Либерално-демократската партија побара четири системски мерки за полесен пристап до превентивни прегледи и рано откривање на ракот. Со симболична герила-акција, партијата денеска предупреди дека кампањите за подигнување на свеста мора да бидат проследени со достапни термини и функционални скрининг-програми.
Претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова, повикувајќи се на податоци од Државниот завод за ревизија, рече дека опфатот со скрининг-мамографија се движи од 0,8 до 5,4 проценти, а со скрининг за рак на грлото на матката од 10,3 до 15,5 проценти.
„Ова не е обична статистика, зад овие бројки стојат човечки животи изгубени во систем без грижа“, изјави Зајкова.
ЛДП предлага гарантирани термини за превентивни прегледи, автоматско испраќање покани за скрининг и еден платен слободен ден годишно за превенција. Четвртиот предлог е државата да го покрива прегледот во приватна здравствена установа кога јавното здравство не може навреме да обезбеди термин.
Од партијата дополнително бараат Министерството за здравство секој месец да објавува податоци за достапните термини за мамографија, ехо на дојка и ПАП-тестови, како и за бројот на граѓани што чекаат и времетраењето на чекањето.
ЛДП инсистира и на итна дијагностичка постапка при сомневање за рак, оценувајќи дека административните пречки и долгото чекање не смеат да го одложуваат испитувањето.
„Не бараме привилегии, туку здравствен систем во кој навремениот преглед е право, а не среќа“, порачаа од партијата.

