СДСМ бара одговорност од Мицкоски и Славески за Алта банка

Клинчарова

Народната банка веднаш да преземе мерки, а Обвинителството да отвори постапка за случајот со Алта банка, побара Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ. На прес-конференција тој ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Трајко Славески дека го овозможиле влезот на банката во Македонија и побара нивна одговорност.

Фрчкоски тврди дека случувањата со матичната банка во Србија отвораат сериозни прашања за работењето на банката во Македонија и за сигурноста на депозитите на институциите, јавните претпријатија и компаниите.

„Мицкоски и Славески ја донесоа банката на Вучиќ во Македонија. Депозитите на јавните претпријатија, на министерствата и на фирмите поврзани со криминални тендери сега се под ризик“, рече Фрчкоски.

Тој посочи дека, по губењето на дозволата за работа на Алта банка во Србија, институциите во Македонија мора да одговорат какви последици може да има тоа врз домашната банка, која е во речиси целосна сопственост на српската банка.

Според неговите тврдења, во Битола има редици пред банката, а граѓани ги повлекуваат средствата и ги затвораат сметките.

„Граѓаните се вознемирени, фирмите, компаниите. Банката го скрати работното време поради големи гужви за подигање пари и затворање сметки на населението“, изјави Фрчкоски.

Во обраќањето тој изнесе и обвинувања за подигање 37 милиони евра во готовина од трезорот на српската банка, за недостиг на 20 отсто од депозитите и за вклучување на Еуроџаст во случајот.

Фрчкоски ја критикуваше и реакцијата на Народната банка, обвинувајќи ја дека не презема мерки. Притоа се осврна на изјавите на Славески за трансферите на пари, за кои СДСМ бара објаснување и институционална проверка.

Од партијата побараа Народната банка да ги искористи законските овластувања, а Обвинителството да утврди кој овозможил спорни постапки и дали постои кривична одговорност.

„Наместо да молчат, институциите мора да реагираат веднаш. Бараме од Народната банка уште денес да ги преземе сите законски мерки. Бараме од Обвинителството уште денес да поведе кривична постапка против Мицкоски, против гувернерот Славески и против сите што учествуваа во процесите околу Алта банка“, порача Фрчкоски.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?