Кај мостот на вљубените, поставен споменик на Јонче Христовски во Битола

Во Старата битолска чаршија е поставен споменик на легендарниот македонски пејач, композитор и текстописец Јонче Христовски, автор и изведувач на некои од најпознатите македонски песни. Свеченото откривање е најавено за 4 ноември, Денот на ослободувањето на Битола.

Споменикот се наоѓа на влезот во Старата чаршија, во близина на дрвениот мост на реката Драгор, познат како Мостот на вљубените.

Неговата изработка е донација од поранешната Стопанска банка Битола, додека Општина Битола учествувала со подготовка на потребната документација и поддршка на проектот.

По поставувањето на споменикот, најавено е и уредување на околниот простор, како и обновување на муралот на блискиот ѕид, кој е препознатлив дел од амбиентот на битолската чаршија.

Јонче Христовски е роден во Битола во 1931 година, а почина во Скопје во 2000 година. Во својата музичка кариера создаде и испеа песни што со децении остануваат дел од македонското културно наследство.

„Македонско девојче“, „Едно име имаме“, „Куќа имам на Пелистер“, „Ај, засвирете ми чалгии“ и „Ој Вардаре македонски“ се само дел од песните со кои неговото име остана трајно запишано во македонската музичка историја.

Поставувањето на споменикот во Старата чаршија има посебна симболика, бидејќи токму овој дел од градот ја негува традицијата на староградската, народната и чалгиската музика.

Со новото спомен-обележје Битола му оддава почит на еден од своите најпознати музички творци, чии песни и денес се пеат од повеќе генерации.

Свеченото откривање ќе биде дел од одбележувањето на 4 Ноември, кога Битола ќе прослави 82 години од ослободувањето во 1944 година.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?