека водат политики под странско влијание. Ако во претходниот период ваквите обвинувања беа насочени главно кон Левица и ВМРО-ДПМНЕ, за кои владејачката СДСМ без докази тврдеше дека се под руско влијание, новина е што Европскиот сојуз за промени во јануари и февруари се фокусира на напади кон Али Ахмети и кон високите претставници на ДУИ, особено на темата за негативно странско влијание од премиерот на Косово, Албин Курти, во домашната политика.

Од друга страна, ДУИ зачестено обвинува за „руска врска“ кај политички противници од албанските партии и се нотираат етноцентристички наративи и дихотомна реторика ДА за Европа, НЕ за Русија која добива на интензитет со кандидатурата за претседател на државата.

Ова е заклучокот од кусата верзија на извештајот, но, во суштина, ја пренесува поентата која е изведена од анализираните медиумски содржни од медиумите кои се опфатени со ова истражување.

Она што е симптоматично е што низ целиот извештај, кога се зборува за странски влијанија, најчесто се оценуваат како „штетни наративи“ или како „наводни“, со што на одреден начин се разлитивизира оваа појава во земјата.

Во оваа анализа инсистираме на руското влијание, иако во извештајот на ИКС под „странско влијание“ се опфатени и „влијанијата“ на други земји во зависност од афилијацијата на политичките партии кон одредени геополитички сфери.

Дури и тоа е прашање кое заслужува внимание затоа што влегува во кутијата алатки за релативизирање од типот „сите се исти“, но таа тема нека остане за некоја следна прилика.

Затоа, ајде да зборуваме за „непоткрепеното“ и „без докази тврдење“ за има/нема странско, односно руско, влијание во земјите на Западен Балкан и посебно во Северна Македонија.

Шчербак, поранешен амбасадор на Русија: како членка на НАТО Северна Македонија е легитимна цел за напад

Во март, 2018 година, кога македонските власти го протераа рускиот „дипломат“ Скрипал заради активности спротивни на Виенската конвенција за работата на дипломатите, тогашниот амбасадор на Русија во Скопје Олег Шчербак изјави:

„Вие како одговорни граѓани на својата земја треба да размислите за тоа дека по зачленувањето во НАТО земјата ќе стане дел од воената машинерија и доколку се случи агресија против Русија вие ќе бидете на мета за возвратен удар. Дали тоа ви треба вам и на вашите деца?“

Во оваа закана на претставник на Руската Федерација кон нашата земја се содржани сите форми на „возвратен удар“, вклучувајќи ги и ударите со дезинформации и сите други злонамерни влијанија од страна на Кремљ. Само наивен може да верува дека заканата на Шчербак се однесувала само на конвенционалните возвратни удари. Бидејќи тие веќе одамна не се тоа.

Инаку, само еден наједноставен чин на пребарување на Гугл со терминот Western Balkans russian influence“, ќе ви отвори сосема добар број на референци и тоа од релевантни извори за руското влијание на Западен Балкан.

Да неведеме само неколку наслови со вклучен линк за оние кои сакаат и кои, се чини, пропуштиле да ги нотираат студиите за руското влијание на Западен Балкан и во Северна Македонија.

Во брифингот под наслов „Русија и Западен Балкан, геополитичка конфронтација, економско влијание и политичко мешање“  (Russia and the Western Balkans Geopolitical confrontation, economic influence and political interference), Европскиот парламент нотира дека Русија ги користи сите алатки за влијание во регионот, особено после инвазијата на Крим во 2014 година, со цел да ги заштити своите интереси.

И германската Фондација Фридрих Еберт експертите за безбедносни прашања говорат за руското влијание и за безбедносните предизвици на Западен Балкан после масовната воена инвазија на Украина во студијата „Меѓу континуитетот и промените…“ (Between Continuity and Change: Russian Influence and Security Challenges in the Western Balkans Since Russia’s Full-Scale Invasion of Ukraine)

Германскиот Маршалов фонд, во студијата „Руските канали за дејствување во Западен Балкан“ (RUSSIAN NARRATIVE PROXIES IN THE WESTERN BALKANS) го утврдува руското влијание во Македонија во 2018 година, во пресрет на референдумот за промена на името.

Извештајот на Германскиот Маршалов фонд констатира дека „во Северна Македонија, ботовите и алатките за автоматизација одиграа клучна улога во поттикнувањето на наративи против Западот… Севкупно, ефектот на руските наративни прокси канали низ регионот е дека изгледите за пристап во ЕУ и НАТО за земјите од Западен Балкан се поткопани; Се промовира имиџот на Русија како политичка, воена и економска алтернатива на Западот; тензиите меѓу различните заедници се поттикнати; довербата и присуството на националистичките/патриотските движења се зајакнати; а локалниот медиумски екосистем е нарушен и новинарството е оштетено“.

Во Северна Македонија, нотира студијата на Маршаловиот фонд, антизападно/проруските наративни прокси, биле особено активни во рамките на кампањата #Бојкотирам за време на референдумот за името во 2018 година.

Ако ова не е доволно и ака досега наведените студии за руското влијание главни доаѓаат од прозападни истражувачки центри и фондации, еве и една независна, новинарска студија на Проектот за известување за корупција и организиран криминал (OCCRP – Organized Crime and Corruption Reporting Project).

Во регионалното новинарско истражување на Обри Белфорд „Протечени документи укажуваат на Руско и Српско вмешување во Макледонија“ (Aubrey Belford et al., “Leaked documents show Russian, Serbian attempts to meddle in Macedonia”), од 2017 година, беше објавени разузнавачки документи кои открија како руската амбасада во Скопје извршила субверзивна активности преку директно финансирање на медиумите и формирање на преку 30 културни организации.

Важно е овде да се напомене дека Македонскиот институт за медиуми, од кој подоцна произлезе Институтот за комуникациски студии, беше организатор и партнер на Проектот за известување за корупција и организиран криминал (Organized Crime and Corruption Reporting Project) со кој заеднички организираа тренинзи за истражувачко новинарство.

Меѓуетничките е соседските односи и врските со ЕУ и НАТО се главните цели на руското влијание

Истиот резултат го добивате и со пребарувањето на македонски јазик и кирилица.

Во еден од написите, неделникот Фокус под наслов „Русите истуриле 6 милијарди долари за влијание во Македонија, Левица била подложена на руското влијание“, се повикува на Центарот за проучување на демократијата од Софија, кој во својата анализа за ширењето на дезинформациите и дестабилизирањето на демократиите во Југоисточна Европа од страна на Москва, руски пари завршувале во политички партии, социјални групи и влијателни поединци за да влијааат на политичките одлуки во државата.

Анализите покажуваат дека Путин и Кремљ имаат идентификувано 4 столбови, на кои се потпира и на кои функционира македонското општество. Тоа се: меѓуетничките односи; соседските односи; врските со ЕУ и НАТО и критичните политички процеси поврзани со иднината и равојот на земјата – по правило изборните процеси.

Токму тие се цели на пропагандата за влијание или за поттикнување говор на омраза и дезинформации, во соработка со нивните блиски, домашни медиумски канали.

Посебно изразен интензитет и системска организираност се препознава кај кампањите со говор на омраза и дезинформации, коишто се насочени кон проблематизирање на стратешките прашања за Северна Македонија за меѓународното позиционирање на земјата, како што се членството во НАТО и ЕУ.

Употребата на говорот на омраза и дезинформациите, како дел од пропагандата против референдумот за промената на името на земјата многу прецизно и сеопфатно ги анализира Жарко Трајаноски во серијата анализи „Руската пропаганда во Македонија во 2018: „Единствена Македонија“ како „пионче“ на „Единствена Русија“, „Руската пропаганда со дезинформации во Македонија пред референдумот во 2018“ и „Руската пропаганда во Македонија по референдумот до зачленувањето во НАТО“.

Како еден од сублиматите во неговите анализи, во кои тој прецизно ги посочува протагонистите на пропагандата и содржината на говорот на омраза во овој клучен период од современата историја на Северна Македонија, Трајаноски заклучува дека „таквата застрашувачка пропаганда, несомнено поттикнуваше сомнеж и недоверба кон демократските институции и власта, која водеше позитивна кампања за референдумот.  Кампањите со дезинформации и конспирации што предизвикуваа страв, недоверба, несигурност и поттикнуваа непријателство и говор на омраза, се покажаа како моќно оружје – за пасивизација на гласачите, за поткопување на референдумот како демократски процес, и за зајакнување на недовербата кон ЕУ и НАТО во Македонија“.

Северна Македонија во еволуцијата на пропагандата со говор на омраза во балканскиот триаголник

Интересно е што таа иста година, во 2015, ЕУ и НАТО и официјално ги прифатија како исклучително сериозни и како цел за соодветен одговор заканите од руската пропаганда, веднаш по руската анексија на Крим и војната во Украина кога интензитетот на кампањите со дезинформации, вклучувајќи и говор на омраза, доби загрижувачки размери.

Во студијата Russia’s Strategic Interests and Tools of Influence in the Western Balkans на Центарот за извонредност за стратешки комуникации на НАТО, авторот Димитар Бечев констатира дека „главната цел на Русија на Западен Балкан не е да го ревидира статус квото, туку да го замрзне.

„Таа би сакала да го спречи ширењето на НАТО и да го забави проширувањето на ЕУ“, констатира Бечев врз основа на показателите на студијата.

Во студијата на Центарот за извонредност за стратешки комуникации на НАТО се изведува заклучпкот дека „сегашната ситуација е во согласност со стратешките интереси на Русија. Западен Балкан е неформално интегриран на Запад, но тоа не се претвори во демократска консолидација на домашно ниво или во целосно решавање на конфликтите меѓу државите. Москва има корист од внатрешните проблеми во регионот, а не од неговото создавање: отворени спорови кои датираат од војната во 1990-тите, односот љубов-омраза со Западот, слабите институции, компромитираниот владеење на правото, заробените медиуми, слабите економии и општиот недостаток на транспарентност и отчетност“.

За Бечев „врз основа на таквата политичка клима на Западен Балкан, Русија го проектира своето влијание, зајакнувајќи ја својата позиција во европската политика и, во помала мера, на глобално ниво. За Москва, Западен Балкан е ниско висечко овошје. Русија претпочита да влијае без многу ресурси и главно со помош на локалните соработници. Затоа руската политика во регионот е фокусирана главно на кооптација и субверзија наместо на воени или невоени форми на принуда. Наместо да распоредува војници во поранешна Југославија за да ја наруши локалната рамнотежа на силите на еден или на друг начин, Русија се потпира на политичка интервенција преку дипломатски иницијативи, мешање во внатрешната политика и информативни кампањи“.

Медиумската експанзија на руската пропаганда и влијание

2015 година се појавува уште еднаш како референтна точка за руската пропаганда на Балканот. Таа година, непосредно по анексијата на Крим и првата војна во Украина, Руската Федерација ја отвора Радиостаницата Спутник во Србија, која нешто подоцна е дополнета со Агенцијата Спутник. Радиото и агенцијата Спутник делуваат како хаб за регионот со информативен сервис на српски јазик достапен во регионот, дополнети со мрежа од повеќе од триесет регионални станици. Содржините на радиото и на агенцијата се шират и низ локалните печатени и онлајн медиуми, вклучувајќи ги и високотиражните таблоиди и гледаните Тв станици како што се Блиц, Курир, Информер, Вечерње новости, и Б92.

Присуството на Русија во информативниот простор на Западен Балкан, според студијата Russia’s Strategic Interests and Tools of Influence in the Western Balkans на Димитар Бечев е во средиштето на активностите на Кремљ, ако се знае дека Спутник е основан со декрет на Владимир Путин.

Зоните на влијание на Спутник, освен Србија и Босна и Херцеговина со акцент на Република Српска, се протегаат и на Црна Гора, српското население во Косово и, во извесна смисла, Северна Македонија.

Во Северна Македонија, Спутник нема сопствени медиуми и неговото делување е главно преку „прокси“ медиуми во земјата и доминантно преку социјалните мрежи, во периоди кога во земјата се одвиваат политички процеси поврзани со стратешките цели или за време на изборните кампањи.

Делувањето на руските средства за информирање во Северна Македонија е регистрирано во повеќе наврати: Sputnik Analyst Claims Macedonians Dislike EU and NATO. Polls Show Majority Support, #ElectionWatch: Sputnik Misleading in Macedonia.

Посебен бисер во хронологијата на пропагандните активности на Спутник кон Северна Македонија е текстот со наслов „Bulgarian politician: It is a matter of time when Macedonia will ask a piece of Bulgaria”, што го пренесоа повеќе српски медиуми и кој, сепак, беше разобличен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ на Фондацијата Метаморфозис (Serbian news agency Sputnik is frightening the Bulgarians that Macedonia might have territorial appetites toward Bulgaria).

Во оваа анализа, без да навлеземе подлабоко, само ќе потсетиме дека Русија за своите влијанија во Македонија прилично активно ја вклучува и Руската православна црква.

Русија ги користи и ги поттикнува делбите во православието кои во пропагандистичка смисла се прекршуваат и во Македонија и укажауваат на потребата од исклучителна внимателност.

Сето претходно говори дека е многу опасно да се замаглува или релативизира руското, како странско влијание во Македонија и да нотира во извештаи како „наводно“ и „без поткрепа“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира