Модна аукција со добротворна цел, меѓународни уметнички претставувања и колекции инспирирани од семејното наследство, емоциите и сликарството го одбележаа вториот ден на 33. Fashion Weekend Skopje. Програмата на 31 октомври во Музејот на современата уметност во Скопје опфати ревии, перформанси, изложби и разговори за одговорноста на модната индустрија кон животната средина.
Денот започна со „Wear the Change: Fashion Auction with a Cause“, иницијатива на Никола Булески, Македонското модно здружение и граѓанската организација КОНЕКТ. Аукцијата ги поврза авторскиот дизајн и филантропијата, под покровителство на Амбасадата на Франција и со поддршка од Фондацијата „д-р Верица Механџиска“.

Во меѓународната програма „Green and Sustainable Fashion: The Nordic-Baltic Story“, финансирана од Нордискиот совет на министри, учествуваа авторки од четири земји. Видеоинсталацијата на Јустина Семченкаите од Литванија беше прикажувана во текот на настанот. Силе Дамгор од Данска ја претстави дипломската колекција „DETACHED“, Ана Рингстад од Норвешка учествуваше со „Maintenance Melancholia“, а Тува Самуелсон од Шведска со перформанс и изложбено претставување.
За врските меѓу модата, современата уметност и одржливоста разговараа Дамгор, Рингстад и Самуелсон, под модераторство на проф. д-р Гордана Вренцоска. Поздравно обраќање имаше шведскиот амбасадор Ола Солстром, кој ја нагласи важноста на соработката меѓу креативните индустрии.

„Кога инвестираме во креативните индустрии, не инвестираме само во културата, туку и во идниот раст и конкурентност“, истакна Солстром.
Влијанието на текстилот врз водите беше тема на разговорот за микропластиката и можните решенија преку дизајнот. Учествуваа Јасна Димовска од Текстилното трговско здружение, Текстилен кластер, и проф. д-р Сања Ристески од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Универзитетот го претстави и модниот перформанс „SCI-WASTE: FUTURE-FORM“.
Попладневната програма ја вклучи промоцијата на „The Voices of Fashion“, антологија за современиот бугарски моден дизајн, претставена од кураторката Нели Митева. Книгата се темели на истражување и интервјуа со триесет активни претставници на бугарската модна сцена, опфаќајќи ги нивните авторски патишта, образованието и предизвиците во развојот на сопствени брендови. Следуваше предавање на д-р Надежда Џакова, кураторка за визуелни уметности.

Ревискиот дел го отворија студентите од Академијата за моден дизајн при СКАЛА. Шесте колекции, создадени под менторство на Катерина Тошева и Ирина Тошева, обработуваа теми поврзани со личните искуства, природата, младоста и бунтот.
Bikova Studios ја претстави „Cherga“, колекција инспирирана од семејното уметничко наследство. Фрагменти од графичките дела на Драган Биков, дедото на дизајнерката, беа пренесени во текстил, додека чергата беше појдовен симбол за премин и нов почеток.
Сара Павловска, авторката зад CAPA Atelier, ја претстави „Euphoria: The Art of Feeling Everything“. Во колекцијата, различните емоционални состојби добиваат форма преку облеката, бојата и конструкцијата.
Terziya со „VESPERTINE“ се насочи кон мрачниот романтизам и атмосферата на самракот. Колекцијата користи длабока виолетова, црна и кафеави тонови со суптилни златни акценти. Ревијата беше поддржана од Dusha Winery.
Анастасија Атанасовска ја претстави „HER THORNS“ за A2 Atelier, колекција со целосно рачно изработени парчиња. Инспирацијата од розите и нивните трње беше развиена преку темите на нежноста, одлучноста и личната заштита.
Warm Metal ја постави маицата во средиштето на своето дизајнерско истражување, разгледувајќи ги можностите на едно од најсекојдневните парчиња облека.

Вечерта ја заокружи Силвија Михајловска со Alshar и „Living Canvas“, колекција инспирирана од модерната уметност и апстрактниот експресионизам. Дел од облеката беше насликана од гостински уметници, меѓу кои Микица Трујкановиќ, Љубица Мешкова Солак, Лазе Трипков, Катерина Таневска, Нина Симовска, Марија Чепишева, Гоце Наневски и Михаил Костик.
Генерален партнер на изданието е УНИБанка. Програмата ја поддржуваат и Perwoll Renew, Coach Foods, Kalinka, Ladna и AURA козметика во соработка со СУГС „Димитар Влахов“, како и Smidgin, Campari, Gordon’s Gin, Franck зелен чај, Dusha Winery, ZIA Jewelry, Proud to be Rare и Аманти паста.
Триесет и третото издание на Fashion Weekend Skopje се одржува од 30 октомври до 1 ноември во Музејот на современата уметност. Завршната програма е најавена за денеска, 1 ноември.

