Бугарија денеска, 1 ноември, гласа во вториот круг од претседателските избори. За функцијата се натпреваруваат актуелната претседателка Илијана Јотова и поранешниот технички премиер Андреј Ѓуров, по првиот круг во кој на избирачките места излегоа едвај околу 23 отсто од граѓаните со право на глас.
Јотова во балотажот влегува со предност од 42.719 гласа. Според конечните податоци на Централната изборна комисија, на 25 октомври за неа и за кандидатот за потпретседател Кирил Валчев гласале 528.951 избирач, односно 34,76 отсто. Ѓуров и неговиот потпретседателски кандидат Георги Кандев добиле 486.232 гласа, или 31,95 отсто.
Рекордно ниската излезеност од првиот круг ја става мобилизацијата на гласачите меѓу клучните прашања за исходот. Тогаш гласале околу 1,5 милион луѓе, а ниту една од кандидатските двојки не ја обезбеди потребната поддршка за победа.
Јотова е поддржана од „Прогресивна Бугарија“ и од Бугарската социјалистичка партија. Таа ја презеде претседателската функција во јануари, по заминувањето на Румен Радев, на кого претходно му беше потпретседателка. Сега бара полн претседателски мандат, во тандем со Валчев, генерален директор на Бугарската телеграфска агенција.
Ѓуров е финансист и универзитетски предавач, а зад неговата кандидатура стојат „Продолжуваме со промената“ и „Демократска Бугарија“. Неговиот кандидат за потпретседател Кандев има долгогодишно искуство во полициските структури. Двете двојки формално се предложени од иницијативни комитети.
Независноста на претседателската институција, владеењето на правото и националната безбедност беа меѓу главните теми во кампањата. Кандидатите понудија различни пристапи и кон Русија и војната во Украина. Јотова се залага за дијалог со Москва и преговори за прекин на војната, додека Ѓуров нагласува поддршка за Украина и поцврста улога на Бугарија во НАТО.
Според БГНЕС, право на глас имаат околу 6,59 милиони граѓани. Гласачките места работат од 7 до 20 часот по локално време. Доколку пред нив има избирачи што чекаат, гласањето може да биде продолжено најдоцна до 21 часот.

