Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Стопанствениците во време на груевизмот го држеа јазикот за забите кога државата им беше вечен должник

Во времето на владеењето на Груевски фирмите мораа да го свиткаат грбот и да чекаат со години државата да им даде поврат на ДДВ или – не дај боже – да им плати за извршените услуги! Не останала во спомен никаква тогашна реакција на Комората. Сега, кога токму државата го подметна грбот во време на три светски кризи, опозицијата и преку коморџиите покажува анксиозност, кога е во прашање солидарноста

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Забележливо е дека, во последно време, оние од Шампитата се обидуваат огромната интелектуална инсуфициенција во однос на потребите на мигот да ги надоместуваат со ископување на лица од „архивата“, меѓу оние кои биле нивни копјаници во претходните децении. Бришењето на правот од времепловот го откри и ликот на некогашниот глодур на Нова Македонија – Никола Тасев, кој се реактивира со колумната под наслов „Неспособните од власта сакаат да ги јавнат способните од бизнисот“.

Помошта од власта требало да е еднонасочна

Повод за текстот на Тасев секако е Законот за солидарност што го донесе Владата за да ги засили платежните способности на земјата, силно исцрпувани во последните години од кризните ситуации. Се работи за период што сѐ уште трае и не одмина никого на планетата и тоа по три основи – како епидемија од најлош вид (нова, непозната на науката „чума“), инфлацијата која настапи последователно и одново како светски феномен и практично е несоборливa засега, а секако и имаме криза која се јавува со војната во Украина. Е таа „неспособнa  влада“ ги изнесе на својот грб практично сите бизнисмени, способни и неспособни, а доста од нив и од сегментот на т.н. воени профитери, фирми кои земаа помош од буџетот на државата, иако прилично се омастија од економските земјотреси кои се случија последните три години.

Но, да се вратиме на колумната – Никола Тасев пишува на стартот дека „Македонија по обичај кризира“. Тоа е првата реченица, а веќе погоре објаснивме дека овој „обичај“ барем последните календарски години не е „обичај“ туку правило и тоа светско, нели, па не може ни во сон да се спомене само како македонски феномен, освен ако не се врзува за години кога земјава беше небаре осамен остров среде Пацификот, практично без економски контакти со светот и без пријатели, нешто како Северна Кореја на континентот! Во оние 11 години од власта на Груевски, да појасниме.

Тасев веднаш објаснува дека „власта е неинвентивна како да нѐ извади од кризата. Единствено се инвентивни како да се поклонуваат пред секој странец и како да трошат народни пари“.

Неомилени кредити врзани со надзор на трошењето

Еве два примери од негово време, кога Тасев беше задолжен да го крои јавното мислење по вмровски терк. Министерот за економија, Трајко Славески, своевремено, првите години од вмровскиот римејк, врати кредит добиен од ММФ во висина од 120 милиони долари, со камата од 2 отсто. Во она време тоа беа големи пари, а каматата најниска што некој заемобарач можел да ја добие. Па дури и да сонува!

СТАВРЕВСКИ, МИНОВСКИ И ГРУЕВСКИ Депутати на должничката економија – државата има, на сметка на фирмите на кои ќе им должи

Која e причина за одбивањето на тие пари, небаре во рака се држи жежок сад изваден од оган?

Па, ММФ бара строга контрола за начинот на кој се трошат парите. Е, тоа е првиот знак за постоење на власт која не сака никаква контрола, особено непристрасна, онаа која доаѓа од надворешни експерти. Таа епизода останува како „евергрин“ што целосно го објаснува груевизмот како феномен, а Славески може да им ја предава на студентите на Економски факултет, доколку се окуражи: таа епизода, прва по стекнувањето на независноста на земјата, е само зачеток на она што се означува како комплетна анти-НАТО и антиевропска стратегија! И беше прв обид за фрлање на земјава во прегратките на една од клучните земји на новиот империјализам (Кина) – кон БРИКС, нели, за што би се согласил идеологот на тој „излез за третиот свет “- Боцевски; најава за комплетно заминување кон групацијата која нема скрупули кон подмитувањето на заемобарателите.

Знаеме за она размислување на Груевски и Јанакиевски од типот „да не е многу пет проценти…“.

Е сега, како цех на тоа гушкање со Истокот од личен интерес, токму оваа Влада мора да ги враќа скапите кредити на Кинезите, да ја трпи неефикасноста на нејзината градежна егзекутива (една деценија за автопатот долг 65 километри, а крајот е далеку од завршување) и згора сегашната власт (ни лук јала…) да ги прима критиките од опозицијата за ваквите неефикасности и „трошења“ на кредитите на вмровските лидери од она време.

На јасли и фирми со профит

Но, Тасев си продолжува со мантрата. „Ама пари снемува, оти многу трошат. Е сега, така затекнати, почнуваат да биваат инвентивни како да зграбат уште пари за трошење. Овој пат нанишанија на стопанството, поточно кон најинвентивните, оние кои и во кризата знаат да водат успешен бизнис“.

Да, имаше такви фирми на кои државата им даваше пари за плати на вработените за време на кризите, а нивните газди се најдоа потоа на листата на профитерите (!). Не е згора, ако кажеме дека ги има таквите бизнисмени и на листата на Министерството за финансии на САД, на американската црна листа да појасниме. И сега – треба да се враќаат скапите кредити на груевизмот (и по половина милијарда евра годишно) и да има годишен поврат за кредити земани заради давање на плати на неспособните фирми кои се задавија со појавата на короната меѓу вработените (ај грубо да речеме на оваа сметка на спасување одат уште по половина милијарда евра годишно) и тогаш да резимираме кој и како трошел во овие кризни времиња и за која намена?

За ова говори и едно сведочење за ЦИВИЛ Медиа, за односот на ВМРО-ДПМНЕ во времето на Груевски. Стравот од бегалецот и денес е таков што тој сведок инсистираше да остане анонимен за јавноста.

ГРУЕВСКИ СО СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ Нека упати некој некаков прекор – една од таквите „еднонасочни“ во обраќањето средби со коморџиите

Фирмите на тенок конец (сведоштво)

Ова е суштината на проблемот со ДДВ и неподмирувањето на обврските на државата кон приватниот сектор, вели нашиот извор.

Авторитарниот стил на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, во својата претензија за апсолутно подредување на сите сегменти од општеството, најде свој израз и во делот на поврат на ДДВ кон приватниот сектор и во однос на подмирувањето за извршени услуги од приватни компании (плаќање на фактури).

Груевски успеа, тоа што е законска обврска за поврат на ДДВ кон компании да го релативизира, да го вовлече во еден дискреционен простор во кој власта, по волја (волунтаристички), а не согласно правните норми, одлучуваше кога на одредена фирма ќе и биде извршен поврат на ДДВ.

Молкот на тогашните комори

Во однос на фактурите, исто така – продолжува соговорникот – не се почитуваа законските обврски, односно роковите за исплата на фактури (кои се декларираат и во самите фактури – може да биде 15 дена, 30 и сл.). На овој начин, во односот помеѓу државата и приватниот сектор се кристализираше волунтаристички, а не партнерски однос, заснован на законски норми. Груевски беше тој што одлучуваше. На овој начин фирмите се држеа во подредена положба, со нарушена ликвидност.

Дури и тогашниот молк, вели соговорникот на ЦИВИЛ Медиа, на коморите може да се толкува од овој аспект. Беа уценети, доведени до ѕид – молкот беше сојузник на режимот на Груевски, а тој компаниите ги замолчуваше и преку овој уценувачки однос преку ненавремена исплата на поврат на ДДВ и фактури за извршени услуги. На овој начин ги држеше на „тенок конец“.

„Ќе те развлече со повратот на ДДВ или исплата на фактури од државни институции или јавни претпријатија, ќе ти ја загрози ликвидноста дури и опстанокот на фирмата, ќе те доведе во ситуација да се молиш кај владејачката партија. Кога молиш, тогаш си подреден, во незавидна ситуација, подготвен и да исполниш одредени ‘барања’ кои владејачката партија ќе ти ги ‘испорача’“, вели соговорникот на ЦИВИЛ Медиа.

Нему не му беа потребни било какви владини одлуки, ниту ништо. Неговиот режим немаше развиена нормативна свест за тоа дека односите треба да се развиваат и одвиваат во одреден правен поредок. Не, тоа беше за него непознаница“, сведочи нашиот соговорник за тие времиња.

СИТЕ НА СОБИР Мора кремот на општеството да биде каде и да оди тој и да биде подготвен да носи пликца

Вокабуларот на Азески

Лесно е секако за првиот човек на Стопанската комора Азески да говори на најприземен начин за министрите кои „земале службени коли да одат по ниви или кај швалерки“. Но изгледа дека му е потешко да собере што сѐ треба да враќа актуелната Влада, а и сите ние со неа, заради тоа што тие како Тасев или Азески (овој вториов со уште поголем мотив за реакција), кога вистинскиот бесмислен трошач на буџетски пари (споменици, антиквизација) предизвикуваше страв и трепет. И кога Груевски јавно, пред собири на стопанственици, обзнани дека економијата не смее да помисли на брзо враќање на борчови од државата и нејзините органи!?

Има ли таков пример во современата економија, да го прашаме и Славевски, за фрлање на економијата од страна на државата во должничко ропство?! Или е ова  преседан. Го имаше ли тоа, јавно да ги прашам и Тасев и Азески, овој вториот особено, како заштитник на бизнисот? Дали тие лично имаа некаква јавна реакција за тој чин на Груевски?! Или тоа е можеби она што го очекува Тасев од власта – инвентивен чекор на министрите од она време со кој, божем, не им се качуваа на бизнисмените на вратот?

Ајде сега на видело пликцата во доброволно дарување

„Е како да не бидеш незадоволен, загрижен и налутен?“ – прашува колегата, ама сега, по повод Законот за солидарност. Таа е секако оправдана воздишка, но во погрешно доба, доста задоцнета; авторот требал да се врати на она вистинско време на товарење на бизнисмените, кога Груевски ќе ги повикаше да дојдат со подебели пликца на собири, каде, на пример, по мое сеќавање, имаше повеќе такви, треба да се даваат доброволни прилози за изградба на црквата Св. Елена и Константин, во центарот на градот.

Пликцата се даваа (во кеш, се разбира, не на сметка), а од завршување на црквата нема абер! Да не имавме, во меѓувреме, можеби некаква невидлива инфлација? Ама, ај да не ја чепкаме и таа тема, незгодна е и за бизнисот и за црквата, и за другите во ланецот на дародавството.

Добро е што авторот на коментарот – иако од иронична дистанца – укажува дека  власта му дала на знаење на бизнисот, ако оваа година се соберат 100 милиона евра данок на солидарност, следната година тоа ќе им влезе во трошок и низ помала даночна основица ќе плаќаат помалку (ова воопшто не се потенцира во нашите „независни“ медиуми). Авторот смета дека тоа ветување не е важно, бидејќи, СДСМ и ДУИ следната година нема да биле во власта, „па дај што ќе дадеш сега, а до година другите нека му ја мислат“. Како мисла на човек, кој ги знае плановите на идната власт, треба ли да заклучиме дека истата нема да признава континуитет на обврските?! Е, ова, пак, е типично вмровски – навестува нешто што не смее да го стори ниту една демократска власт!? Јасно, треба да имаме предвид дека може опозицијата, оваа секако, ако дојде на власт, да одреди нови години на невраќање на парите на стопанството како што еднаш направи. И тогаш власта должеше близу 100 милиони евра кон фирмите (!) само по основ на поврат на ДДВ и ѝ требаше време истиот да го симне на долг од „само“ 30 милиони евра дури во декември 2012 година, што го искористи да прави фешта пред киселите лица на стопанствениците.

Во овој текст се укажува дека „на седницата наменета за пратенички прашања… Груевски, одговарајќи, на прашање од пратеникот Васко Пашкоски, истакна дека на 16 септември, кога им вети на бизнисмените дека владата ќе им раздолжи што поскоро, неплатените обврски изнесувале 5,56 милијарди денари (92 милиони евра), а сега долгот изнесува 1,8 милијарди денари (29,5 милиони евра). Неплатените обврски, по рокот на доспевање, имаат драстично намалување за 68 проценти и е согласно она што го ветив во моето јавно обраќање пред сопствениците. Остануваме на нашето ветување дека до крајот на февруари ќе биде елиминиран овој проблем, изјави Груевски“. Некои од професорите кои ги запрашав за коментар, рекоа дека не можат да се сетат на таквите ситуации (!).

Па добро, ние секако сме земја каде сѐ се заборава експресно и тоа е еден од главните „адути“ на опозицијата за да опстојува во политиката како опција. (ЦивилМедиа)

Треба да знаете
Moже да ве интересира