Започнува кампањата „Навивај за Неа – Полните трибини создаваат идни шампионки“, чија цел е да ја зголеми видливоста и популарноста на женскиот спорт и да поттикне поголема посетеност на женските спортски натпревари.
Кампањата се спроведува како дел од проектот „Фер игра – поддршка за родова еднаквост во спортските политики“, кофинансиран од Европската Унија. Проектот го спроведува Македонскиот олимписки комитет, во партнерство со Македонскиот центар за меѓународна соработка, Спорт Соушал Солушнс и Параолимпискиот комитет.
Со „Навивај за Неа“ сакаме да го насочиме вниманието кон еден од важните предизвици со кои се соочува женскиот спорт – недоволната јавна и медиумска видливост и малата посетеност на женските спортски натпревари. И покрај резултатите, посветеноста и успесите на спортистките и женските тимови, нивните натпревари сè уште поретко се промовираат и често се играат пред недоволно исполнети трибини.
Токму затоа, преку оваа кампања сакаме да ја мобилизираме јавноста и да создадеме навика женскиот спорт да се следи, да се поддржува и да биде редовен дел од спортската и медиумската понуда. Поголемата публика значи поголема видливост за спортистките и клубовите, поголем интерес од медиумите, но и подобри можности за привлекување партнери и спонзори и за долгорочен развој на женскиот спорт.
Кампањата ги опфаќа женската кошарка, фудбал, ракомет и одбојка. Во соработка со националните спортски федерации е подготвен календар на избрани женски натпревари, кој е во прилог на оваа информација. Ги повикуваме медиумите, институциите, компаниите, граѓанските организации, навивачките групи и, пред сè, граѓаните да го следат календарот, да ги посетат натпреварите и активно да ја поддржат кампањата.
Во рамки на „Навивај за Неа“ ќе се реализираат медиумски и дигитални активности, промоција на избрани натпревари, видео и радио содржини, како и директно вклучување на спортистки, јавни личности, навивачки групи, институции и други поддржувачи на женскиот спорт.
Нашата цел не е само еднократно да ги наполниме трибините, туку постепено да придонесеме кон создавање нова и редовна публика за женскиот спорт. Полната трибина испраќа порака дека трудот и успехот на спортистките се препознаени и вреднувани. Во исто време, поголемата видливост на успешните спортистки создава позитивни модели за децата и младите, особено за девојчињата кои преку нив можат да се препознаат себеси во спортот и да бидат мотивирани да го развиваат сопствениот потенцијал.
Затоа, нашиот повик е едноставен: следете го календарот, изберете натпревар и дојдете да навиваме заедно, порачуваат организаторите на кампањата.

