Што ако најстрашните чудовишта не се кријат под детскиот кревет, туку живеат во домот? Необична хорор-кампања создадена со вештачка интелигенција го користи детскиот страв од чудовишта за да испрати сериозна порака за семејното насилство.
Во детските приказни, чудовиштата обично се кријат во плакарите, под креветите или во темните агли на собата. Но, нов краток филм ја превртува познатата приказна и нè потсетува дека местото кое треба да биде најбезбедно за едно дете понекогаш може да биде и извор на неговиот најголем страв.
„Ги интервјуиравме чудовиштата под детскиот кревет“ е насловот на необичниот филм во кој наместо да ги бркаат чудовиштата, авторите решиле да разговараат со нив.
Едно од нив демне од плакарот во собата на девојчето Мила. Со морничав изглед и продорен поглед, чудовиштата зборуваат за местата на кои се кријат, но вистинската порака на видеото не е хорор-приказната, туку она што стои зад неа.
Стравот од чудовишта станува метафора за семејното насилство, кое често останува скриено зад затворените врати на домот. Таму каде што децата треба да се чувствуваат заштитено, понекогаш се соочуваат со насилство, закани и несигурност.
Вештачка интелигенција со порака што не е фикција
Филмот го создаде германското креативно студио PROMPTR, предводено во овој проект од режисерот Симон Мајер, во соработка со глобалното движење NO MORE, кое работи на спречување на семејното насилство.
За продукцијата е користена вештачка интелигенција, а проектот е реализиран со поддршка од Kling AI.
Авторите велат дека сакале своите вештини во создавањето филмови со вештачка интелигенција да ги искористат за тема што има реално општествено значење.
Изборот на хорор-жанрот не е случаен. Наместо класична кампања со статистики и предупредувања, тие користат визуелна приказна што го привлекува вниманието, но и го менува начинот на кој размислуваме за опасностите во семејната средина.
Помошта постои и кога насилството останува скриено
Во проектот е вклучена и организацијата NO MORE, глобално движење посветено на ставање крај на семејното и сексуалното насилство.
Преку нивниот меѓународен директориум, луѓето кои доживеале насилство, како и оние кои сакаат да помогнат, можат да најдат организации и служби за поддршка во различни земји.
Пораката на кампањата е едноставна: не го игнорирајте насилството, не вртете го погледот и побарајте помош. Зад затворените врати можеби се крие приказна што никој однадвор не ја гледа.
Затоа, понекогаш најважното прашање не е дали има чудовиште под детскиот кревет, туку дали детето се чувствува безбедно во сопствениот дом.

