Бонд е избран, сега лусксузните брендови се борат за место покрај него

Најавата дека британскиот актер Роберт Патинсон е новиот Џејмс Бонд започна трка меѓу светските луксузни брендови за пласман на производи во претстојниот филм на студиото Амазон МГМ, објави Ројтерс. Производителите на часовници, автомобили, облека и пијалаци повторно се борат за место покрај најпознатиот филмски таен агент, повеќе од шест децении по премиерата на првиот филм за 007.

Четириесетгодишниот Патинсон ја презема улогата по завршувањето на ерата на Даниел Крег во 2021 година со филмот „Нема време за умирање“. За време на неговото толкување на ликот, Крег носеше часовници на швајцарскиот бренд Омега, возеше автомобили Астон Мартин и носеше одела од модната куќа Том Форд.

Според експертите за маркетинг и пласман на производи, првиот филм за Бонд под капата на Амазон МГМ Студиос и во режија на Дени Вилнев отвора ретка можност за промена на едно од највредните рекламни портфолија во филмската индустрија.

Основачот и извршен директор на агенцијата Хил Вали, Ерик Небо, кој работеше со швајцарскиот производител на накит Шопар на претходниот филм, оцени дека Џејмс Бонд зазема посебно место во брендирањето. Тој посочи дека ликот на Бонд е филмска икона делумно изградена преку облеката што ја носи, брендовите што ги користи и пијалаците што ги нарачува.

Објавувањето на Патинсон за нов Бонд, при што актерот се појави без часовник на раката, предизвика силни реакции во холивудската индустрија за пласман на производи. Извршниот директор на агенцијата Медијаплејсмент, Брит Џонсон, изјави дека изборот на Патинсон нуди многу простор за работа поради неговата популарност кај машката и женската публика од различни генерации, од филмовите „Самрак“ до „Бетмен“.

Посебно внимание привлекува пазарот на луксузни часовници. Патинсон од септември е глобално заштитно лице на швајцарскиот бренд Јегер-Лекултр, кој е во сопственост на групацијата Ришмон. Овој договор би можел да донесе судир на интереси со Омега, дел од групацијата Своч, која е официјален часовник на Џејмс Бонд уште од 1995 година и филмот „Златно око“ со Пирс Броснан. Во постарите филмови и во оригиналните романи на Ијан Флеминг, агентот 007 носеше часовници Ролекс.

Коосновачката на агенцијата СМГ Ентертејнмент, Ен Бискин, оцени дека категоријата на часовници ќе биде најголемиот предизвик за решавање. Таа додаде дека брендовите вклучени во претходните филмови веројатно имаат право на првенство при преговорите за враќање во франшизата.

Паралелно со часовниците, промени се можни и во модниот сегмент. Патинсон повеќе од една деценија е амбасадор на француската модна куќа Диор, која е дел од групацијата ЛВМХ. По објавата за новата улога, Диор упати јавна честитка до актерот преку социјалните мрежи, што според познавачите на индустријата отвора простор францускиот бренд да се обиде да го замени Том Форд, кој ги изработуваше оделата за Бонд од 2008 година.

Од Омега и Астон Мартин одбија да дадат коментар за идните планови, додека Јегер-Лекултр и Том Форд не одговорија на новинарските прашања на Ројтерс. Од Амазон МГМ Студиос соопштија дека е прерано да се зборува за можни комерцијални партнерства.

Познавачите на индустријата нагласуваат дека постојните рекламни договори на Патинсон нема автоматски да се пренесат во филмот. Конечниот збор за тоа кои брендови ќе се појават на екранот ќе го имаат продуцентите и режисерот Дени Вилнев.

Со оглед на тоа што Вилнев и Патинсон се познати по повоздржан и уметнички пристап кон филмот, маркетинг експертите очекуваат помал број на комерцијални партнерства во споредба со стандардните холивудски блокбастери. Ерик Небо изјави дека парите нема да бидат пресуден фактор во новиот филм и дека изборот на часовникот и другите детали ќе зависи исклучиво од приказната и визијата на Вилнев.

Следниот филм за Џејмс Бонд се очекува во кината во 2028 година, седум години по последното продолжение на франшизата, која започна во 1962 година со филмот „Д-р Но“.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?