ОПЕРАЦИЈА МАЛА ПРЕСПА ВО СРБИЈА: Изборен арсенал од под рускиот шинел

  • На Балканот, Вучиќ и Додик си прават натиго-дајмиго во допингување на изборите, Подгорица ја чувствува пост фестум ревизијата на волјата на гласачите, прозападната ориентација на БиХ е блокирана од Додик, а во Македонија, изгледа како да успеа операцијата „Коњички скок“, најавена пред неколку години, а во која никој не веруваше.
  • Речиси според сценариото на таа операција, најавена од Љубљана, од градот од каде што ни дадоа список на црните пари што ги добиваат дел од македонските медиуми, а за што никој не мрдна со прст…

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Дали постои некаков копирајт на моделот за избори применуван од режимот на Груевски во една од многуте махинации за кои сега го обвинува српската опозиција претседателот Вучиќ? Ова, пред сè, произлегува од фактот дека моделот „гласачи од мала Преспа“ е во изобилство користен при последните парламентарни, покраински и делумно локани избори во Србија на 17 декември годинава.

Со оглед на тоа дека во оптек бил, според учесникот на изборите „Коалиција Србија против насилството“, и „бугарскиот воз“, модел што кај нас го воведе партијата ВМРО-ДПМНЕ благодарејќи на своите врски со источниот сосед – нивниот сегашен „смртен непријател“ – може секако да се говори за шаренолик арсенал на нелегални форми на добивање односно сочувување на автократската власт во целиот регион.

Можеме ли да говориме и за операција за трајна нестабилност во регионот, која се крие под рускиот шинел на глобалната политика?

Гласачки ревир од соседната земја

„Забележани се голем број гласачи од Пустец од страна на граѓани кои пријавуваат неправилности во Цивил, а и од страна на набљудувачите. Набљудувачите на Цивил на гласачко место во Кисела Вода забележале гласач од Пустец кој се обидел да гласа иако бил обележан на двата палци со мастило. Откако реагирале од избирачкиот одбор, тој избегал. Истата ситуација ја имало и во едно гласачко место во Центар. Набљудувачите на Цивил информираат дека гласачи од Пустец биле забележани и на гласачко место во Бутел. Според добиените информации, овие гласачи биле донесени со жолто комбе со албански регистерски таблички“ – стои во текст на Цивил, објавен на 27 април 2014 година.

Во текстот потоа се забележани такви „гости“ што никако не можат да се снајдат на градските улици и во Аеродром, како гласаат во училиштето „Браќа Миладиновци“, во Ресен, каде гласачите од Мала Преспа се носени со автобус, а потоа разнесувани со автомобили низ градот.

Истиот случај се повторил во други градови, а само во Центар имало околу 2.000 гласачи од овој регион на Албанија кои имаат лични карти во Македонија. Цивил констатираше дека овие гласачи кои ги има на Избирачкиот список, не живеат во местата каде што се заведени на Избирачкиот список.

Како што беше објавено во т.н. „бомби“ во проектот „Вистината за Македонија, што го предводеше Зоран Заев, сосема е јасно дека се работи за добро разработен систем во кој се вклучени партиски функционери, одговорни за избирачките списоци и за издавање на лични исправи, кои довеле до сериозна „надградба“ на избирачкиот потенцијал на ВМРО-ДПМНЕ, на чело на тогашната власт која успева да оствари превласт и онаму каде што објективно би изгубила од тогашната опозиција.

Билјана Бришкоска Бошковски била одговорна за гласачите од Пустец кои гласале во општина Центар на локалните избори во 2013 година. Покрај неа, тука биле вклучени Миле Јанакиески и Игор Јанушев, лица што нашиот корумпиран правен систем главно ги ослободува од заслужените долготрајни затворски казни, заслужени по многу основи.

– Подобро е во Центар да гласаат овие од Кавадарци, Неготино, овие од Мала Преспа не знаат да зборуваат македонски, вели Јанакиески во познатите аудио снимки.

– Не е точно, сите се Македонци и зборуваат поубаво македонски од оние во Кавадарци и Неготино. Политературно зборуваат од Стојан Андов, му вели соговорникот на Јанакиески, но додава дека и тој е против да гласаат зошто биле испечени од сонцето, па ќе ги препознале дека не се од Центар.

– Јас да сум од СДСМ ќе направам скандал, ќе го прекинам гласањето – му вели соговорникот на Јанакиески, на што тој се согласува.

Во друг разговор меѓу Јанакиески и актуелниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Јанушев, тогаш вработен во Министерството за транспорт и врски, Јанакиески му наложува да се јави во авиокомпанијата Визер и да обезбеди два авиона од странство со гласачи за Кичево.

-Јави се во Визер. Ако не, јас да се јавам! – вели Јанакиески, на што Јанушев му одговара: „А бе нема слободни линии, чартер се овие“.

Во телефонскиот разговор се слуша Јанакиески: „300 од Тревизо, 120 од Швајцарија, и да ги обезбедиш!“.

Пред оние „историски“ парламентарни избори во декември 2016 година, во еден извештај од мониторингот, Цивил ќе констатира:

„Избирачкиот список е затворен на синоќешната седница на ДИК, но не само што не е исчистен, туку е преполн со лица кои реално не живеат во општина Ресен. Доколку не се преземат мерки навреме, ќе се појават и овој пат, на денот на изборите, за да гласаат за владејачката партија, како што впрочем, правеа и на последните избори во април 2014-та година“.

Извесно бришење на избирачките списоци (став на авторот на текстот) од лажните избирачи се забележа само на локалните избори во 2017 година, од пусти страв на претходните лажирања на изборите, за потоа сè да врати на старо, кога се виде дека сега актуелната опозиција пак ги врати старите списоци во кои има сè и сешто, видено само од опозицијата; иако сега е на власт актуелната лево-центристичка коалиција, се покажува имун кон девијациите со избирачките списоци, иако тие можат да бидат и пресудни! ВМРО-ДПМНЕ, кога се работи за „прекубројните“ сè уште ја има златната рипка во „Палата Татарчев“.

ГЛАСАЧИ ОД ПРЕСПА Не го знаат јазикот, се губат во градовите, многу се исончани, ама вршат работа…

Белградскиот копирајт

Иако гласачите на предвремените парламентарни избори во Србија можеа да избираат меѓу политички алтернативи, а слободата на говорот и собирите генерално беа почитувани, притисоците врз гласачите, како и големото учество на самиот претседател и системската предност на владејачката партија – го поткопа изборниот процес, соопштија меѓународните набљудувачи, како што објави „Глас на Америка“ на српски.

Како што е наведено во соопштението, има бројни проблеми кои треба да се решат, а на овие избори набљудувачите констатираа злоупотреба на јавните ресурси, отсуство на граница меѓу извршувањето на јавната функција и активностите во кампањата, барања и притисоци врз гласачи, како и купување гласови.

Факт е велат во 90-тите, режимот на Милошевиќ се служел за нелегални средства за да добива избори. Сепак, како што вели Александар Бауцал од Центарот за социјална политика, тогаш никому не му паднало на памет да носи луѓе од други земји, за да гласаат на изборите во Србија, како што сега се случувало. И тогаш и сега има власт која не прифаќа изборите да се одвиваат во фер и слободна атмосфера за да можат граѓаните да го кажат своето мислење.

Доколку опозицијата во Србија одлучи да не се обиде да ја бара правдата на улица, останува прашањето колку е можно да се реши настанатата криза со повторување на локалните избори во Белград во ситуација кога властите сè уште ги држат сите конци во свои раце.

Според зборовите на професорката Иванка Поповиќ, пред да се повторат изборите, на сите граѓани на Србија мора да им се овозможи слободен пристап до сите информации за да можат слободно да избираат.

„Тогаш можеме да видиме каков би бил исходот од гласањето на луѓето кои ги имаат сите информации пред себе. Додека имаме вакво медиумско поделено општество, каде што едната група мрази одредени вистини, а другата група има можност да ги гледа и двете, ние имаме голем проблем“, истакнува соговорничката на Гласот на Америка.

Ова мислење го издвојуваме, бидејќи, во споредбата со земјава, и кај нас и кај Србите имаме силна монополизација на клучните медиуми кој оневозможија било какво фер натпреварување за гласачите.

Проценка на опозицијата и нејзините приврзаници, кои веќе секоја вечер протестираат пред Републичката изборна комисија, барајќи да се елиминираат гласовите на најмалку 40.000 гласачите донесени од Босна, но и од некои градови во Србија каде што немало локални избори. Влогот на власта во успехот со донесените гласачи (или квази гласачи) некаде, по некои проценки, достигнува и над 70 илјади!

Балкански шпекуланти за избирачки списоци

Кога говориме за балканскиот модел и кај гласачите – шетачи„ треба да кажеме дека веќе е откриен тој клучен превозник (не можеме секако да речеме и организатор). Истиот е значаен за белградското шверцување на „допинг“ бирачи) е истиот оној кој пред две години бил приведен пред изборите во црногорскиот град Никшиќ и кому минатата година му бил забранет влез во Црна Гора од Босна и Херцеговина (БиХ). Истиот бил забележани на локацијата каде гласачи од БиХ беа транспортирани на неделните избори во Србија, објави Аутономија.инфо.

Најмалку пет возила со ознаки на безбедносната компанија „T&M Group Solutions“ биле забележани од новинарите на Радио Слободна Европа (РСЕ) во близина на белградската „Штарк арена“, најголемиот концертно-спортски центар во главниот град на Србија, за време на изборниот ден, додека групи мажи, без безбедносни ознаки, спречија влез на „неовластени“ во салата. Според податоците на Агенцијата за деловни регистри, станува збор за компанија чиј директор и косопственик е поранешниот ракометар Дане Шијан.

ПРОГЛАСУВАЊЕ ПОБЕДА Претседателот на црногорското собрание е во првиот ред зад Вучиќ

Споменатиот, заедно со ракометарот Владимир Мандиќ, син на Момчило Мандиќ, поранешен министер за правда во владата на воениот водач на босанските Срби и осуден воен злосторник Радован Караџиќ, бил приведен во Црна Гора пред локалните избори во Никшиќ во март 2021 година. Како што е објаснето, тие биле приведени под сомнение дека незаконски внесувале пари во Црна Гора и ѝ помагале на коалицијата собрана околу прорускиот Демократски фронт (ДФ). Еве ги првите контури на рускиот шинел од насловот, да запомниме!

На 14 октомври 2022 година, на граничниот премин Метаљка од правец на Босна и Херцеговина, црногорската полиција на Владимир Мандиќ и Дане Шијан им врачила решение за забрана за влез бидејќи било утврдено дека „постојат причини од национални безбедност.“.

Дане Шијан, кој е косопственик на безбедносната компанија „T&M Group Solutions“, е еден од потписниците на поддршка на владејачката СНС, а според достапните податоци од Фејсбук, тој ја поддржувал партијата и во 2019 година, пред митингот што се одржа пред српскиот парламент во пресрет на кампањата „Иднината на Србија“.

БОСАНСКАТА АРМАДА ГЛАСАЧИ Е ПОДГОТВЕНА Таа е производ на сериозно подготвена мобилизација

Компанијата која се бави со „увоз“ на гласачи од српската влада, за 10 месеци добила 47 милиони евра!

На мобилниот телефон означен на апликацијата WhatsApp како број на Дане Шијан одговорил човек кој во телефонски разговор им рекол на новинарите на RSE дека е еден од сопствениците на компанијата.

Истата е основана на крајот на мај 2022 година во Белград. Во базата на податоци на Агенцијата за деловни регистри (АПР) нема веб-страница и телефонски број достапни на Интернет. Имала пет вработени во 2022 година, Еден месец подоцна ја предава сопственоста на компаниите UNIQUENESS GROUP LIMITED и MISTRAL INTERNATIONAL-FZCO од Обединетите Арапски Емирати (!), додека тој останува на директорската позиција. Основна дејност е давање услуги на безбедносниот систем.

Јавни набавки во вредност од над 5,5 милијарди динари, односно повеќе од 47 милиони евра, се доделени на оваа компанија како членка на групата понудувачи во периодот од февруари до декември годинава!

Освен фирмата во која Шијан е косопственик, во близина на Штарк Арена биле забележани и транспортни возила со босанско-херцеговски регистарски таблички. Во прашање се „ИН Турс“ од градот Рудо во близина на границата со Србија, како и „Куна Турс“ од Фоча, исто така од истокот на Босна и Херцеговина. „ИН турс“ е регистриран за превоз на патници и стоки од 2015 година. Сопственик на компанијата е Владимир Новаковиќ, а директор Марко Новаковиќ.

Марко Новаковиќ во ноември годинава беше избран за претседател на општинскиот одбор на партијата Народен фронт во Рудо. Претседателка на оваа партија е Јелена Тривиќ, која беше пратеник во парламентот на Република Српска. Во неговата политичка агенда, тој се залага за потпирање на Република Србија, на матицата, додека во Република Српска тој е главната опозициска сила во однос на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Милорад Додик. Значи и власта и опозицијата во Бања Лука е туто комплето за мобилизација за изборите во Србија.

ПАРОЛА НА БЕЛГРАДСКИОТ АСФАЛТ Граѓаните протестираат, но власта на Вучиќ е потврдена за наредните четири години

Во изјава за РСЕ, Марко Новаковиќ рекол дека неговите автобуси „веројатно ги носеле граѓаните во Белград да гласаат… бев со еден тим“, изјавил Новаковиќ во кусата телефонска изјава.

На прашањето дали автобусите отишле во Белградска Арена, Новаковиќ одговорил дека „тоа го знаат возачите“. Новаковиќ рекол и дека не знае колку автобуси има, ниту колку гласачи од Рудо. На прашањето дали Белград е првото место каде што граѓаните на Рудо кои имаат српско државјанство можат да гласаат, Новаковиќ одговори дека „немале никаде на друго место“. Инаку, растојанието меѓу Рудо и Белград е 316 километри. Најблискиот град во Србија до Рудо е Прибој, на само дваесетина километри.

Друга автобуска компанија која беше видлива на снимката направена за време на изборниот ден пред Штарк Арена е „Куна тури“. Овој превозник ги објавил своите слики од Белград на својата официјална Фејсбук страница.

Патнички превоз „Куна Турс С.П.“ е во сопственост на Његош Кунарац од Фоча. Претставникот на „Куна турс“ одговори на телефонскиот број од нивната Фејсбук страница. Накусо рекол дека возел, но потврдил и дека автобусите на оваа компанија биле во неделата на Арена. Сепак, врската брзо заврши.

„Во прелиминарниот извештај наведовме дека гласачите се донесени од други земји да гласаат на локалните избори во Белград, го забележавме тоа“, рече Алберт Џонсон, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ, на прес-конференција во Белград ден по изборите во Белград.

Целта на ова беше, како што обвинија опозициските сили, зголемување на бројот на гласачи на Српската напредна партија (СНС) на Вучиќ, која на изборите во 2022 година успеа да ја зачува власта во финансискиот и политичкиот центар на земјата со само два гласа во градското собрание. И тоа со помош на „прелетувачи“ кои сега ги има во редовите на партијата на д-р Несторовиќ од „НИЕ-гласот на народот“. Во својот говор за време на изборната ноќ, Вучиќ изјави дека „посебно е повреден од лагите кои беа упатени кон луѓето од Република Српска“.

Мирослав Алексиќ, во име на листата „Србија против насилството“, изјави дека оваа коалиција има информации дека се издадени 40.000 лични карти на луѓе кои не живеат во Белград за да учествуваат на градските избори. Алексиќ не даде попрецизни информации за изворот на податоците, ниту докази за тврдењето.

За гласање во Босна и Херцеговина во последниот изборен циклус во 2022 година, бројот на гласачи изнесувал 11.120, додека на неделните избори биле пријавени уште околу 400 граѓани со право на глас. Станува збор за гласачи кои гласаат во соседна земја, а бројот на оние со живеалиште во Белград не е официјално објавен.

Освен на избирачките места во Србија, гласачите кои имале право на глас и живеат во БиХ можеа да гласаат и на 19 избирачки места во самата БиХ. Но, би можеле да гласаат само за членови на Парламентот, а не и за пратеници во Градот Белград, како што направиле! Изборната комисија, едноставно, не го гледа тоа! Или поголем дел од Комисијата, пред чии порти сега се одвиваат жестоки протести.

ОБСЕ Сериозни прекршувања на фер постапката во гласањето на изборите а и пред тоа

Сцените од пресот на Вучиќ сe кадри за задоволство во Кремљ

Постојат многу теми поврзани со изборите во Србија. Новиот бран на незадоволство, па и шок кај либералната јавност на Полуостровот, секако не дозволува брзи заклучоци, иако некои позиции се сосема јасни.

Кремљ може само да се радува на она што сега постои како резултат, особено од одличните комуникации кои го положиле тестот на 17 декември. Босански автобуси, гласачи што ги обезбедила Република Српска и тоа и преку двете српски партии (владејачката и опозициската), организациите кои се подготвени да учествуваат во матни работи во Црна Гора – му се најдоа на Вучиќ при изборите; официјалната политика во Подгорица направи чекор назад со дозволувањето на просрпскиот сегмент да ги сопре прозападните тенденции и определувања!

Дали операцијата „Коњички скок“ на која предупреди ИФИМЕС пред две години се оствари, се прашуваат многу аналитичари?! Гледаме дека надворешните притисоци врз проруските партии не вродија со плод за исполнување на банален услов на Унијата за продолжување на преговорите со Унијата (втора фаза). Ретроградната опција, изведена со надворешни инструкции и со помош на внатрешните сили (десницата) во Македонија реализираше некои цели.

Заев си поднесе оставка, локалните избори беа катастрофални за владејачките партии, а и покрај успешното совладување на неколкуте сериозни кризи, како дел од светските трендови, екипата на Ковачевски е таа која треба да стрепи од својата позиција во јавното мислење!

Додуша, не е сè како во „Коњичкиот скок“. Дојде до судир и меѓу оние сили кои требаа да го вратат стариот премиер од Будимпешта и оние кои си ги чуваа партиските позиции, се измешаа некои бизнис интереси и дојде до делумна поделба на десното идеолошко – претприемачко крило во државата, но од аспект на Кремљ и на неговите стратези, позициите не стојат лошо! Еве една слика во подршка на таа теза.

„Интересно беше, на прославата на изборните резултати на Александар Вучиќ, да се видат Милорад Додик и Андрија Мандиќ… Не знам дали тој (Мандиќ) се изедначи со Додик таа вечер, но мислам дека граѓаните можеа да видат дека тоа било намерно или не, но дека тој (Мандиќ) е на списокот на луѓе кои Вучиќ многу јасно и лесно ги контролира и ги има како продолжена рака во разни држави, или делови од држави надвор од територијата на Србија“, вели аналитичарката Николета Ѓукановиќ за „Глас на Америка“ на српски.

Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, коментирајќи го присуството на претседателот на Парламентот на Црна Гора, Андрија Мандиќ, на конференцијата на која Александар Вучиќ ја прогласи изборната победа, рече дека смета дека „Мандиќ немал место во ниту еден изборен штаб во Србија и дека ова не е добра порака“. Впрочем, притисокот од Белград врз Подгорица и победничката партија на изборите („Европа сега“) ја вклучија српската опозиција во поделба на власта, веќе изгубена, го одложија пописот на населението и прифатија многу условувања во врска со тоа. Да не одиме понатаму. Од тој развој на ситуацијата не се задоволни ниту во НАТО, ниту во ЕУ.

Проширувањето на интересите на „руската земја“ (неодамна повторена и образложена дефиниција во последниот Путинов говор) на Балканот и убавото преклопување со „српската земја“ на Вучиќ, убаво се гледа во споменатата фотографија: Додик прв му ја честита победата на српскиот претседател со бакнеж пред камерите и застана во вториот ред на пресот, за да се види нивната блискост со Вучиќ кому, со прилив на гласачи, му ја врати победата на последните избори во Белград.

УНИВЕРЗАЛЕН ЧУВАР НА РЕЖИМОТ Екс-ракометарот Дане Шијан добил големи пари од државата за десет месеци

Тоа е враќање на долгот, откако претходно Додик имаше изгубени избори за претседателска функција во РС, но по напливот на нови контингенти од преку Дрина ситуацијата битно се поправи и тоа во избори што траеја наместо до 8 часот навечер, до 3 часот следниот ден наутро! Да се добројат новодојдените гласови… Додик, зорле победникот, останува најверен Путинов протагонист и постојано (до 101 и назад, што се вели)  го блокира патот на БиХ кон Европа и НАТО. Дојде време, па и Додик му возврати на Вучиќ.

Белградскиот притисок вроди со плод во Подгорица, На Македонија и се закануваат познати сили и од внатре и од надвор кои имаат свои пипала со Москва, без сомнение… Што вели Мицковски, на свој начин „до 101 и назад“ или – ако треба инает и 100 години ќе минат, ама нема  давлеземе во ЕУ. Впрочем, од под шинелот не излегува ниту грам демократија, смисла за општа добробит, толеранција и развој на демократските институции. Само се наѕира заробена држава, која еднаш и ние ја вкусивме и која како медуза сè уште нè дави со својата долготрајна токсичност. (ЦивилМедиа)

Треба да знаете
Moже да ве интересира