На жените им треба заштита, претседателке Сиљановска-Давкова, како ќе помогне „галерија на насилници“?

Сиљановска-Давкова

Во Народната канцеларија да се изложуваат фотографии на насилници. Ова е идејата што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја спомена одговарајќи на прашање дали ќе побара законското решение за заштита од родово базирано насилство да биде ставено на дневен ред во Собранието.

Самата ја нарече „бизарна идеја“, размислувајќи како да се сензибилизира јавноста.

Прашањето беше конкретно: дали ќе побара Собранието да постапи? Одговорот требаше да покаже како претседателката ќе ја употреби својата позиција за да придвижи нешто што чека институционална одлука.

Наместо јасно барање за итна собраниска расправа, слушнавме предлог за заедничка средба и размислување за изложување фотографии. Претседателката понуди да ги собере пратениците, институциите, експертите и граѓанскиот сектор, оценувајќи дека досегашните мерки не дале доволно резултати. Таквата средба може да биде корисна, но само ако заврши со конкретни обврски, рокови и следење на исполнетото.

Сиљановска-Давкова зборува од функцијата претседателка на државата. Таа има институционална позиција, можност за директен разговор со носителите на власта и јавен авторитет што носи политичка тежина. Нејзиниот ангажман треба да се мери според тоа како ги употребува тие можности.

За да побара итно постапување, не ѝ е потребна дополнителна надлежност. Може да го повика претседателот на Собранието јавно да објасни зошто законските измени чекаат и кога ќе бидат разгледани. Може да ги покани претставниците на сите парламентарни партии и да побара заедничка поддршка за поефикасна заштита на жените.

Чекањето веќе бара објаснување. Законското решение е поднесено во август, а сè уште не е ставено на дневен ред. И на 17 ноември пратеничката Јована Тренчевска побара итно разгледување на измените, посочувајќи дека чекаат од август.

Претседателката може јавно да побара: веднаш отворете ја расправата, кажете што е спорно и определете датум за одлучување. Ако предложените решенија имаат недостатоци, тие треба да се разгледаат со стручната јавност и организациите што работат со жртвите. Нивното доработување треба да има јасен рок.

Може да се обрати и на протест против насилството врз жените. Да ги слушне барањата на жените и семејствата, да застане зад потребата од итна заштита и јавно да ги повика партиите на поддршка за поефикасни законски мерки и соодветни санкции. За построги казни треба да се разговара врз основа на стручна процена, а истовремено да се бара постојните мерки навремено и доследно да се применуваат.

Таквото обраќање би добило вистинска тежина ако по него следуваат конкретни разговори со надлежните и јавно следење на договореното. Сиљановска-Давкова може да праша што е преземено, што останало неисполнето и кој ја презема одговорноста.

Може јавно да ги повика институциите на побрза реакција по пријавите, навремена процена на ризикот и доследно спроведување на мерките за заштита. Може да побара надлежните да ги испитаат пропустите и да ја утврдат одговорноста. Тоа може да го направи со целосно почитување на независноста на судството и обвинителството, без да наложува исход на конкретни предмети.

Сето ова е простор за дејствување што претседателката може да го искористи веднаш. За покана до партиите, јавно барање до Собранието или разговор со жените што протестираат не е потребна промена на Уставот. Потребна е одлука прашањето да се постави високо меѓу нејзините приоритети и таму да остане додека не добие конкретно постапување.

А како во тоа ќе помогне „галерија на насилници“ во Народната канцеларија? Во пренесената изјава нема објаснување како изложените фотографии би спречиле напад или би обезбедиле побрза заштита. Претседателката и самата рече дека јавноста веќе е сензибилизирана и дека проблемот е подлабок.

Жената што пријавува закани треба да знае кој ќе ја заштити денес. Жената што не смее да се врати дома треба да има безбедно сместување. Мерката за забрана на приближување треба да се спроведува, а нејзиното прекршување да предизвика навремена реакција.

Претседателката може да ги постави овие прашања пред надлежните и да инсистира на одговори. Може да ги повика партиите на договор, Собранието на итно разгледување на законските измени и институциите на одговорно постапување. Првата таква иницијатива може да ја преземе веднаш.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?