Новаја газета згаснува по 33 години, редакцијата порача „Сега нѐ убија“

„Новаја газета“, еден од најстарите независни медиуми во Русија, на 30 октомври објави дека престанува со работа. Редакцијата го припишува затворањето на долгогодишните притисоци од руските власти, прогон на новинарите и цензура, пренесува Index.hr, повикувајќи се на „Политико“.

Последниот удар, според објавата, дошол на 29 октомври, кога сопственикот го откажал закупот на просториите што редакцијата ги користела 33 години. Претходно, напролет, против неа била поведена кривична постапка поради наводно незаконско користење лични податоци, а на 4 септември медиумот бил прогласен за „странски агент“.

„Сега нѐ убија“, порача редакцијата, опишувајќи ги условите во кои продолжила да работи во Русија по инвазијата врз Украина.

Весникот е основан во 1993 година. Меѓу неговите основачи е Дмитриј Муратов, добитник на Нобеловата награда за мир во 2021 година за одбраната на слободата на изразување. Михаил Горбачов, последниот советски лидер и исто така нобеловец, финансиски го поддржал медиумот, а подоцна станал и негов косопственик.

Официјалната Нобелова биографија на Муратов ја издвојува работата на редакцијата врз корупцијата, изборните измами и прекршувањата на човековите права. Во неа се наведува дека шестмина новинари на весникот биле убиени поради своето критичко известување. Меѓу нив е Ана Политковскаја, позната по текстовите за војната во Чеченија.

Најавеното затворање се однесува на оригиналната редакција во Русија. По почетокот на инвазијата во 2022 година се појави и посебниот проект „Новаја газета Европа“, со работа надвор од земјата.

Во соопштението редакцијата ги обвинува ФСБ, Министерството за правда и обвинителството за нејзиното задушување, оценувајќи дека истиот пристап се применува и врз руското општество.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?