Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Тони Поповски: Соочени со можна апокалипса и со надеж дека ќе ја избегнеме

Осврт на Тони Поповски на промоцијата на романот „Последната мисла во универзумот“ од Валентин Нешовски

Ми претставуваше особено задоволство да го промовирам романот „Последната мисла во универзумот – Апокалипса“ на Валентин Нешовски во издание на Антолог – Книжевен центар. Овој роман е создаден нецела година по објавувањето на неговиот прв роман „Една книга“. Двата романа функционираат како диптих, се надополнуваат еден со друг, и доколку ова френетично темпо на пишување на авторот продолжи (се надевам), за очекување е дека може да искусиме една единствена за нашата литература, трилогија, единствена поради комбинирањето на филозофскиот роман со жанрот на научната фантастика. 

И во новиот роман, Нешовски продолжува да биде инспириран од трансформативната и дисруптивна моќ на новите технологии, вештачката интелигенција, генетичкиот инжењеринг, пробивните експерименти во доменот на физиката и други технички и технолошки решенија кои за окото на просечниот набљудувач незабележително поради брзата транзиција не воведуваат во период на 5-тата индустриска револуција.

Претходната индустриска револуција која безмалку не затече неподготвени во смисла на справување со севкупното и на моменти драматично влијание врз нашето живеење, ја одликуваше консолидирање на автоматизираните машини со подобрена технологија и интелигентни компјутерски системи. Овие компјутерски системи беа револуционерно унапредени преку примена на вештачки невронски мрежи кои се хранат со огромни количини на податоци, овозможувајќи  да се  решаваат најсложени задачи во до тој момент, незамисливо кусо време. За да сега, транзитираме кон нов револуционерен концепт кој цели кон остварување на хармонична соработка меѓу човекот и машината, со посакуван фокус на нашата благосостојбата, но и со сите поврзани ризици од злоупотреба на новите технологии кои треба да се пресретнат. 

Вториот роман не заостанува по однос на првиот, ако се има предвид впечатливата далечина на погледот на Нешовски, која повеќекратно го надминува хоризонтот на видливото и храбро односно слободно, без никаков комплекс, и бескомпромисно патува во далечната иднина. Гориво за ова патување е истовремено, ерудицијата на авторот, неговиот личен влог во макотрпно истражување на позадината и феноменологија на сегашната и можната примена на новите технологии, и секако, огромната имагинација, која ги разликува писателите од другите професии.

За разлика од првиот роман, во кој како и во вториот доминира дијалошката форма, сега дијалогот не е со Создавачот, туку со нејзиното височество Генералната Вештачка Интелигенција (ГВИ), која може да ја наречеме и „Генеричка“ поради лингвистичкиот алгоритам во позадина на АИ (прв настанал зборот, а со него говорот и знаењето) и „Генијална“ поради синтезата на индивидуалниот човечки гениј во една виртуелна и отпорна библиотека (за разлика од Александриската во антиката).

Можеби и највозбудливиот дел од овој роман се предвидувањата на Нешовски, меѓу кои достигнувањето на бесмртноста во еден „идеален“ амбиент на мир и отсуство на страв и болка, која на нему својствен духовит начин, ја критикува како закана од досада или поточно „ментална помиреност“, упатувајќи на излез во можноста за возбудливо патување вон границите на осознаениот но и на замислениот Универзум. Луѓето „Сонуваа да излезат од димензијата на Универзумот и да го погледнат однадвор“ ќе напише Нешовски, „Уште дедо ми имаше речено дека постои се, секаде, секогаш…затоа што е можно.“

Иако насловот на овој роман е песимистички, последната мисла, смртта и апокалипсата сепак се случуваат во нашиот колку и на прв поглед изгледа бесконечен (за талкање) сепак лимитиран универзум, но не и во неговата околина (тоа однадвор) која претстои да ја осознаеме поради сопствениот спиритус мовенс, нагон кој последен умира. Со еден ваков филозофски концепт, Нешовски на нас, читателите, со намера или без намера, сепак ни нуди утеха, а утехата е можеби и најдефицитарната емоција во нашево секојдневие.

Поврзано со филозофското, авторот продолжува да се занимава со архетипскиот предизвик на „свесноста“ – Кои сме?, Кога сме? (централно иновативно прашање на претходниот роман) и Каде се движиме, односно која е нашата смисла и улога?,  зафаќајќи ја во овој роман, „свесноста“ која се создава надвор од нас, вдомена во виртуелната мрежа на алгоритми на ГВИ, и која едноставно мора да признаеме дека не прави посвесни (со тенденција да транзитираме кон супер-луѓе), не нужно и посовесни, но создава и ризици, ГВИ под одредени околности да започне да делува независно од околината и нас како нејзини создавачи, и да си ги постави себеси истите „филозофски“ прашања. Притоа, теророт на сознанието е поврзан со фактот дека ГВИ сепак многу побргу може да дојде до одговори и на вакви прашања, во споредба со нас. Како основна особина која ќе продолжи да не разликува нас луѓето од машините, и ќе овозможи контрола на неповолни варијабли, Нешовски ја посочува интуицијата, нашата интуитивна интелигенција: „Луѓето имаат сеќавања, роботите имаат меморија“ – ќе напише авторот.

Не помалку значајно предвидување во овој роман, е дека ГВИ во комбинација со другите технологии ќе овозможи целосно елиминирање на нееднаквостите на планетата (ова е легитимна долгорочна цел и во моментов), оставајќи ги во минатото негативните емоции како љубомората, зависта, гневот и  лутината, и се други поврзано со непродуктивниот натпревар на човек против човек, народ против народ, сојуз против сојуз, кој резултира со историја на ужасни војни.  Куриозитет во овој роман е што авторот ги иновира новите „10 заповеди“ генерирани од ГВИ, кои треба да придонесат за сигурен и вечен мир.

„Еден човек излезе од Универзумот. Од неговиот Универзум. За прв пат во историјата. Излезе тој од себе. Ги немаше повеќе него, неговите роботи и неговиот брод во простор-времето, во содржината на светот во кој се родија. Исчезнаа од меморијата вткаена во матриксот на неговиот свет. Беа избришани од АНАЛИТЕ. Се внесоа себе си во меморијата на друго време, во друг свет, во друг универзум, со друг начин на постоење, ќе напише Нешовски.  Откако ќе го прочитаме овој роман, можеби ќе разбереме дека „Никогаш ништо не умира, СЕ се трансформира“.

Тони Поповски е архитект, независен консултант за анализи и формулирање на јавни политики, и колумнист на Рацин.мк

Треба да знаете
Moже да ве интересира