Дваесет и едногодишната Обри Морис од Тексас имала сосема поинакви планови за иднината. Студирала кривично право, сакала да продолжи на правен факултет и не размислувала за мајчинство. Но, нејзиниот живот се променил за неколку минути – се породила во сопствениот стан, без воопшто да знае дека е бремена.
Не чувствувала утрински мачнини, необичен замор или други карактеристични симптоми. Користела контрацепциски таблети и продолжила да има месечни крвавења, па не се сомневала дека очекува дете.
Единствената промена што ја забележала било постепеното зголемување на телесната тежина, кое го поврзувала со исхраната и намалената физичка активност.
Мислела дека има стомачни грчеви
Тој ден се вратила од предавања и почувствувала болки во долниот дел од стомакот. Земала лек против болки, уверена дека станува збор за обична непријатност.
Неколку часа подоцна почувствувала силен притисок и отишла во тоалетот. Кога сфатила што се случува, бебето веќе почнувало да се раѓа.
Во шок, успеала да земе чист пешкир, да се подготви колку што можела и самостојно да го донесе девојчето на свет.
Веднаш потоа повикала итна помош и го известила момчето Престон, испраќајќи му фотографија од новороденчето.
Од шок до одлука да станат родители
Во болницата лекарите ѝ објасниле дека станува збор за таканаречена скриена, односно криптична бременост – состојба во која жената не препознава дека е бремена сè до многу доцна фаза, понекогаш до самото породување.
Положбата на плацентата дополнително го отежнувала чувствувањето на движењата на бебето.
Обри и Престон првично размислувале за посвојување, бидејќи биле млади и финансиски неподготвени. Но, набрзо одлучиле да ја задржат ќерката, на која ѝ го дале името Нејви.
На родителите им ја откриле веста дури кога бебето имало осум дена. Мајката на Обри првично не верувала дека нејзината ќерка се породила, дури ни кога го видела новороденчето преку видеоповик. Дури болничката нараквица ја уверила дека приказната е вистинита.
По породувањето Обри се соочила и со постпородилна депресија, поради што извесно време престојувала кај мајка си.
Денес таа го продолжува животот со нови планови, во кои место имаат и мајчинството и завршувањето на студиите.
Приказната, која ја раскажа за британски „Гардијан“, покажува колку неочекувано може да се промени животот, но и колку е важна поддршката на семејството во моменти на големи пресврти.

