Поповски: САД и ЕУ не се виновни што бугарската политичка елита и македонската опозиција не придонесуваат за европеизацијата и стабилноста на Балканот

Тезата дека ЕУ и САД „немале време да се запознаваат со суптилностите и дека импровизираат“ е многу наивна теза. Исто толку е погрешна тезата дека цел на ЕУ и САД е да го дестабилизираат Балканот, бидејќи нивните напори се јавни и конзистентно целат кон надминување на внатрешно-политичките поларизации во балканските држави во кои хибридните влијанија на трети страни имаат потенцијал за дестабилизација. Затоа со право очекуваат нашите општества, и политички елити вклучувајќи ја и бугарската политичка елита, да дадат сопствен придонес кон стабилноста на Балканот.

Тони ПОПОВСКИ

Неколку мои коментари на колумнава на Катерина Блажевска, храбро насловена „Погрешен модел“.

Ја почитувам и ја сметам за една од врвните новинарки во својата генерација, со голем придонес за остварување на медиумските слободи и генерално демократијата кај нас.

Катерина во континуитет ја одликува непристрасно, објективно и аналитичко известување и коментирање на состојбите кај нас, на низа теми. Но, во колумнава има неколку тези кои не се издржани бидејќи занемаруваат клучни варијабли.

Катерина го потценува претходното но и тековното влијание на војната во Украина (како настан со магнитуда без преседан од Втората светска војна наваму) врз политичко – безбедносните состојби не само во нашиот регион.

Војната во Украина го промени пристапот на САД и ЕУ не кон нас, туку кон Бугарија во смисла на прилагодени проценки на внатрешно-политичката криза и нестабилност кај соседот која реално трае од 2020. Од масовните протести против владата на Борисов и предизборието во 2021, па се до формирањево на денешнава широка но изразито фрагилна влада.

Во момент на нестабилност и претпоставен пораз на изборите, а со цел внатрешно да се консолидира неговата влада и да се направи посилна национална мобилизација, Борисов излезе во пресрет на Каракачанов и ги радикализира наративите кон Македонија, кои кулминираа со ветото.  Овие наративи безпрекорно фукционираат бидејќи се блиску поврзани со доктрината на Живков (која е генеричка рефлекција на бугарската доктрината за македонското прашање и далеку пред Втората светска војна) и како такви успешно ја реконструираа железната завеса меѓу нашите држави и општества.

Внатрешните прилики во Бугарија ги одликува нагласена политичка поларизација и дефицит на кохезија, потоа русофилија –  која е присутна кај повеќе од една третина од избирачите, на ова надоврзани и Бугарите кои потекнуваат од различни делови од Македонија, а кои се значаен супстрат во бугарската нација и кои организирано поттикнати од традиционални внатрешни центри на моќ  – кои непосредно се занимаваат со нив, беспрекорно и во големо мнозинство се вклопија во овие наративи, секако  од сопствени па и традиционални причини и мотиви, и најмногу поради поттикот да ја проектираат сопствената етничка определба на сите оние кои се определуваат само како Македонци.

Војната во Украина ја зголеми специфичната геополитичка тежина на Бугарија и притисокот на САД и ЕУ и особено на Германија врз Бугарија попушти не толку во смисла на принципиелно настојување за „меко приземјување“ од радикалните и целосно неприфатливи позиции за ЕУ и САД, туку повеќе во смисла на „меко приземјување“ со  алтернативно излезно решение во доменот на човековите права и слободи како домен поврзан со европското право. Решението со уставните измени кај нас е продукт на тие проценки и одлуки. Значи не се работи за „лажна вест“ која ја ширеле функционери на ЕУ и САД во пресрет на склучувањето на Преспанскиот Договор, а кој требаше да ни ја отвори вратата на ЕУ, туку за драматично променети околности поради војната во Украина.  Целосно „меко приземјување“ во Бугарија без излезно решение ќе дадеше силен ветер во грб на проруските партии – Преродба, БСП и донекаде ИТН како и на одредени поединци и групи во “прогресивните прозападни“ партии, кои, впрочем, беа и се против преговарачката рамка и се најгласни приврзаници на радикално тврда позиција кон нас.

Оттаму може да се заклучи дека војната во Украина е варијаблата која најсилно придонесе за ваква преговарачка рамка, која е далеку од европски златен стандард  но сепак овозможува стабилно чекорење кон полноправно членство во ЕУ, доколку Бугарија се воздржи од понатамошни радикални и каприциозни барања, а за воља на вистината (која треба да ја бранат вистинските новинари) ЕУ и САД – јавно, гласно и добронамерно бараат од Бугарија да се водржи од такви барања.

Блажевска, рефлектира на војната во Украина во колумната, но им забележува на „одлучувачките европски и американски функционери како да немале време да се запознаваат со сите суптилности на францускиот предлог, кој длабоко ги потцени, разочара и ги изневери очекувањата на македонските граѓани. Во краен ефект, тој се сврте и против неговите креатори“.  Потоа укажува дека „очигледно, поминаа времињата кога зборот колку-толку вредеше и тежеше, кога на политичката сцена имаше политичари од габарит. Нема да коментирам од каков ‘штоф’ се тие што денес ги водат овие процеси, но едно е извесно – ги водат во насока што ќе го дестабилизира Балканот, и за тоа сигурно нема да биде виновна Русија. И САД како да паѓаат на ова прашање. Изгледаше дека имаат некоја стратегија што не сме доволно едуцирани да ја разбереме, но видливо е дека таа сѐ повеќе наликува на импровизација, а и на дезориентација“.

Мислам дека за новинарка од овој габарит теза дека ЕУ и САД „немале време да се запознаваат со суптилностите и дека импровизираат“ е многу наивна теза. А исто толку е погрешна тезата дека цел на ЕУ и САД со овој пристап е да го дестабилизираат Балканот, бидејќи нивните напори се јавни и конзистентно целат кон надминување на внатрешно-политичките поларизации во балканските држави кои имајќи ги предвид хибридните влијанија на трети страни имаат потенцијал за дестабилизација, и со право очекуваат нашите општества, и политички елити вклучувајќи ја и бугарската политичка елита, да дадат сопствен придонес кон стабилноста на Балканот.

Треба да знаете
Moже да ве интересира