Француските власти повлекуваат седум милиони кондоми од европскиот пазар поради производствена грешка што може да предизвика пукање или појава на ситни дупчиња. Намалената отпорност ја доведува во прашање заштитата од сексуално преносливи инфекции и несакана бременост.
Според германската агенција ДПА, мерката опфаќа 15 вида кондоми од повеќе брендови. Дел од производите биле повлечени уште претходно годинава, по што инспекциската контрола открила неправилности во производството на ултратенки кондоми.
Проблемот е во нерамномерната дебелина на гумениот слој. Поради тоа, кондомите можат полесно да пукнат или да имаат ситни отвори што ја намалуваат нивната ефикасност.
На француската државна платформа за повлекување небезбедни производи „Рапел Консо“, денес се објавени предупредувања за конкретни модели и производствени серии од брендовите My Lubie, Einhorn, Amor, Primeros, You+Me и други. Во известувањата се наведува дека производите се продавале преку интернет и во физички продавници.
Повлекувањето се однесува на определени модели и серии, па купувачите треба да ги споредат податоците на пакувањето со официјалните известувања. За опфатените производи, надлежните наложуваат прекин на употребата и контактирање со продажното место.
Поширокото повлекување следува по предупредувањето дека дел од неисправните кондоми можеби сè уште се наоѓаат во продавниците или кај купувачите.
Во официјалните известувања се препорачува лицата што веќе ги употребиле опфатените производи да се обратат за медицински совет и тестирање за сексуално преносливи инфекции. При доцнење на менструацијата се препорачува и тест за бременост.

