Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Промовиран романот на Валентин Нешовски: Авторот во потрага по последната мисла во универзумот

Синоќа во барот „Глуво куче“ беше промовиран вториот роман на Валентин Нешовски, „Последната мисла во универзумот“, во издание на „Антолог“.

Во преполниот објект и во одлична атмосфера романот на Нешовски го промовираа Бранко Тричковски и Тони Поповски, аналитичари и колумнисти на Рацин.мк.

На самиот почеток на промоцијата Нешовски ја нави содржината на романот, истакнувајќи дека во сторијата – која се случува некои 5.000 години од сега, и се навраќа до денес – го „убил“ целото човештво, оставајќи само еден лик и неговата последна мисла. Таа мисла е родена во оваа ера на петтата индустриска (елетронска) револуција за која можеби и не сме свесни дека ја живееме.

Осврнувајќи се на романот „Последната мисла во универзумот“, Тричковски повлече паралела меѓу неговиот омилен автор Витолд Гомбрович и Нешовски. Тричковски посочи дека како што Гомбрович се пресметувал со „паланечка полскост“ на најголемите полски писатели, која не им овозможувала да се одлепат од националната трагична тема, така Нешовски во неговиот роман се занимава со универзални теми, бидејќи само на тој начин може да биде „ослободен“ од локалното.

-Жанровски, стилски и тематски ова е единствен текст. Во новелата човекот има околу 600 години да најде решение за брзината со која се шири вселената и која поради тоа што таа е поголема од брзината на светлината, ќе произведе тотален мрак. И човекот не успеал, вели Тричковски во неговата рецензија.

Поповски, пак, потенцираше дека книжевноста на Нешовски е рокенрол и(ли) блуз на научната фантастика.

-И во новиот роман, Нешовски продолжува да биде инспириран од трансформативната и дисруптивна моќ на новите технологии, вештачката интелигенција, генетичкиот инжењеринг, пробивните експерименти во доменот на физиката и други технички и технолошки решенија кои за окото на просечниот набљудувач незабележително поради брзата транзиција не воведуваат во период на 5-тата индустриска револуција, пишува Поповски во рецензијата на романот што ја објавуваме во целост на Рацин.мк.

Нешовски работел како новинар во „Нова Македонија“, „Македонија Денес“ и „Денес“, уредник во политичкиот магазин „ЗУМ“, бил дописник на неколку странски медиуми, магистрирал меѓународни односи и режими во САД, а последниве десетина години работи како консултант за односи за јавност. „Последната мисла во универзумот“ е негов втор роман, по минатогодишната објава на „Една книга“, која е преведена на српски јазик, а ја очекуваат преводи на уште неколку европски јазици.

С.С.

Фото: Драгана Басекиќ

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново