Српска „сачекуша“ ги сочека студентите во Белград

Анализира: Леон Бакрачески

Белградската вечер на Видовден се претвори во учебнички пример за она што познавачите на балканската политика го нарекуваат „српска сачекуша“ – збор што во колоквијалниот политички речник значи однапред подготвена заседа во која државата прво ја повикува јавноста на мир, а потоа, во прецизно избран миг, дозволува контролирана искра што ѝ овозможува легитимно да удри.

Вчерашниот протест заврши мирно околу 21 часот; токму во 21:44, кратко откако истече студентското „ултиматум-време“, на улица излегоа мали групи маскирани млади со факели, а жандармеријата веќе беше построена на клучните раскрсници. Неколку минути подоцна следуваа шок-бомби, пендреци и бројката од 77 уапсени лица

Во воен жаргон сачекуша е диригирана заседа: напаѓачот „чека“ на однапред позната рута, го пушта противникот во теснец и потоа го напаѓа. Во политичка употреба, терминот доби современа димензија по уличните судири во Белград од доцните деведесетти: Кога властите на Милошевиќ го моделираа сценариото така што протестот прво се толерира, а потоа, кога „анонимни хулигани“ ќе фрлат прв камен, полицијата добива алиби за брутална интервенција.

Од 2013 година наваму, кадровската пирамида во српската БИА, во Воено­безбедносната агенција и во полицијата се пополнува речиси исклучиво со лојални кадри на Српската напредна партија. Низ јавноста циркулира концептот „заробена држава“, институциите наместо да обезбедуваат јавен ред, стануваат продолжена рака на партиската врхушка. Независните центри за одбрана и безбедност одамна предупредија дека службите се искористени за партиски притисок, медиумски хајки и селективно насочување на истрагите, сценарио кое Македонија го гледаше но очигледно почнува повторно пак да го гледа, ценејќи како се одвива истрагата и постапката за пожарот во Кочани. Елем, кога службите се заробени, сценариото „сачекуша“ е полесно остварливо: оперативните наредби и јавниот наратив се пишуваат во ист кабинет.

Чекор по чекор деновите пред протестот изгледаа вака: Ден пред протестот, претседателот Вучиќ предупреди на „екстермисти“ што наводно планираат инциденти. Кога институциите предвреме ја знаат „саатницата на хаосот“, сосема оправдано се појавува сомневање дека истата ја оркестрираат.

Следуваше пумпање на јавноста преку провладини медиуми и корисници на неброени милиони затскриена државна помош во кој прво се претставуваше протестот како однапред пропаднат а потоа се смени наративот во протест во кој се очекува са се убие српската држава преку насилство и насилно уривање на државниот поредок. И сето тоа ставено во прецизна временска рамка, со неверојатен притисок по сите можни социјални канали за создавање на ваков наратив.

На Видовденската поворка се појавија лица со шалови на навивачки групи, непознати во студентското јадро. Камерите снимија како поединци со бакли се пробиваат до првите редови, а потоа исчезнуваат зад полицискиот кордон во моментот кога почна примената на сила. Властите веднаш говореа за „насилни демонстранти“ и „професионални револуционери“, но не објавија листа со имиња. Ова се вклопува во добро познат модел од протестите во јули 2020, јануари 2022 и март 2025.

Дел од хулиганските групи кои ги видовме вчера се одржуваат финансиски во живот преку договори за обезбедување на државни стадиони, концесии и неказнети бизниси со дрога. Аферата со кланот на Беливук во 2021 покажа како врвот на полицијата обезбедувал логистика за криминални навивачи во замена за „услуги“ на улица.

Ако целта на студентите беше брзо распуштање на парламентот, целта на власта е спротивна: да купи време до есенските локални избори и до критичните рокови за европски фондови. Во тој период власта треба да покаже „контрола“, а протестите треба да изгледаат како закана, не како демократски коректор. Хулиганите – вистински или лажни – се совршена алатка: креираат хаос доволно силен за да ги одврати граѓаните, но доволно ограничен за да не прерасне во неконтролирано востание.

Сепак не изостанува впечатокот дека службите убаво им подметнале на студентите надворешни фактори за да ги оправдаат своите долгорочни средства. На што се поставува следното логично прашање: Дали студентите ќе најдат модус операнди во кој ќе одиграат „второто полувреме“ пред полициските станици и низ универзитетските кампуси, каде насилната провокација се тешко сценарио!? И, можеби уште поважно прашање за оние кои се идентификуваат како пристојни граѓани на Србија, чија цел е нормален спокоен живот како во секоја Европска земја е дали ќе пронајдат начин го демаскираат моделот, пред да настапи согорување на протестната енергија.

Вучиќ веројатно ќе продолжи со двојна тактика: од една страна засилени кривични постапки против „организаторите на насилство“ и медиумска кампања што ги дисквалификува студентските лидери како радикали; од друга страна, дипломатска офанзива кон Брисел во која ќе го користи аргументот дека само неговата администрација гарантира стабилност. Законот за јавни собири би можел да се затегне, а безбедносниот апарат да добие пошироки овластувања за превентивни приведувања. Во исто време, властите ќе настојуваат да го раздробат протестното јадро преку внатрешни поделби, понуда на ограничени отстапки и таргетирано судење што ќе ја виси како закана над секој нов марш.

Студентите имаат неколку можни против-движења: прво, очигледна ненасилност и правна транспарентност—со објавување на сопствени „бели книги“ за полициска злоупотреба и инфилтрација, за да го неутрализираат официјалниот наратив за насилство; второ, широка коалиција со синдикати и професионални здруженија што може да воведе штрајкови и институционален притисок, наместо само уличен; трето, постојано меѓународно информирање—директни контакти со европски парламентарци и невладини мрежи за да се отежни „чистењето“ на протестите под радар; и конечно, внатрешна дисциплина: отфрлање на секој обид за провокација и јасен протокол за самоодбрана од „сачекуши“ со навивачки групи.

Зачлени се на нашиот е-билтен